ВИДЕО – Пафти, прстени, колани, чапрази, копци, обетки – врвни дела на прилепските кувенџии


Трговијата и занаетите биле главните белези на Прилеп во 19 и првите децении на 20 век. Помеѓу нив бил и кувенџискиот или кујунџискиот занает. Прилепските кувенџии биле под големо влијание на битолските, но сепак имале и сопствени карактеристики и белези. Основата на кујунџиството е изработката на накит, кој бил составен дел на машката и женската носија.

Таков специфичен дел од накитотот е пафтата. Која во прилепскиот музеј може да се види изработена во неколку варијанти, во зависност од тоа кое влијание било поприсутно во периодот кога се правела пафтата. Таа е дел од накиотот кој се носел на женскиот колан.

Пафтите се составени од 3 дела, назад се поврзуваат на коланот и биле составен дел од женската носија, претежно на свечената женска носија. Значи пафтата ја давале свекорот или свекрвата, младите девојки не смееле да носат пафти на своите свечени облеки и така се знаело дека тие уште не се мажени, а другите дека се мажени. Карактеристично е тоа што тие се изработени од сребро, сребрено злато, легура од сребро и легура од злато и дел од месинг“, вели Горан Цветкоски, етнолог.

Пафтите се носат најмногу до крајот на 19 и почетокот на 20 век и биле вистински ремек дела на вредните уметнички раце на прилепските кујунџии. Секој кувенџија си ставал белег на пафтите, како во многу прилепски други занаетите, за да се знае кој мајстор истата ја изработил. Друг интересен накит кој освен пафтите го изработувале кувенџиите се прстените. Имало машки и женски прстени. Разликата помеѓу нив била во големината.

Овие големи прстени се наречени толовати, столоватни прстени кои ги носеле побогатите, чорбаџиите, порепрезентативните граѓани во градов и со тоа се одликувале и го покажувале тој сталеж на живеење, на кој начин живееле. Додека женските прстени се малку помали, но и тие го отсликувале начинот на живеење. Гледате прстенче каде има сребрени парички, тие парички паѓале долу, значи колку се побогати со парички, толку побогата невестата. Цел живот, во своето растење собирала мали парички, сребрени или посребрени и таа не смеела да ги даде на друг, не смеела да ги изложува се додека не се омажи, затоа што со паричките, оние сребрени монетчиња го покажувала нејзиното достоинство, нејзината чест, нејзиниот развој во животот“, додаде Цветкоски.

Тука се и коланите, како и другите додатоци на облеката, чапрази, амајлии, копци, шут копци, обетки и друго.

Коланот бил составен дел и на машката носија, имаме карактеристичен колан фишеклија, на кој не дека ги носеле куршумите и фишеците, но со таков вид на обработка се занимавале посебен вид на којунџии, значи со изработка на колани фишеклии. Исто така можеме да забележиме голем дел на накит во вид на чапрази, копци и шутни копци. Разликата меѓу копецот и шут копецот е тоа што шут копецот е претежно машки дел, а копците вака наместени се женски дел на украсната носија. Со тоа што напоменувам дека исто како за прстените, така и за копците, девојката ги собирала паричките и колку повеќе парички на копецот, толку таа е подомајчинка. Ги имаме и чапразите кои се олицетворение на денешните петлици, но тогашната носија не знаела за петлици, знаела само за кошула и така се запетлувале, тие се украсни и се дел од женската носија, која колку поукрасена, колку побогата, колку со повеќе орнаменти го раскажувала сталежот на живеењето. Карактеристично во овој дел ја имаме и амајлијата која се носела тогаш, а овде во музејот ја имаме карактеристична и навистина сум му благодарен на тогашниот колега кој ја собрал, што ја прибрал, една галичка игла. Буквално галичката игла е податок и дел од женската носија која се става на главата“, истакна Цветкоски.

Денес за жал нема повеќе кувенџии. Сите овие прекрасни дела и целара историја на прилепското занаетчиство можете комплетно да ја погледнете во Етнолошката поставка на Заводот и музеј од овој град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи