Дали годинава државата конечно ќе оддели средства за да се изработи проект за заштита, реставрација и конзервација на црквата и трпезаријата кои потекнувата од 13 век треба да се знае во наредниот 1 месец. Стручен тим од Заводот и Музеј Прилеп, домашни експерти, како и еден од најголемите стручњаци за оваа област на Балканот, грчкиот професор Алвалидис Препис, веќе извршиле увид при што било утврдено дека прво што треба да се направи е да се реши проблемот со влагата која неколку децении го уништува фрескоживописот и ѕидовите од црквата прти што постои опасност од нивно уривање.
„Двата проекти кои ни се поднесени се однесуваат на заштита од тој аспект, од хидрогеолошки и геолошки аспект на црквата, а тек потоа да почнеме со реставрација и реконструкција на кровот на црквата, тремот, олтарот“, изјави Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.
Дел од фреските се неповратно изгубени, а за да не урнат некои ѕидови од црквата тие се привремено заштитени со потпори, а привремено за да не влегува вода внатре црквата е заштитена со дрвено скеле со пластики. Токму затоа ова се последните моменти за сериозен пристап пред да се случи вистинска катастрофа со уривање на самиот храм.
„Верувам дека со ангажираност на сите, посебно стручните лица во Завод и музеј Прилеп и стручените лица кои ги ангажираме во проектот, ќе излезиме и ќе бидеме на прав пат. Крајно време е да ја завршиме таа постапка со која верувам дека секој од нас во Прилеп ќе се гордее дека би почнале нешто и да не дојдеме во ситуација едно такво културно добро во опасност да не профункционира“, додаде Цветкоски.
Друг проблем е што иако во 2021 се обновија опожарените конаци, за нив нема технички прием и не може да се примаат гости, бидејќи се уште не е израден водоводoт за манастирот.