Се изработи првата пост-пенална програма за ресоцијализација на осудени лица во Македонија како дел од проектот на Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп кој што е финансиран од ЕУ. Во затворот во Прилеп ќе се отворат браварска и ИТ работилница каде осудените лица ќе се обучуваат за да после издржувањето на казната затвор веднаш најдат работа. Освен периодот кога осуденото лице е во затвор, програмата опфаќа и одреден период кога лицето ќе излезе надвор.
„По однос на лицата кои имаат сопствени вештини или идеи ќе им биде овозможено грант за самовработување за да по издржувањето на казната да можат да отворат сопствен бизнис. Исто така на лицата му се овозможува период на прилагодување каде во период од 3 месеци ќе им биде обезбедено сместување, како и плаќање на основните трошоци кои ќе ги имаат за тој период од 3 месеци“, изјави Талија Петреска, експерт за пост пенална програма за ресоцијализација на осудени лица.
Со осудените лица работи и психолог.
„Два месеци пред истекот на казната се започнува со таа индивидуална програма, психолошка процена, процена на семејните врски, работните интереси, вештини, состојба на домување, финансии. Со овие психо-социијални интервенции се продолжува и во надворешната средина каде се работи не само со лицето туку и со неговото семејство за зајакнување на тие семејни врски“, кажа Гордана Мојсоска, дипломиран психолог.
Веќе се пријавиле неколку компании од Прилеп кои сакаат да бидат дел од овој проект и кои сакаат да вработат вакви лица.
„Во овој сектор се вклучуваат повеќе компании кои го поддржуваат овој проект, со таа цел ние ќе овозможиме повеќе вработувања во областа во која ќе се обучат овие осудени лица“, додаде Маја Илиеска, приватен сектор.
За спроведување на проектот се формираше тело, во кое членуваат претставници од затворот во Прилеп, Центарот за социјална работа, НВО и приватниот сектор.