Патот до Крушево води преку Смилево, односно ако не се одржел Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903-тата можеби и не би се подигнало Илинденското востание. Токму тука во Смилево, најзначајните личности на Илинденската епопеја ја носат тешката и значајна одлука за подигнување на Востанието. Но и покрај огромноto значење на ова место во македонската историја, тоа како да е подзаборавено од страна на државата во овие 30-тина години.
„Главниот востанички штаб кој раководи со целото востание, составот Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев е донесен тука, востаничкиот правилник како треба да се одвива целото востание е донесен тука, сите команди и сите наредби доаѓаат од тука. Демирхисарско е центарот на самото Илинденско востание“, истакна Славчо Велјаноски, историчар-археолог.
Скромно одблежување за 2 август тука прави само Општината, државна манифестација никогаш и немало, освен положување на цвеќе од страна на некој министер, па дури и тоа започнало да се случува само во последниве години под притисок на жителите, а претходно немало делегации на функционери.
„Самите државни институции треба повеќе да се вклучат и да се прават едни поголеми манифестации кои ќе му дадат тежина на овој крај. А можеби со тоа и ќе го заживееме овој крај, можеби ќе станиме поголема туристичка дестинација и ќе привлечиме и туристи на тој начин“, додаде Велјаноски.
Она што е интересно и можеби помалку познат историски факт кај јавноста е тоа дека Смилево било подолг период слободно од Крушево, односно ако Крушевската Република траела 10 дена, Смилево било слободно од 2 до 28 август, односно 26 дена. На 28 август тука има голема битка каде 15 чети, односно 600 востаници се борат против 12 илјаден турски аскер. Битката се губи, а потоа селото е комплетно запалено и уништено.
И жителите на Смилево бараат поголема афирмација на нивното село.
„Веќе ако не може да се оди паралелно со 2 август, тогаш го имаме 7 мај ние во Смилево, може поголема тежина да му се даде на тој ден, тоа одбележување да е малку поорганизирано“, кажа Ѓорѓи Коштрески, вработен во Музејот во Смилево.
Со музејот, гробот на Даме Груев, Спомен паркот и многу други содржини Смилево останува чувар на нашата славна историја.