„Земјоделки – светулки на маката” – предизвиците со кои секојдневно се соочуваат жените земјоделки.

На денешната завршна конференција на Мрежата за заштита од дискриминација беше промовирано видеото „Земјоделки – светулки на маката“ во кое се претставени предизвиците со кои секојдневно се соочуваат жените земјоделки.

Дискриминацијата сè уште се смета за најсилна во земјоделскиот сектор. Руралните жени и  жените земјоделки секојдневно се соочуваат со бројни предизвици и дискриминација, често спаѓаат меѓу најсиромашната популација, основните човекови права им се оневозможени, нивниот труд е ниско вреднуван, вклучително и трудот во семејното домаќинство, семејните обврски и работата на семејниот земјоделски имот.

Руралните жени или Жените кои сите ние ги споменуваме како двигатели на руралниот развој и одржливото земјоделство, се “случајно” заборавени при креирање закони,  стратегии и програми и покрај насоките на меѓународните политики, декларации и конвенции.

Г-ѓа Неда Чаловска – независна експертка посочи на проблемите со коишто се соочуваат жените од руралните средини односно земјоделките и земјоделците од аспект на социјални, работнички права и родова еднаквост. Пристапот до права и надминувањето на нееднаквоста  на земјоделките и земјоделците понекогаш се третирани со регуларни мерки или специфични мерки коишто не секогаш се добро осмислени и неможат да доведат до посакуваниот резултат.

Г-ѓа Чаловска посочи и на дискриминаторките елементи на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023година, со која се предвидува финансиска поддршка за жени-индивидуални земјоделки за отсуство за мајчинство но под услови односно критериуми кои ги ставаат земјоделките во понеповолна положба во споредба жените-работнички од други сектори.

М-р Гоце Коцевски – програмски директор од Македонското здружение на млади правници ги презентираше кличните наоди од анализата “Меѓународни стандарди и компаративни практики за остварување на правото на парични надоместоци заради привремена спреченост од работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство”. Тој даде краток преглед на специфичните регулативи за обезбедување на работнички права на земјоделците во останатите земји од ЕУ како и земјите од регионот, посочувајќи дека користејќи ја компаративната анализа и регулативите од други земји може да се креира идејно решение за законодавни измени.

Пратеничката Благица Ласовска нагласи дека на жените земјоделки и земјоделците им е оневозможено да пристапат до права, односно не се препознаени во системот и дека време е за промена на законодавството и нивно препознавање од системот на нашата држава.

Г-ѓа Лолита Ристова, претседателка на Клуб на пратенички посочи на афирмативните мерки кои се креирани да овозможат социо-економско јакнење на жените од руралните средини преку специфични програми за поддршка и промовирање на економските вештини на руралните жени.

Таа посочи на заложбите за воспоставување на соработка помеќу сите релевантни министерства и јавни институции во насока на подетална анализа на националното законодавство и системски промени кои ќе обезбедат пристап до права за парични надоместоци заради привремена спреченост од работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство за регистрираните индивидуални земјоделци, посочувајчи дека како пратенички даваат поддршка за унапредување на правата на земјоделките и пстигнување на родова еднаквост во руралните средини преку измени во законодавството.

Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР ја затвори панел дискусијата нагласувајќи дека над 70тина граѓански организации и мрежи поднесоа иницијатива за промена на законската регулатива и обезбедување на право на паричен надоместок при раѓање, мајчинство и грижа за дете за регистрирани индивидуални земјоделци.

Но, Земјоделките сѐ уште немаат право на платено породилно отсуство и покрај тоа што Собранието во мај оваа година едногласно ја изгласа потребата од донесување на „Предлог закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување“ со кој се овозможува платено породилно отсуство за жени-земјоделки со статус индивидуален земјоделец.

И оваа 2023 година ќе биде уште една година во која земјоделките ќе немаат право на бенефиции за отсуство поради бременост,раѓање и грижа за дете иако ова право е од клучно значење за ефективна имплементација на законодавството согласно ЕУ регулативите за заштита од недискриминација и еднаков пристап до работнички права, како и за намалување на родовата нееднаквост кај жените во руралните средини.

Земјоделци(ки)те немаат право на платено отсуство поради болест и повреда на работно место, иако земјоделството претставува високо ризична и тешка професија односно 4та по ред најризична професија со бројни последици врз здравјето.

И оваа година земјоделк(ц)ите остануваат без пристап до основните човекови права и без поддршка во борбата со структурните и дискриминаторските  бариери, очекувајќи инклузивни законски политики кои ќе обезбедат економска сигурност на земјоделците, економска стабилност за новите и за растечките семејства, и промовирање на грижа за здравјето и социјалната благосостојба на земјоделците.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи