ВИДЕО – Историски успех на прилепчанецот Петар Мирчевски – бронзен медал на светската олимпијада по хемија


Драги гледачи, се наоѓаме во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а повод за денешниот разговор е еден огромен успех кој го постигна ученикот Петар Мирчески од ова училиште, ученик во втора година во гимназијата. Неговиот успех е освојувањето на бронзениот медал на светската олимпијада по хемија, која пред неколку денови се одржа во швајцарскиот град Цирих. Петар е од мојата десна страна, а други соговорници кои ќе учествуваат во ова интервју се неговиот ментор професорот Блаже Димески и Весна Михаилоска, директорка на ова училиште.

Разговорот ќе го започнеме со Петар. Петар пред се огромни честитки од нашата редакција за тебе и за освојувањето на овој огромен успех.

Мирчевски: Ви благодарам многу.

Ајде пред да го започнеме овој разговор и за тоа како течеше целиот натпревар, олимпијадата во Швајцарија, од каде љубовта кон хемијата и зошто баш хемија, што е она што те привлекува кај овој предмет?

Мирчевски: Хемијата за мене е најинтересната природна наука, иако ги ценам сите останати природни науки. Таа за мене преставува место каде јас можам  да се изразам и можам да изучувам различни полиња и од физиката, и од биологијата и мислам дека најсоодветната наука за мене да ме насочи во иднината.

За многумина изгледа навистина еден комплексен предмет, дали е навистина тешка?

Мирчевски: Уште откако почнав во основното училиште со изучувањето на хемијата немав никакви потешкотии со неа и се разбира дека понатаму се бараше поголем труд, поголемо вложување и учење и се разбира поголема амбиција за постигнување на знаењето во хемијата.

Како дојде моментот да ти учествуваш на оваа олимпијада во Швајцарија? Да споменеме исто така дека претходно оваа година учествуваше на онаа подготвителна олимпијада по хемија која се одржа во месец април во Казакстан?

Мирчевски: Моето пријавување започна во август минатата година, каде јас ја видов оваа понуда како една голема шанса за јас да продолжам и да направам поголеми подвизи во хемијата. Затоа започнав многу посилно да се изучува хемијата кај мене и се разбира трудот се исплати на крајот, затоа што се пласирав за македонскиот тим што ја преставува Македонија на олимпијадата во Казакстан, а исто така и на олимпијадата во Швајцарија.

Од она што претходно имав можност да го слушнам од твојот ментор е дека ти мораше да го научиш целиот материјал по хемија и од втора, и до трета, и од четврта година што се изучува во гимназиското образование?

Мирчевски: Па да, но тоа беше полесниот дел, затоа што има огромен материјал од хемијата кој не се учи во средното училиште, така што тој требаше да биде во мое знаење.

Практично сега можат да ти пишат петка до четврта година и да бидеш раат 🙂.

Да, само хемија :).

Колку време, колку месеци требаше да се вложи труд  и што се‘ изучуваше за да стигнеш до Швајцарија?

Мирчевски: Јас покрај подготовките на ПМФ, на Институтот за хемија, мораше да се оддели време каде јас самиот треба да се подготвувам и да учам дома, но се разбира огромен труд вложија и професорите на ПМФ, каде сабота и недела, односно викендите се држеа подготовки на факултетот со практична и теоретска настава и се разбира тоа многу ми помогна и ни објаснаа се‘ што ни е потребно.

Значи секој викенд од Прилеп патуваше на ПМФ во Скопје каде се подготвуваше?

Мирчевски: Да, така е.

Кога стигна во Цирих, во Швајцарија колку денови траеше олимпијадата? Да ни доловиш како се одвива тој натпревар, колку учесници имаше, од колку држави?

Мирчевски: Започна на 16 јули и траеше 9 дена. Олимпијадата беше совршено организирана, како што доликува. Имаше огромен број на ученици од целиот свет, над 350 натпреварувачи и се разбира не можеше со сите да се сретнеме затоа што имавме различна програма. Олимпијадата се состоеше од комплекси проблеми на кои треба многу внимание и време да се посветат, требаше добро да се организираме за време на решавањето на тестовите. Во однос на тоа јас некако се снајдов и успеав да ги решам поголемиот дел од проблемите и да освојам медал.

Кога ќе спомене терминот хемија најчесто првата слика што доаѓа е лабораторија каде се извршуваат некои експерименти. Дали освен овој теоретски или дел на решавање на тестови, имаше и некаков практичен дел олимпијадата?

Мирчевски: Па да, се разбира, има експериментални проблеми за кои се дадени постапките и ние треба да ги извршиме синтезите на дадените продукти.

Дали тоа ти беше лесно, со оглед на тоа дека тука нема баш некои услови за вежбање на тие експериментални работи?

