Изложбата „Метаморфози на просторноста“ од уметникот Јован Наумоски во петок во Цепенков

На 07.07.2023, петок од 19.30 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Метаморфози на просторноста“ од уметникот Јован Наумоски.

„Треба да биде јасно дека просторот не е ништо друго туку само еден облик на партикулација без самостојна реална егзистенција … Просторот постои само во врска со нашата партикуларизирачка свест“. Ашвагоша, “Будењето на верата”

 

„На почетокот сосема накратко ќе проговорам за оптичката уметност чија единствена цел е да предизвика оптички сензации кај гледачот. Ваквото дефинирање се однесува на оптичката уметност, односно op art-от, кој ги вклучува светлосните скулптури, инсталации, светлосните експерименти, но и сликарството и графиката кои со еден специфичен однос на бојата и линијата создаваат оптичка илузија во ретината, така што таа е премногу систематична и е близу до егзактните науки наместо уметноста..

Добар дел од оп-артот се состои од конструкција или амбиентот  чии што ефект зависи од светлото и движењето. На состојбите за илузија и илузорност во ликовната уметност постоеле уште многу одамна: оптички и илузионистички ефекти наоѓаме уште во пештерното сликарство.

Секако дека и сликарството во Помпеја било создавано повеќе со цел да предизвика оптички ефект кај гледачот, отколку самата сцена да биде веристички и реалистично предадена. Со повторното откривање на линеарната и атмосферската перспектива во XV век, сликарите како Паоло Учело, уживале во ваквите илузии кои ги овозможувало самото сликарството, а кои ќе добијат огромна димензија во барокните таваници и во рококо стилот. Со научните истражувања на Шеврел, Фон Хелмоц и др., како и претходно, со теориите за боите и перцепциите кај филозофите Беркли и Хјум во XIX век, елементи на оптичка илузија можат да се забележат кај сликарите од Де Стиј (особено Пит Мондријан и Тео ван Доезбург), како и Мохољ Наѓ и Јозеф Алберс од Баухаус.

Нашите претстави за просторот, за неговите преобразби – метаморфози заземаат истакнато место за нашата скица за стварноста.

Помеѓу најмалите честички на нашето битие, помеѓу нашето тело и нашата животна средина, помеѓу нас и сите луѓе со кои сме во контакт, помеѓу просторот постои Врска – конекција толку суштествена и длабока така што  повеќе не е  јасно разграничувањето помеѓу крајот на едно нешто и почетокот на друго.

Дали просторот  има граница?

Дали просторот во којшто е сместена вселената е ограничен негде длабоко на работ на вселената или пак е бесконечен?

Како го замислуваме ”безпросторот” односно немањето простор?

Дали има паралелен простор со овај нашиот?

Додека времето силно го преокупира вниманието на луѓето, просторот како да останува на маргините на интересирањето. Но, во стварноста, времето и просторот се соединети и неразделни. Времето не постои самото за себе, туку во просторот. А и просторот не се протега самиот за себе, туку заедно со времето. Се чини, меѓутоа, дека напоредо се создава и одредена спротиставеност меѓу просторот и времето. Ослободувањето од некој конретен простор се остварува со посредство на времето. Така е и со движењето во просторот, кој претставува корпа за отпадоци на времето.

Овој феномен на спротиставеност на времето и на просторот не го укинува нивното единство, ниту ги поништува нивните аналогии. Времето како мерило за движењето и за промените не е само мерило на растење и на живот, туку и мерило на распаѓање и на пропаѓање.

А просторот како сцена на движењата и на промените не е само област на гнилежност. Времето, како мерило на животот, на човекот му дава релативна слобода внатре во просторот. Кога слободата го завршува своето време, се завршува и самата слобода, како и нејзиниот живот внатре во просторот. И невозможно е да постои каква било форма на слобода или на надеж во светот, без перспективата на времето.

Просторот е само димензија во каја што човекот се движи, работи…

Разумот чие што својство е да се задржи на површината, се бави со просторноста, додека пак интуицијата се бави со се она што може да се спореди со времето.

Во овој случај ќе ја земам модерната физика која најдраматично потврдила една од основните идеи на источната мистика; дека сите концепти што ги употребуваме за опишување на природата се ограничени, дека тие не се својства на стварноста, како што сме склони да веруваме, туку како креации на нашиот ум; делови од картата а не од територијата. Секогаш кога ќе ја прошириме сверата на нашето искуство стануваат очигледни ограничувањата на нашиот рационален ум, па мораме да видоизмениме или дури да отфрлиме некои од нашите концепти.

За разлика од западот источната философија отсекогаш сметала дека просторот па и времето се конструкции на умот. Тие ги третирале како и сите други интелектуални концепти;  како релативни, ограничени и илузорни.

Има ставови за просторноста но и за времето кои што се радикални. Според тоа, просторот, сам по себе, и времето, само по себе, се осудени на исчезнување како некои сенки, а само нивното единство ќе можеда се сочува како некаква независна реалност.

Сепак морам да кажам дека некои физички релативистички ефекти ни се чинат чудни затоа што ние, со нашите сетила, не можеме да го почувствуваме светот на четири-димензионалниот простор-време туку само неговите тридимензионални слики.

Овие слики покажуваат различни аспекти во различни референтни системи, така што тие ефекти ни изгледаат парадоксални ако пропуштиме да согледаме дека се работи само за проекции на четиридимензионални феномени, слично како што сенките се проекции на  тридимензионални објекти.

Кога би можеле да ја визуелизираме реалноста на четиридимензионалниот простор би утврдиле дека тука нема ништо парадоксално.

Мерењата и преобразбите на просторот се релативни и зависат од состојбата на движење на набљудувачот, туку и целата структура на просторот е нераскинливо поврзана со распределбата на материјата.

Прашањето за реалност на некој простор се сведува на субјективни моменти, врзани за нашата перцепција и блискоста на соодветни димензии.

За време на моето истражување и експериментирање со материјата за време на постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности – Област Скулптура, императив ми беше доловување на илузија на една поинаква просторност од дадената како и добивање на илузија на двојна перспектива, а сето тоа изразено  преку ефектите на транспарентноста, рефлекцијата (стаклени плочи и друг рефлектирачки материјал) и ефектот на отсликување на материјалноста (огледални плочи).

Првиот дел од решението се објктите од плексиглас доловуваат поразлична минималистичка – елементерно-логичка концепција на просторот и интеракција помеѓу илузијата и плановите на објектот, помеѓу разбирањето и гледањето.

Вториот дел од решението ќе биде поставеноста на елементите на под, така што објектите кои се добиени со напластување на една плоча врз друга почнувајќи од најмала до најголема и обратно го запазуваат минималистичкиот начин и геометризмот што го имплициран во мојот магистерски проект.

Нижењето на плохите една позади друга како и напластувањето на стаклените плохи една врз друга укажува на структурни единици растегнати меѓу видливото и невидливото: просторот што го опфаќа окото и оној што и е достапен само на/за мислата. Јазикот, односно пристапот е минималистички и ги хармонизира / обединува феноменологијата на визуелното во концептот.

Тие  се резултат на играта каде што во преобразбите на различната просторност и двојната перспектива се насетува во перцепираниот свет што треба, во одредени случаи, да се покаже и во неговата тродимензионалност. Таквата предиспонираност ја открива суштината на невидливите нешта што одеднаш преминуваат во она што е “обично”, во стварноста во која живееме.

Воведувањето на оптичка илузија на двојна перспектива е само еден дел од проблемот со кој се занимавам преку моите стаклени објекти низ кои што сакам да ја претставам повеќедимензионалноста, раслоеноста и преобразбата на просторноста, при што секој елемент е дел од една мозаична целина, но истовремено води кон различни перцепции на “другата просторност” на сосема поразличен начин комбинирајќи ги со другите, така сочинувајќи повеќе паралелни нарации во рамките на решението.

Во магистерскиот проект императив ми се облиците што се во зависност од внатрешните движења.  Објектот за мене е организам со внатрешна динамика и се што е во фокусот на моите интересирања е во процес на метаморфозите, бранувањата, на оптичката илузија, нијансите“, вели авторот.

Биографија за уметникот

Јован Наумоски е роден 07.06.1982 година во Скопје, Република Македонија. Основно и средно училиште завршил во Кичево. На Факултетот за ликовни уметности се запишал во учебната 2005 година, на кој и дипломирал во 2009 година педагошки оддел – насока графика во класата на проф. Трајче Блажевски. Од 2009 до 2012 е на постдипломски студии – отсек вајарство во класата на проф Станко Павлески на факултетот за ликовни уметности на кој магистрирал во 2012 година. Во 2012 се запишал на постдипломски студии на факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА на катедрата за сценски дизајн отсек фотографија кај проф. Роберт Јанкулоски, на кој факултет во 2013 година магистрира. Член е на друштвото на ликовни уметници на македонија (ДЛУМ) каде што активно учествува во сите негови активности. Исто така член е на Фотографската унија на Македонија во која исто така има активно учество во сите нејзини проекти. Председател и основач на фото клубот „ПИКСЕЛ“ – Кичево.

Неговиот опус во творештвото е доста голем и разновиден. Дејствува во повеќе полинња на уметноста како сликарство, склуптура, фотографија, драмска и тв режија, подготовка на сценографија. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, исто така има организирано и реализирано голем број на светски изложби од областа на фотографијата. Во полето на аматерскиот театар има режирано повеќе престави за возрасни и деца. Исто така има организирано голем број манифестации од различни правци во уметноста. Моментално е активен на полето на графичкиот дизајн и други визуелни уметности.

Самостојни изложби:

– 2017 НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Метаморфози на просторноста 3“

– 2016 НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Метаморфози на просторноста 2“

– 2015 НУ Центар за култура „Марко Цепенков” – Прилеп „Фотографијата – миг на вечноста или вечност на мигот“

– 2015 НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево “Фотографијата – миг на вечноста или вечност на мигот“

– 2012 година: Национална галерија „Мала станица“ – Скопје „Метаморфози на просторноста 1“

– 2011 година: Национална установа – Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Заборавени“

– 2010 година: НУ Народен музеј – Велес – Ликовен салон „Заборавени“

– 2009 година: НУ Народен музеј – Велес – Ликовен салон „Од другата страна“

– 2009 година: Национална установа – Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Од другата страна“

– 2008 година: Национална установа – Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Петтата страна на светот“

Групни изложби:

– 2012 година: Национална установа – Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Different things, Different places, Different views“

– 2011 година: „9-то Биенале на млади уметници тема: МРТВА ПРИРОДА“ – Музеј на современа уметност (МСУ) – Скопје

– 2010 година: Групна изложба на Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. „Лоадинг“ – Скопје

– 2009 година: Годишна изложба на ДЛУМ – Музеј на град Скопје

– 2009 година: Македонско ликовно творештво „Минијатура“ – Галерија на ДЛУМ (Дом на АРМ) – Скопје

– 2009 година: Фоаје на Кино Фросина – Скопје „Хуманитарна изложба“

– 2008 година: Национална галерија „Мала станица“ – Скопје „Хуманитарна изложба“

– 2008 година: Национална галерија „Мала станица“ – Скопје „Уметнички дијалози 2“

– 2008 година: Национална установа – Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево „Уметничките креации под Бистра“

Проекти:

– Снимање, монтажа и колор обработка на спотот „Вени“ од Петар Ренџов

– Монтажа, колор корекција на краткометражниот филм „Втора Шанса“ од Андреа Босоми.

– Снимање, монтажа и колор корекција на спотот „Одам на југ“ од Петар Ренџов

– Режија, монтажа на документарниот филм „Умина душа“ од Јован Наумоски

– Снимање, монтажа и колор обработка на краткометражниот арт филм „Барајќи го човекот“ од Благојче Наумоски – Бане

Награди:

– Бронзена плакета Камера 300 – за аматерскиот документарен филм „Умина Душа“ 2015

Други дејности:

– Ментор на „Младинската керамичка работилница“ – 2018

– Ментор на „Младинската керамичка работилница“ – 2017

– Ментор на „Младинската керамичка работилница“ – 2016

– Ментор на „Младинската керамичка работилница“ – 2015

– Режија на драмата „Писмо“ – Новогодишна детска Драма –  2016

– Режија на драмата „Свечена вечера во погебалното претпријатие“ – 2016

– Режија на драма „Хамлет од долно гаштани“ – 2014

– Режија на драма „Токму на полноќ“ – 2015

– Режија на драма „Новогодишна игра“ – 2014

– Основач на проектот „Културно уметнички реформи“ (сезона 1) – 2013 – 2014

– Основач на проектот „Културни уметнички реформи“ (сезона 2) „Едно поинакво Кичево“ – 2014-2015

– Основач и претседател на фотографскиот клуб „Фото клуб ПИКСЕЛ – Кичево“

– Основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „Illusion 1“ – 2015

– Основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „Illusion 2“ – 2019

– Основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „ Photo Salon Kicevo “ – 2020

– Основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „Illusion 3“ – 2020

– Основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „ Photo Salon Kicevo “ – 2021

– основач и организатор на Интернационалната изложба за уметничка фотографија „Illusion 4“ – 2021.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи