Во градската библиотека во Прилеп се реализираше завршната активност на интеррелигиската школа која што ја организираше СТАНИЦА П.Е.Т. а на која беа изложени 17 уметнички творби на граѓански организации и религиозни групи кои беа дел од проектот „Организирање на заедницата за зголемување на меѓурелигиската комуникација и толеранција“ чија цел беше поголемо зближување и запознавање на припаднците на различните религиозни групи од Општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани.
„Потребата за организирање на една ваква активност се појави како резултат на нашата работа во која што идентификувавме дека во последните години она што е карактеристично за нашите општества, а посебно тука во нашите општини Прилеп, Кривогаштани и Долнени е една растечка затвореност на различните религиозни групи, многу слаба комуникација помеѓу нив, а сето тоа секако е резултат и на слабото организирање на заеднички активности, но и на бројните дезинформации и лажни вести кои се шират. Тоа создава нетрпеливост, нетолеранција помеѓу различните религиозни групи и ги затвора во себе си, значи тие многу малку соработуваат и комуницираат едни со други“, истакна Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп
Проектот е поддржан од Националниот демократски институт од САД.
„Владата на САД преку својата амбасада тука во Скопје е горда и ѝ е чест што може финансиски да поддржи една ваква програма и еден ваков проект, во случајот станува збор за градење на меѓуверските односи преку уметност, преку култура и подобрување на меѓуверскиот дијалог“, рече Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата на САД во Македонија.
Учесниците кои беа дел од интеррелигиската школа и овој проект велат дека ваквите настани многу помагаат за поголемо запознавање на различните религиозни заедници кај нас и намалување на нетолеранцијата.
„Да се зголеми со тоа што ќе се организираат вакви настани повеќе и ќе бидат присутни лица од различна вероисповест и институции“, вели Нури Дервишоски, секретар во Тризла Џамија при Религиозна група „Ехли Суннет Вел Џемат“ Прилеп.
„Научивме како да комуницираме меѓу себе и како да се разбереме, како да ги прифатиме различностите помеѓу себе и како помеѓу себе да зборуваме за истите без притоа да употребуваме конфликтни зборови и да навлегуваме и да ги избегнуваме конфликтите кои што се случуваат помеѓу нив“, кажа Христина Здравеска, учесник интеррелигиската школа.
Препораката е Општините повеќе да ги вклучуваат претставниците од религиозните групи во своите активности, бидејќи нивниот потенцијал може да придонесе кон подобрување на животот во локалните заедници.