ВИДЕО – Спомен собата на Васил Иљоски во Крушево уште една поставка која ќе сведочи за нашата историја и култура


Спомен собата на нашиот драмски писател Васил Иљоски е последната од музејските поставки во Крушево која се отвори лани декември на денот на неговото раѓање. Со тоа Крушево, покрај Македонимум, Галеријата на Мартиновски, Леарницата, Музејот на Илинденското Востание, Музејот на НОБ, доби уште место каде ќе ја претставува нашата култура и историја. Сместена во старата горна училишна зграда нејзиното отворање беше поддржано од Министерството за култура, а целата идеја беше на Здружението за туризам и угостителство „Feel Krusevo“ или „Почувствувај го Крушево“.

На некој начин идејата за остатокот на неговите лични предмети да бидат поставени тука е на некој начин иницијатива на дел од членките на здружението за туризам и угостителство „Feel Krusevo“, кои имаа лични контакти со дел од неговата фамилија, поточно со госпоѓа Весна Ристовска Иљоска, неговата снаа. Таа идеја се роди случајно на една средба, морам да го спомнам тука и професорот по македонски јазик Никола Јованоски кој во текот на животот на Васил Иљоски се среќаваше неколку пати со него и контактите негови и желбата на Васил Иљоски да остане спомен за неговото битисување, неговиот живот, неговото дело во Крушево фактички ни ја пренесе професорот“, истакна Лефкија Гажовска, Здружението за туризам и угостителство „Feel Krusevo“.

Иљоски е еден од основачите на МАНУ како и на Друштвото на писатели на Македонија. Неговите најпознати дела се „Ленче Кумановче“ или „Бегалка“, потоа „Чорбаџи Теодос“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“, „Свадба“ и многу други. Тука се сместени околу 200 предмети во негова лична сопственост кои ги донирало семејството.

Има се уште предмети во нивната семејна куќа во Скопје, ние толку можевме лани да донесеме тука. Јас се надевам дека годинава ќе избереме уште нешто што ќе биде вредно за оваа спомен соба да се најде во музејската поставка. Мислам дека најмногу на некој начин се гордееме со тоа што успеавме да го заштитиме првичниот ракопис на „Ленче Кумановче“, првично беше даден да го имаме и изложеме тука, меѓутоа најнормално, имајќи предвид дека Васил Иљоски е еден од петте основачи на МАНУ, МАНУ го побара тој ракопис за да може по сите стандарди да го препарира и да го сочува, а ние ќе го добиеме единствениот оригинал, односно препис на „Ленче Кумановче“ и ќе можат сите посетители да го видат тука“, додаде Гажовска.

Спомен собата сега се наоѓа под Домот за култура „Наум Наумоски – Борче“ кои и оваа година имаат во план да се докомплетира Спомен собата.

Во 2023 година продолжуваме со докомплетирање на спомен собата, секако проектот е поддржан од Министерство за култура. Планираме да направиме и промоција по основните училишта и средното училиште, да можеме младите луѓе да ги донесеме и запознаеме со неговиот живот и неговото творештво, секако со добра промоција и маркетинг и ширум Македонија. Планираме 3 драмски настани кои ќе бидат изведени на дати кога била изведена за прв пат „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Окрвавен камен“. Сето тоа ќе биде документира и преставено на нашата страна на Дом на култура „Наум Наумоски – Борче“, затоа што овој проект остана во наследство на Домот на културата, така што со поддршка на Општина Крушево ја добивме оваа просторија во старата училишна зграда, односно реконструираната зграда за Младински културен центар“, изјави Захарија Ангелеска, директор на Дом за култура „Наум Наумоски – Борче“ Крушево.

Се планира тие драмски изведби да бидат направени на повеќе локации низ Крушево за да културно се заживеат повеќе простори низ градот. А исто така оваа година се очекуваат и голем број посетители на Спомен собата.

Периодот е краток, со тоа што ние немавме многу можност за промоција. Претежно странци доаѓаат во организација со здруженијата од самиот град, односно здружението за туризам и угостителство „Feel Krusevo“. Исто така локалното население беше присутно и мислам дека досега 3 групи од основно училиште од Скопје, повторно во организација со невладино здружение“, потенцираше Ангелеска.

Во иднина оваа Спомен соба се планира да се надополни со нови лични предмети од великан на драмското творештво Васил Иљоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи