Најголема и последна цел на човечкиот живот е нашето спасение. Спасението, според христијанското учење се достигнува со победување на грешната немоќ, ослободување од ропството на гревот; спасението се состои во оправдување пред Бога и во наследување на Царството Божјо – вечниот и блажен живот во Бога и со Бога. Во име на тоа спасение, Христос, воплотениот Син Божји дојде на земјата (Матеј 1: 21; Лука 19: 10) и со Својата доброволна смрт нè искупи (1. Петр. 1: 18; Откр. 5: 9). Во таа смисла Христос е наш Спасител и Искупител (Лука 2: 11; Јован 4: 42).
Во делот на нашето спасение потребно е и лично да учествуваме, бидејќи без наш напор, не е можно да се спасиме. Токму за овој наш дел во учеството за спасението се зборува во денешното евангелско четиво, кога Господ Исус Христос нè повикал со зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Марко 8: 34). Од овие Христови зборорви согледуваме дека пред нас се поставени три суштински барања: да се одречеме од себе, да го земеме крстот свој и да одиме по Христа.
Самопожртвуваноста е основно евангелско барање од нас. Во друга прилика Господ Христос рекол: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10: 38). Христијанскиот живот се состои во целосно и самопожртвувано одење по Христа, односно, во исполнување на Неговите спасоносни барања. Во денешно време и, воопшто, во животот, да се оди по Христа, да се оди по Нговиот пат на доброто, да се остварува Неговиот морален идеал во просторно – привремениот свет, воопшто не е лесно. За да се оди по Христа не е доволно само да се одречеме од самите себе. Освен ова, потребно е да сме подготвени на секаква жртва, па дури и да се жртвуваме себе си заради остварување на возвишените начела на Христовиот морален идеал. А токму таа пожртвуваност можеме да ја потврдиме со смиреното носење на својот крст, односно, со сите неволји, тешкотии и жалости кои нè сретнуваат во животот. Не е можно да се оди по крстоносецот Господ без својот личен крст. Сите кои одат по Христа задолжително одат со својот крст. Таквиот животен крст, исполнет со секакви секојдневни неприлики, толку многу е сраснат со вистинскиот христијанин, така што, таму каде што е христијанинот, таму е и крстот, а каде што го нема тој крст, таму нема ни вистински христијанин. Според зборовите на големиот руски подвижник, свети Теофан Затвореник, „Олеснувања од секаков вид и живот во утехи не приличат на вистинскиот христијанин. Христијанинот е како болен човек врз кого треба постојано да се извршуваат операции, а потоа да се прават редовни преврски, а зарем сето тоа може да помине без болка? Христијанинот сака да се избави од ропството на силниот непријател, а зарем тоа може да помине без борби и рани? Христијанинот е должен да оди спротивно на целиот светски поредок кој го опкружува, а тоа не може да се изврши без неприлики и тешкотии! Затоа, да се радуваме што го чувствуваме крстот врз себе, бидејќи тоа е знак дека одиме по Господа, по патот на спасението, во рајот. Затоа, да истрпиме уште малку, зашто крајот ќе дојде брзо, а потоа следуваат (победничките) венци!“
Сознанието дека секој има свој крст е добро и спасоносно за животот на православните христијани, но стравот кај секого дека неговиот крст е најтежок, го прави животот тежок, па дури и очаен, па наместо христијански јунаци и подвижници, имаме морални инвалиди и духовно слаби личности. Добро да размислиме! Зарем е можно, Господ Бог да ни додели тежина, која не сме во состојба да ја носиме? Никогаш! Господ Бог ни дава крст, кој можеме да го носиме. Неговата тежина единствено ја одредува Бог, и тоа само од љубов кон нашето спасение, или со други зборови кажано, Бог ни предава крст кој постојано нè потсетува на својата душа и на Творецот – Бог. А ние, пак, само ако сакаме, можеме да го направиме својот крст да биде лесен, многу лесен – потребно е храбро да го подигнеме крстот на својот грб, со цврсто убедување дека смирено и храбро ќе го носиме. И нема да помине многу време, а ние ќе ја почувствуваме татковската грижа на Небесниот Отец за сите нас. Тогаш ќе го сфатиме своето страдање, својата борба против искушението и злото. Тогаш зад својот крст ќе го здогледаме божествениот лик на Спасителот Господ и ќе ја почувствуваме Неговата милостива десница. Штом ќе достигнеме толку висок степен на духовно напредување кон Христа, ќе исчезне сиот страв и секоја помисла на тежината на својот крст. Тој ќе постане не само лесен, туку и скапоцен украс на нашиот живот.