Мирчевски: Се разбира има голема тешкотија, комплекси проблеми, затоа што може да појде на лошо нешто ако се истури, ако се случи обратно, но за мене тоа е најинтересниот дел од хемијата затоа што се употребуваат сите хемиски закони од теоријата и во експериментот тие се докажуваат како вистински факти.

Професоре како вие се чуствувате како ментор на вашиот ученик после освојувањето на овој огромен успех на Петар во Швајцарија?

Димески: Јас сум премногу горд и возбуден и ќе ви кажам една тајна, имав директна линија од завршната свеченост која траеше саат и половина и кога дојде редот на прогласување на победниците го исклучив интернетот, толку бев возбуден. А тој ми се јави пред тоа и ми кажа дека решил добар дел од задачите и дека имаме шанса за медал. Кога почна официјалната поделба на медалите го исклучив интернетот од толку возбуда. Јас сум премногу возбуден и сега и горд и немам пофални зборови кои можат да се кажат за него, тој е наш дијамант што мора да го брусиме уште малку, затоа што се надевам дека уште 2 години ќе учествува на овие олимпијади. Ја има основата, ја има надоградбата и в година ќе биде уште подобар и се надевам на сребро или злато, значи има шанса уште 2 години, до 19 години е светската олимпијада, трета и четврта година да постигне уште поголеми успеси, што повисоки места.

Значи вакви олимпијади се одржуваат секоја година и можноста е да се учествува на сите нив?

Димески: Да, точно, в година тој пак ќе има прелиминарни натпревари, затоа што може да се јави некој друг, погенијален ученик и да му го земи местото, но имам потполна доверба во него.

Што му препорачувате на Петар во иднина, како да се насочи?

Димески: Петар веќе е насочен, тој е толку навлезен во хемијата што може не петка да се пиши до четврта година, туку да му се даде и диплома од факултет. Ова што тој го работи го работат на факултет и тоа постдипломците, толку е тежок материјалот, јас ги видов задачите, учат од оние книги и  учебници што ги преведе владата и тоа се учебници од сите реномирани факултети, од Кембриџ, Оксфорд и учиме веќе од таа литература, не заостануваме во тоа, само треба ваков голем напор и труд како детево. Тој се саможртвуваше, жртвуваше излегување, одмори, викенди за да го постигне овој успех, тоа е нешто невозможно, се гордееме како град, како држава, сите треба да сме горди, не само ние како институција или јас како ментор.

Како државата може да им возврати на ваквите таленти?

Димески: Е сега државата може многу лесно да возврати, само треба да се има желба. Прво да ни обезбеди литература, да ни обезбеди лабораторија каде може да ги изведуваме барем едноставните експерименти. Потоа да продолжи со работата како професорите на хемискиот институт, мора и нив да ги пофалиме затоа што и тие жртвуваа свои викенди, свое драгоцено слободно време, работеа со нив 2 месеци и само така се успева, повеќе фактори кога ќе се вклопат во правилна насока тогаш мора да се успее. Меѓутоа тој е главен, тој е носител на сета тежина.

Директорке како вие како училиште се чувствувате на еден ваков огромен успех на еден ваш ученик?

Михаилоска: Се разбира дека училиштето го поддржува Петар, му честитам на Петар од името на сите професори, Петар ни е гордост на училиштето. За прилепската гимназија се вели дека е расадник на таленти, потврда за тоа е и Петар Мирчески. Во нашето училиште имаме многу талентирани ученици, еве само мал податок, оваа година имаме 33 ученици кои освоија награди, медали, први, втори или трети места на државни и меѓународни натпревари. Дел од овие ученици и на 2 натпревари имаат освоено по различни предмети награди и ова е уште една потврда дека нашето училиште има квалитетен наставен кадар, талентирани ученици и ги поддржуваме овие деца во нивниот понатамошен успех и во понатамошното школување.

Спомнавме тука за таа кабинетска настава, дали можеби после ова ќе побарате од Министерството за образование да направи еден кабинет по хемија тука како што доликува на едни вакви таленти?

Михаилоска: Со реформираното гимназиско образование не се предвидени лабораториски вежби во програмата, но очигледно е дека прекупотребна ни е лабораторија што ние во училиштево во моментов ја немаме и се разбира дека ќе се обидам, како училиште ќе побараме средства и се надевам дека за следната година Петар ќе може да вежба, да работи со професорот Блаже Димески во нова лабораторија, да се подготвува за натпреварот.

Ви благодарам за разговорот и еве за крај уште едно прашање би го прашал Петар, каде се гледаш себе си во иднина после едни вакви успеси?

Мирчевски: Се разбира хемијата е до мене во мојата иднина, сакам да истражувам нови хипотези и теотрии, да експериментирам, да докажувам нови теореми и да бидам успешен научник во моето поле.

Би останал тука или се гледаш себе си во странство?

Мирчевски: Па и двете, затоа што ако сакам да успеам навистина морам да ги раширам моите граници, но и Македонија не ја напуштам толку лесно.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи