Пешна – грандиозно ремек дело на природата. Таа е пештерата со најмаркантен и најголем отвор во Македонија. Висока е 30 метри, широка 45, а долга 124 метри. Се наоѓа на надморска височина од околу 600 метри, на 6 км. од Македонски Брод, кога се оди кон Поречието, лоцирана од десната страна на реката Треска. Нејзината маркантна големина од страна на „Њујорк Тајмс“ беше споредувана со пештерите од филмот „Господар на прстените“.
„Што се однесува до името Пешна, за него има 2 теории, едната од народното творештво, а другата историографска. Според народното творештво името го добила по сестрата на кралот марко, Пешна. Освен Пешна, по преданијата се зборува дека имал имал и сестри Кита, Модра, Ѕвезда итн., со цел народот да си го поистоветува со потеклото на името, како Модриште на пример, Кита за Кичево итн. Што се однесува до конкретниот историографски термин Пешна потекнува од старословенскиот збор пешт, што значи јама, дупка или празнина“, истакна Зоран Трпчески, историчар.
Овој подземен свет на пештерата Пешна освен што плени со својата убавина и мистика има и значајна историја. Овие тврдини што сега се наоѓаат во пештерата спопред преданијата се поврзуваат и со легендарниот Крал Марко.
„Инаку овој локалитет датира уште од неолитскиот период, значи 4.000 години пред новата ера. Во доцна-античкиот период тука има римска населба, се претпоставува дека била рударска според ископувањата и пронајдените остатоци, додека ренесансата ја доживува за време на средниот век и владеењето на кралот Марко, оваа територија била под негова власт во тој период од 1371 до 1395 година. Тогаш истата преставува еден вид на воена касарна, остатоците кои се во тврдината го зборуваат тоа. Инаку како овој локалитет имаме и по другите села низ Поречието, како селото Ижиште, потоа селото Девич, Белица, Загад и Здуње. Тоа преставува еден фортификациски извиднички систем кој комуницирал претежно преку визуелен пат, или така кажано со сигнален оган. Во 19 и 20 век тука имало привремена населба, за тоа говорат остатоците од според запишаните документи 23 воденици, а и преставувало и сигурно прибежиште за комитите и партизаните за време на Втора светска војна подоцна“, додаде историчарот Трпчески.
Но она што е најинтересно за Пешна е тоа што таа заедно со понорот Крапа е потенцијално најдолгиот пештерски систем во државава. Имено некаде од средината на пештерата Пешна, покрај самиот нејзин лев ѕид, гледајќи од позиција кога влегувате внатре во неа, извира река. Таа вода доаѓа од пештерата Крапа или од реката која понира во неа, а се наоѓа на 5 км. од Пешна. За да се докажат овие тврдења во водата е пуштена боја уште во 1975 година и се уврдило дека оваа боена вода за 5 дена стигнала до изворот во пештерата Пешна и до изворот Асеновац кој се наоѓа од другата страна на реката Треска, што течи пред пештгерата Пешна.
„Со еден пештерски подводен систем со соседното село Крапа и од истиот тој систем извира вода во пролетниот период и е активна до летото од прилика и по текот на таа река поречаните ја користеле силата на водениците за мелење на пченка, пченица и слично. Тој пештерски систем е од 6 до 7 километри, тоа е истражено пред децении со боја, пуштена е боја во селото Крапа, тоа се наоѓа на 1.000 метри надморска висина, додека Пешна на 600. Докажано е дека истата таа боја се појавила на тој извор и на Асеновац кој се наоѓа на другата страна од реката Треска“, истакна Трпчески.
Но за жал од целиот овој подземен свет е истражено многу малку. Тука под овие планини под земја се наоѓаат километри и километри неоткриени пештерски, канали, хали и езера. Богата историја, природни убавини, целиот овој фасцинантен, недопрен и неистражен подземен свет, со целото ова богатство, го прават овој регион секоја година да е атрактивна дестинација за голем број туристи како од нашата држава така и од странство.