Досега се откупени над 15 милиони килограми, а договори откупувачите имаат склучено за 22 милиони килограми, но тутунарите велат дека нема да се исполнат овие очекувања затоа што годинава родот бил намален. Просечната цена според државниот земјоделски инспекторат била 194 денари со која тие не биле задоволни.
„Ние како тутунари со таа цена не сме задоволни затоа што многу се покачија трошоците за живот, како и репроматеријалите и затоа за наредната сезона ги повикувам сите тутунари и сите заинтересирани страни во тутунопроизводството да се обединиме, да застанеме заедно за да се покачат цените по класи. Инспекторатот е на терен, многу ретко некаде има забелешки, претежно се откупува без поголеми забелешки“, истакна Менде Стомароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.
Од Сојузот на земјоделски здруженија велат за да нема во иднина повеќе незадоволство кај тутунарите, протести и разни обвинувања потребно е итна измена на Законот за тутун во делот каде поголеми права ќе му се даде на Сојузот при договарањето и утврдувањето на цената на жолтото злато.
„Бараме прво до Министерството со самите измени на Законот да имаме поголеми ингеренции како Сојуз околу формирањето на цените, измена на правилници и слично за да можеме ние да бидеме главни учесници во измените. Затоа што со постоечките правилници и закони при пазарна економија и со приватни компании, ние не можеме да делуваме многу. Затоа ние ќе бараме да се изменат делови од законот за да можеме ние да интеревенираме и додека Сојузот не даде согласност за потпишување на договори компаниите да не можат самостојно, како што беше досега, да си потпишуваат договори“, додаде Стомнароски.
Инаку според тутунарите ако се продолжи со оваа динамика на откуп, тутунот ќе бил откупен до средината на февруари.