Како што има телесно мртви луѓе, исто така има и духовно – морални мртви. Тоа се они кои се одрекле од Христа. Нив да ги препуштиме на мајчинската грижа и молитвите на светата Црква. Да се задржиме за момент на оние, кои сакаат да одат по Христа: едни ги притиснала бедата и сиромаштијата; втори – староста и телесната немоќ; трети – душевната мака и болеста на телото; четврти – болка и тага по своите изгубени најмили; петти – незапирлива желба за богатење и уживање; шести – славољубие и властољубие; седми – грижа да се одговори на сите свои должности итн. Секој од овие на својот грб носи тежок, многу тежок крст! Но, да знаеме дека најтешкиот крст е кај оние, кај кои не е згасната желбата за спасение, но толку многу се обременети со тешки гревови и страсти, па едвај се разликуваат од нехристијаните.
Токму во деновите на велигденскиот пост, светата Црква посебно мисли на христијаните, кои го сфатиле значењето на нејзината задача во овие тешки денови, кои ги исправиле своите мисли кон Бога, своето срце кон Небото, својата волја ја покориле на Божјата волја и кои се свесни за носењето на својот крст. Секојдневниот живот ни укажува на тоа дека, да се направи зло е лесна работа, но опасни се последиците од злодејствието; додека, пак, да се направи добро е многу тешко, но затоа пак, последиците се благотворни. А кога е тешко да се прави добро, тогаш е разбирлива тешкотијата на животниот пат и тежи- ната на крстот, без повикување на помош на силата на Голготскиот Крст.
Ако со себеодрекувањето и со самопожртвувањето ние смирено го понесеме својот крст, треба да знаеме дека не се одрекуваме од своето човечко достоинство. Напротив, одејќи по патот на подвигот на себеодрекување и низ напорот на самопожртвување, ние го зацврстуваме своето човечко достоинство и стигнуваме до вистински духовен и морален живот. Тоа е патот по кој се стигнува до богоподобно совршенство и блажена вечност. Достоинството на човекот се состои во тоа, да не робува на своето тело, туку да го претвори во орудие на својот дух за извршување на добрини, орудие за служба на Бога.
Човечкиот живот е Божји дар и има величенствена вредност. Тој заслужува да се живее токму со носењето на својот крст и постојано да биде зацврстуван и овековечуван со напорна и мажествена борба со злото и неговите последици. Бидејќи ние сме создадени за продукттивна и творечка дејност за лично усовршување и за добро на ближните, ние никогаш не треба да дозволиме до нашето срце да допре малодушноста и очајанието. Затоа постојано треба да ги паметиме зборовите на премудриот Соломон: „Не забрзувајте ја смртта со заблудите на животот свој; не навлекувајте си пропаст со делата на вашите раце“ (Мудр. Сол. 1: 12).
Одрекувајќи се од себе. земајќи го својот крст и тргнувајќи по Христовиот пат, да ги поминеме преостанатите великопосни денови во самопожртвуваност и себеодрекување. Поклонувајќи се денес на Христовиот Крст, во оваа света Недела, наречена Крстопоклона, да го земеме и ние својот крст како доброволен спасителен товар, да се распнеме заедно со Христа, за да можеме да земеме учество во крајната радост и во Неговото славно Воскресение. Амин!
протоереј Златко Ангелески