Услов бугарската Влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија е Северна Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања, вели новиот бугарскиот амбасадор во Вашингтон Георги Панајотов во интервју за Гласот на Америка.
Според него, мешовитата комисија составена од македонски и бугарски историчари ќе мора да ги реши сите периоди од заедничката историја пред Северна Македонија да влезе во Европската Унија.
„Одлуката на нашиот парламент утврди правно обврзувачки услови за секоја бугарска влада да го поддржи секој иден чекор во процесот на проширување, вклучително и отворање/затворање на поглавјата од acquis. Овие услови се Северна Македонија целосно да гарантира еднакви права како на другите нејзини граѓани и на своето бугарско население, вклучително и преку релевантните уставни амандмани и целосно да ги спроведува одредбите од Договорот од 2017 година и неговите протоколи. Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективното, научно толкување на заедничката историја на двете земји. Во текот на изминатите неколку години, Комисијата постигна неколку важни препораки. Имплементацијата на овие и на сите идни препораки во двете земји е од клучно значење за надминување на штетните стари стереотипи и национални предрасуди и за изградба на иднина на взаемна поддршка и разбирање. Работата на Комисијата за сите периоди од нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ и оваа заложба е дел од Протоколот од јули 2022 година“, рече Панајотов.
Тој додава дека штом ќе се реши историското прашање, проблемот со јазикот нема да може да го наруши односот меѓу двете држави.
„Во текот на претходните векови, огромен број Бугари го оставија своето јазично и литературно наследство на она што денес е територија на Северна Македонија. Да се тврди дека нивниот идентитет и дело сега се само дел од македонското наследство и дека бугарскиот јазик што го користеле е македонски јазик е чин на културно присвојување. Овој чин го повредува правото на самоидентификација на Бугарите не само во историски контекст. Потомците на креаторите на ова јазично и книжевно наследство, кои сега живеат, и во Бугарија и во Северна Македонија, се огорчени од она што го сметаат за обид за етничка асимилација. Јазичното прашање е цврсто проткаено со историското прашање. Штом ќе постигнеме договор за историското прашање, сигурен сум дека ниту едно лингвистичко прашање нема да ја наруши нашата врска“, истакнува бугарскиот амбасадор во САД.