Години наназад Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп работи на полето на спречување на семејното насилство или правна и психолошка помош на жртви од семејно насилство. Во активностите на ЦГИ покрај тимот вклучени се и претставници од Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа – Прилеп, СВР – Прилеп, Здравствен дом, правници, психолози, новинари и други професионалци.
За одбележување е отвореноста на локалните институции за соработка од една страна, и информациите дека секоја година бројот на лица на кои им се поамага е поголем. Дали е тоа резутат на поголемо семејно насилство или на поголема храброст за пријавување на истото. Но што всушност претставува семејното насилство?
Семејното насилство е феномен кој ги подрива вредностите на демократското општество. Семејството како основна општествена заедница и како извор на емоционална, социјална и на материјална поддршка за неговите членови, честопати може да се претвори во насилничка средина во којашто длабоко се повредуваат членовите на семејството и нивните човекови права. Стереотипот за семејното насилство како тривијално, ситно дело, е директно спротивен со резултатите добиени од многу истражувања дека жртвите на семејно насилство се подложени на многу поголемо насилство од жртвите на друг вид на насилнички криминал.
Семејното насилство не може ексклузивно да се поврзе само со општествени или само со психолошки фактори. Не постои едноставно објаснување за причините за семејното насилство. Ниту, пак, може да се издвои една специфична група во општеството за која што може да тврдиме дека го создава проблемот. Напротив, феноменот на семејното насилство е присутен во сите сегменти на општеството, без исклучок.
Македонското општество го карактеризира патријархална структура, што доминантно ги определува нееднаквите односи на моќ меѓу мажот и жената. Традиционално воспоставената родова матрица на машки и женски улоги, доминантната улога на мажот на една страна и инфериорната положба на жената на друга страна, како и општествената перцепција за легитимноста на моќта на мажите, ја определува положбата на жената во семејството и семејното живеење.
Анализирањето на појавата на семејно насилство упатува на општ заклучок дека, ниту по видовите на насилство, ниту по интензитетот и динамиката, овој вид на насилство не претставува изолирано или завршно дејствие.
Семејното насилство е кривично дело. Секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби. Насилството во домот ја нарушува безбедноста и мирот, ги погодува децата, жените, старите и останатите членови во семејството. Се уште многу луѓе страдаат во сенка, незнаејќи за своите права и помошта која може да ја добијат од страна на релевантните институции.
ЦГИ години наназад со низа на локални со кои соработува, и тоа повеќе во руралните средини работи на подготвка на Акцион план за заштита и спречување на сите облици на родово базирано насилство врз секоја жртва. Поместувањата кои се направени во руралните општини каде денес слободно се зборува и пријавува семејното насилство се потврда за успешни проекти од една страна и за зголемена свест на граѓаните од друга страна.
Тимот на ЦГИ и денес им помага на жртвите на семејно насилство.
Автор : Центар за граѓанска иницијатива Прилеп.