Драги гледачи наредниот викенд, односно во петок и сабота, на 30 јуни и 1 јули тука на ова место каде што се наоѓаме кај камената бина во центарот на Прилеп и кај месноста Рудина кај Долнени ќе се одржи 49-то издание на Фестивалот на народни песни и инструменти Пеце Атанасовски. За тоа што повеќе ќе се случува во овие 2 дена во општина Прилеп и во општина Долнени денеска ќе поразговараме со мојот соговорник, претседателот на фестивалот Пеце Атанасовски, магистар Горан Василески.
Василески кажете ни колку учесници оваа година ќе може да види публиката во тие 2 дена во Прилеп, како што кажавме на ова место позади нас на камената бина и на добро познатата Рудина во близина на селото Долнени?
Оваа година е 49-от по ред фестивал, имавме доста пријавени меѓутоа мораше бројот да се намали бидејќи оваа година имаме една новост, морам на почетокот да ја кажам, настапува државниот ансамбл „Танец“ тука во Прилеп на 30 јуни. Нормално тие се професионалци, настапуваат ревијално на овој фестивал, така да им отстапивме добар дел од програмата, автоматски моравме да намалиме дел од учесниците. Учествуваат околу 300 учесници, имаме и една група од Србија, не се од едно место туку од цела Србија каде свират на различни инструменти, гајди од различен стил, различен штим, доста интересно да се види. Имаме и гуслар исто така. Застапеноста на учениците, имаме буквално од секој крај на државата, претежно од Источна, но има добар дел и од Западна Македонија. Тука ни се од сите националности, имаме Албанци, Турци, настојуваме да бидат засташени сите националности од државата, да ги презентираат своите традиционални народни инструменти и песни. Како што напоменавте во петок на 30 јуни од 18 часот започнува тука на камената бина на плоштадот Александрија, додека во сабота на 1 јули на традиционалното место каде се одржува фестивалот „Пеце Атанасовски“, Рудина во Долнени од 19 часот започнува, каде после завршувањето се објавуваат наградените учесници.
Спомнавте околу 300 учесници, дали беше тешко да се избере кој се ќе биде дел од годинешното 49-то издание и како се одвиваше таа селекција?
Пријавувањата за учество на фестивалот траат веќе од февруари месец оваа година, задача за она кој би настапувал на фестивалот ја има селекционата комисија во состав професор доктор Родна Величковска, магистар Стојанче Костов и јас, каде ја составуваме програмата, правиме еден баланс од сите краеви на Македонија. Секако жал ни е што некои мора да ги одбиеме, но настојуваме да биде програмата сепак богата.
Она што најмногу сите нас не интересира е тоа колку младите се дел од овој фестивал, колку младите го негуваат фолклорот и сакаат да бидат на еден начин продолжувачи на таа традиција, етнос, мелосот наш традиционален македонски?
Мене ми е чест да кажам дека од година во година се повеќе учесници се млади луѓе, за различа од 90тите каде претежно беа стари лица, се сметаше фестивалот на учесници од трето доба, но се повеќе и повеќе млади учесници како аматери, така и професионалци кои учат во основни и средни музички училишта на традиционални инструменти и песни, исто така и студенти од факултетите во Скопје, во Штип.
Како уште повеќе да ги афирмираме младите да на некој начин го восприемат традиционалниот фолклор, традицијата, народните песни и инструменти?
Токму главната цел на овој фестивал е баш тоа, примамување на младите кон традиционалната музика, традиционалните инструменти и песни. Фестивалот тоа го прави преку оној веќе традиционален семинар кој е 13-ти по ред оваа година, каде имаме семинаристи се повеќе и повеќе, млади лица се заинтересирани за посета на овој семинар. Го посетуваат овој семинар и се стекнуваат со едно знаење плус во сферата на традиционалните инструменти и песни.
Токму како што напоменавте веќе повеќе од една деценија се одржува и еден семинар на народни песни и инструменти тука во Прилеп. Оваа година која ќе биде неговата тематика?
Темата на годинешниот семинар е традиционалната култура во Малешевско-Пијанечкиот крај. Секоја година обработуваме посебен етнички предел од одржавата, оваа година се одлучивме да биде Малешево и Пијанец, два предели. Четворица сме предавачи поделени по групи, јас како воведничар ги презентирам етнографските карактеристики на Малешевско-Пијанечкиот регион, професор доктор Родна Величковска е за традиционалното пеење во овој регион, професор доктор Горанчо Ангелов е за традиционалните инструменти, додека професор магистар Стојанче Костов е за традиционалните ора во овој регион. Инаку имаме околу 10-тина семинаристи, ќе бидат сместени во студентскиот дом во Прилеп, на истото место ќе се одржуваат и предавањата од вторник 27 до 30 јуни. На 30 јуни семинаристите ќе презентираат дел од она што го научиле во текот на семинарските денови.
Сепак како генерација можеме со гордост да кажеме дека го продолжуваме оној сон кој го имаше Пеце Атанасовски за зачувување на нашиот фолклор, нашата традиција?
Баш така, уште од 80-тите, 90-тите Пеце Атанасовски своето знаење го пренесувал како на Македонци, така и на странци кои се интересирале конкретно за гајдата или за традиционалните песни. Оваа идеја започна пред 13 години од покојниот Златко Лашкоски, кој беше иницијатор за овој семинар, да се продолжи оној сон на Пеце Атанасовски да се пренесуваат традиционалните инструменти и песни на младите за што повеќе да ги засакаат за и тие понатаму да ги пренесуваат.
Минатите години се одржуваше и симпозиум во состав на фестивалот, дали и оваа година ќе се одржи тој?
Да, секако продолжуваме со истите пропратни настани. И оваа година на 30 јуни во 11 часот во ликовната галерија при Марко Цепенко ќе се одржи научниот симпозиум каде свој труд ќе презентираат околу 10-тина научници од етнолошката фела, ќе ги презентираат своите трудови кои се веќе во тек на печатење на зборник, традиционално насловен како „Фолклорот во минатото и денес“. Овој зборник ќе биде дистрибуиран до доста научни институции, музеи и институти каде ќе биде една подлога за понатамошни научни теренски истражувања или трудови.