И покрај зголемениот број на граѓани кои имаат проблеми со менталното здравје, после пандемијата на Ковид 19 државата се уште не препознава дека оваа состојба кај граѓаните треба да ја третира како и сите останати здравствени проблеми. Фондот и понатаму не ги покрива третманите кај лиценцирани психолози, што од друга страна ја намалува и посетата на граѓаните на овие стручни лица, а тоа е само на штета на нивното здравје.
„Ако не е вработен психологот во здравствена установа и тоа во јавна здравствена установа не може на терет на Фондот да работи со пациенти. Психолозите не се достапни, сѐ се некои граѓански организации, иницијативи различни, но не е системски Фондот за здравство да ја покрива психотерапијата од психолозите, што моментално е потребно“, вели Проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска, специјалист психијатар.
Друг голем проблем околу психолошките советувања бил тоа лицата заболени од канцер многу малку или воопшто немаат пристап до ваков вид на помош. Според експертите тоа е огромен пропуст на здравствениот систем.
„Во онколошките центри, во Битола на пример нема ниту еден вработен психолог во одделението за онкологија, во Скопје има во институтот за онкологија вработено, но тие се многу малку. За луѓето кои се болни од рак поддршката мора да биде поголема, мора да биде поорганизирана. Моментално не е така, не инвестираме во тој дел, гледаме да има лекови, се бориме да има терапија за луѓето, не само медикаментозна различна, сѐ е тоа важно и навистина е потребно, но ништо не сме направиле ако севкупно не сме го третирале човекот, ако не сме направиле целокупна благосостојба“, кажа Ристевска Димитровска.
Како дел од решавањето на овие и слични проблеми во Прилеп се формираше здружение за унапредување на машкото здравје „Филип Лукароски“ од каде велат дека мажите биле поранливи на менталните проблеми затоа што биле позатворени како пол.
„Мажите сметаме дека се посилни, но статистиката кажува дека кога станува збор во споредба со женското здравје тие се послаби, затоа што многу малку зборуваат за своите проблеми, за своите емоции, го потиснуваат тоа во себе и така се подлежни на нарушување на менталното здравје и на тој начин се доведува до голем број заболувања“, истакна Петра Лукароска, претседателка на здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“.
Наредната активност на ова здружение ќе биде соработка со Факултетот за безбедност и македонскиот полициски синдикат.