Крушево годинава одбележува 5 значајни јубилеи. Првите два се 120 години од подигнувањето на Востанието како и 70 години од носењето на моштите на Никола Карев во овој град, а со тоа и отворањето на крушевскиот музеј во 1953 година. Од музејот останките на Карев се пренесуваат во споменикот Македониум во 1990 година. Кон чествувањето на овој значаен јубилеј годинава се придружува и Државниот архив со изложбена поставка токму во Македониумот со над 300 документи и фотографии поврзани со овој период.
„Изложбата содржи податоци за формирањето на Македонската револуционерна организација, нејзиното дејствување, устројството, чинот на положување на заклетва, припреми за Востанието, вооружувањето, текот Востанието, за последиците од Востанието, за познатите македонски војводи. Во оваа изложба карактеристично е тоа што се дава осврт на колективната меморија на македонскиот народ, а поврзана со овој период“, изјави Филип Ристески, раководител на архив Прилеп.
Исто значајни јубилеи се и 120 години од раѓањето на македонскиот Модиљани – Никола Мартиновски, 50 години од неговата смрт и 55 години од отворањето на Галеријата на Мартиновски која денес е вториот најпосетуван музеј во Крушево. По овој повод за прв пат Галеријата ќе издаде каталог кој ќе ја раскажува приказната на 62 ремек дела кои се сместени тука, a голем број уметници ќе создаваат дел инспирирани од Мартиновски кои потоа ќе бидат изложени на плоштадот кој го носи неговото име.
„Каталогот всушност ќе биде всушност една валоризација на оваа поставка, на неговите дела кои се овде во оваа Галерија. Бидејќи како што кажав, ние ги имаме делата, но самата разработка на тие дела, анализата на тие дела, каде се во неговиот живот, каде се во неговиот живот, во кој дел од неговото творештво, во кои негови експресии припаѓаат ние немаме тоа каде да го покажеме. Едноставно посетителот доаѓа го гледа неговото прекрасно дело, но за жал не може да разбере ништо повеќе од таа поставеност на тие дела, зошто е тоа така и слично“, истакна Борис Маркоски, историчар на уметност.
„Графички дизајнери кои се преку невладина организација, а поддржани од European house и како гостин ќе биде Евроамбасадорот Гир. Тие се млади луѓе кои ќе направат дела со кои ќе го поврзат Мартиновски со Крушево“, вели Тома Тана, директор на историски музеј Крушево.
Според експертите потребно било и збогатување на оваа збирка, а за таа цела биле упатени писма до повеќе државни установи, кои ги имаат делата на Мартиновски да ги вратат тука, а потребен бил и откуп на дела кои ги има во приватни колекции.