ВИДЕО – И годинава прилчепчани со гордост го негуваа обичајот „Тајане Бојане“


Народниот обичај „Тајане Бојане“ е карактеристична традиција исклучиво за Прилеп, адет кој со векови се негува во овој град за празникот Раѓање на Свети Јован Крстител или Иванден. За овој обичај, ден пред празникот момчиња и девојчиња заедно шетаат по куќите и дуќаните, собираат состојки за правење на кравајчиња, како што се се браѓно, масло, шеќерчиња, како и пари, а потоа со собраните состојки нивните мајки и баби им месат кравајчиња кои тие ги собираат одејќи од куќа во куќа и ја пејат песната „Тајане Бојане“. Така беше и денес.

Си имаме дечиња мали, одат од куќа во куќа и си собираат брашно, шеќер, масло, шеќерчиња и другиот ден им се меси на децата кравајчиња и на секое му се дава и зелници и кравајчиња. Само во Прилеп го има ова, Тајане Бојане.

Значи маслото и брашното се собираат претходниот ден, а денеска се месат?

Се меси и на фурна се носи, порано на фурна се носеа и зелниците и кравајчињата, сега секој дома“, истакна Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“ – Прилеп.

За да се зачува овој обичај и кај најмладите членките на здружението „Преродба“ со месени кравајќиња ја посетија градинката „Гоце Делчев“.

Децата од блиску да се запознаат со она како се славело, што се правело ден пред празникот, како и што се правело утрото, како децата она што најверојатно им е непознато дека одат исто како за Коледе од еден дом до друг, па собираат, да се запознаат со тоа што е кравајче и со тоа всушност да се вложи во она што се вика трајни вредности во свеста на детето за она што сме ние, за нашата традиција, за нашите вредности и слично“, кажа Лидија Стојаноска, воспитувач во градинка „Гоце Делчев“-Прилеп.

Но исто така ги посетија и штитениците во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ за да ги потсетат на нивната младост и обичаите кои тие ги практикувале.

Се сеќавам и пред некое време кога дојдовте овде, ве пречекавме и вие не посетивте, а исто и сега се осеќам пријатно што дојдовте и за овој празник се сеќавам како дете оти се чекаше, се славеше, се веселеа луѓето, па после пладнето ора сред селата, песни“, рече Раде Николоски, штитеник во домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески – Платник“.

 

Како деца многу интересно ни беше, цело маало се збиравме, едно машко кое беше најмало џунчето го носеше и други девојчиња со тепсии и во тепсиите каде ќе игравме и пеевме по куќите тураа брашно, шеќер, масло за да се месат кравајчињата. Потоа ќе седевме, ќе чекавме да се испечат, па да ни поделат“, изјави Благица Карапеевска, штитеник во домот за стари лица во Прилеп.„Киро Крстески – Платник“.

 

Продолжуваме и понатаму со традициите, продолжуваме со одбележување на сите празници, ние сме генерација која сакаме да ја задржиме традицијата, да ја пренесиме и ние сме тие кои сме мисионери на она што е вредното, она што е нишката која не‘ поврзува сите нас низ генерации, нашите дедовци, нашите татковци, нас, па и нашите идни поколенија“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение „Преродба“.

Од здружението „Преродба“ истакнаа дека и понатаму ќе се заложуваат за зачувување на нашата традиција кај сите возрасни категории за да овие обичаи не се заборават и истите да се пренесуваат од генерација на генерација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи