ВИДЕО – Граѓаните се повеќе своите приватни архиви од документи и фотографии ги донираат на прилепскиот архив


Се повеќе граѓани своите приватни колекции и архиви, од документи, фотографии и предмети ги донираат на прилепскиот архив. Документи и фотографии за Народниот херој Рампо Левката, сите признанија на борецот од НОБ Димче Дабовски, стари документи за прилепската чаршија од семејството Клисароски, документи за Душко Наумоски, човекот кој го уби стражарот на бугарскиот Участок и го започна востанието на 11 октовмри 1941, се само дел од најновите материјали донирани на архивот со кои се збогатува и докомплетира нашата историја.

„Со голема доверба ги предаваат документите до архивот за да ја збогатиме нашата документација која ќе послужи за нашето културно богатство, за историјата, за значењето на Македонија, а со тоа ги дополнуваме и сите информации кои ни недостасуваат во било кој поглед во историјата. Всушност го создаваме мозаикот на комплетност на документација преку тие фондови и ова нека биде апел до сите кои поседуваат оригинални документи кои се значајни за нашето општество, за нашиот идентитет нека повелат, нека ги подарат на државниот архив, а ние посветено, сериозно, ќе ги обработиме и чуваме во нашите депоа“, изјави Елена Чагороска, директор на прилепскиот архив.

Денеска по повод 66 годишнината од прилепскиот архив Ставре Шапе од Крушево донираше голем број фотографии, меморари и документи за неговиот дедо, војводата Никола Шапрдан.

„Ваквите фотографии кои се од големо национално и културно значење за Македонија се со цел да му овозможат на нашите генерации да не заборават за револуционерите, луѓето и настаните кои придонесле за сегашноста што ја живееме во самостојна и независна држава. Овие материјали во иднина може да ги искористат и идните истражувачи на Илинденската епопеја и Крушевската република и да создадат нови научни трудови за незавиноста на Македонија“, додаде Ставре Шапе, донатор на материјали во прилепскиот архив.

Марија Белакапоска пак, внука на Слободан Михајлоски, познат прилепски уметник, донираше негови слики и материјали поврзани со него.

„И ова да бидие поттик да ги даваат личните предмети, за личности кои што дале свој придонес за градот Прилеп, од областа на медицината, културата, уметноста, спортот, образованието, науката. Сакам да изразам голема благодарност кон директорот Емил Крстески и раководителот Елена Чагороска, за транспарентност и отвореноста како кон институциите така и кон поединците за меѓусебна соработка. Државниот архив претставува чувар на културното и историско богатсво на земјата. Сопругата Благородна и семејството Михајлоски и сестрата Паце и семејството Расолкоски несебично ги даваат личните податоци и уметничките дела на нивниот Данче“, рече Марија Белакапоска, донатор на материјали во прилепскиот архив.

Архивот од Прилеп се надева дека во 2022 година ќе ги збогати своите документи преку вакви приватни архиви особено за Илинденскиот перод кои доследно ќе сведочат, за нашата историја, култура и традиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи