Да се вози точак е една од наједноставните и најрадосните активности, но тоа не значи дека не е неопходна едукација.
„Секојдневно среќаваме луѓе кои со децении користат велосипед, но возат од лева страна на улицата и нè доведуваат во опасност нас кои возиме правилно, од десно. Не даваат сигнали и непредвидливо се однесуваат. Но сообраќајната едукација нема само да нè дисциплинира нам, нема да помогне само велосипедистите да се однесуваат побезбедно во постоечките лоши услови, туку на сите граѓани ќе им даде вештини и сознанија за подобри услови и ќе ги збогати со информации кои ќе им помогнат да се изборат за такви услови. Повеќе луѓе кои знаат за ефектите од сите типови сообраќај кон природата, здравјето, безбедноста… ќе значи и повеќе луѓе кои ќе бидат повнимателни во изборот на превоз и во односот кон другите учесници во сообраќајот.
И додека условите навистина не се безбедни за да поканиме мали деца да одат сами со точак на школо, сепак треба да ги научиме на вештините на управување со нивното прво возило и на правилата за учество во сообраќајот. На областите инфраструктура и култура мора паралелно да се работи. Ако чекаме инфраструктурата да стане совршена за да вметнеме повеќе сообраќај во образованието, тогаш ќе нема кој да ја користи. И обратно. Ако ги учиме децата на добро сообраќајно однесување, на користење велосипед, на почитување на правилата, а во стварноста инфраструктурата не се подобрува, тогаш го имаме вистинскиот проблем кој се бориме да го решиме.
Секоја сериозна национална и локална власт во ера на климатски промени треба да донесе национална и локална стратегија за поттикнување на активниот и незагадувачки транспорт (пешачење и возење велосипед). Една од областите низ кои таа стратегија треба да се спроведе е образованието. Предшколско вело-образование преку игра, на забавен начин за децата. Децата да ги совладаат вештините за користење на точакот, да одржуваат рамнотежа, да закочат и пред се да уживаат. За ова да се спроведе потребни се дворови на градинките ослободени од моторен сообраќај, не е неопходен фиксен полигон туку мобилни елементи. Прво низ игра, а теоријата ќе следува подоцна. Сообраќајно образование на деца во основни и средни школи. Теоретски и практични вежби со велосипед како превозно средство кое може да го возат и кое треба да продолжат да го возат и после детските денови. Потребни се означени велосипедски полигони, после чие совладување со менторство на учители би се излегло и во реален сообраќај. Мултимодално образование во авто-школите. Ставање во улога на пешак и велосипедист на идните возачи“, велат од ПрилепНаТочак.
Во среда, во 19 часот Критична Маса 76 тргнува од плоштадот Александрија. На 1-ви септември започнува новата учебна година, затоа сите да се избориме за подобри и побезбедни услови за нашите најмали, побезбедно да пристигнуваат до своите училишта #НаТочак.