Ако варењето на ракија се смета за машка работа Љубица Петреска, претседателка на здружението „Мајка Традиција“ заедно со дел од своите членки годинава реши да ги скрши овие стереотипи и за прв пат сама вареше ракија во казарницата Мукос во Прилеп, која е по прилепски кажано буквално аптека, чиста, уредена и една од само 6 дестилерии во Македонија регистрирани со сите потребни документи. Петреска се потсетува како варењето на ракија е нивна децениска традиција, кое таа го продолжила и откако починал нејзиниот сопруг.
„Мажите ќе си варат ракија денеска и овде има како што гледате 3-4 казани, ќе има 3-4 мажи што дошле да варат ракија. Сега да ви кажам тие од вечер дома вака кажале:
- „Жено, утре ќе ми донесиш ручек на казарница“
- „Како не ќе ти донесам, ќе ти усучам кора, ќе ти усучам деветтабани, ќе ти направам зелник, што сакаш, нема проблем јас таа работа.
Мажите се збираа во друштво?
Овде си варат ракија и тие сега чекаат едната жена да му дојди на едниот, другата жена на другиот што си варат ракија, нормално.
Која подобро ќе зготви?
И тие сега да ти кажам натпревар која да направи поубаво, да му однеси на мажот. А сега Дарко јас да ти кажам нешто, оваа ракија јас ја варам лично моја од лозница во дворот, имавме малку и нешто земено и си ја варам, си имам внуци за женење и ќе си ја оставам за внуците, за свадби.
Вие нема да ја пробате малку?
Ќе ја пробаме сите заедно овде, се ќе пробаме, но повеќе за внуците си ја варам искрено да ти кажам, за радост.
Секоја година вариш ракија?
Секоја година мажот ми си вареше, оваа година прв пат јас со моите пријатели.
Со пријателките се собирате тука специјално на варење ракија?
Обавезно, еве сега и други ќе дојдат, ќе речат нека ви е аирлија ракијава се свари, ајде да се напијаме.
Не е чудно малку жени да варат ракија?
Ништо не е чудно, кога не е чудно жена да биди пилот, да биди шофер, па што е ракијава. Ракијава била многу убава работа, тамам денеска да си поседиме, кафе де пиеме, овде Декиов што треба ни удостојува нас и ние си уживаме. Тоа било прекрасно.
Колку саати денот се вари ракијата?
Сега да ви кажам, дека прв пат, ми рекоа 5 саати. Еве на 2 саати сега протече и да ви кажам го варам денес најголемиот казан“, вели Љубица Петреска, претседателка на здружението „Мајка Традиција“.
Инаку казарницата Мукос започнала со работа уште пред околу 150 години кога првиот казан во селото Дреновци го купил прадедото на Дејан Велески, кој се вратил тогаш од печалба од Буенос Аирес. Денес тука во исто време може ракија да варат тројца, има 3 големи казани.
„ Кажете ми како се одвива тука процесот на подготовка на ракија, за тие што немаат варено, што не знаат?
Подготовката е тука се ставаат комињето и се загрева на дрва. Процесот е преку бурето, тоа е ладилник и преку ладењето тука излегува ракијата.
Тоа е практично зад нас?
Да, процесот е овој.
Оди по оваа цевка тука така?
Да, иди по таа цевка и тука си течи ракија, ладна.
Гледаме дека како конец течи.
Така треба да течи, за да биди подобра.
Колку степени е оваа ракија?
Оваа ракија сега е околу 60 степени.
Прилично јака?
Да, јака.
Колку потоа би се намалила, каква ракија пијат прилепчани?
Прилепчани пијат нормална ракија, 52 степени.
Можи и малку повеќе?
Можи и малку повеќе, зависи.
Некои велат дека под 52-3 степени тоа не е е ракија за прилепчани.
Не е ракија, да, правилната ракија е толку.
Од што ја варат?
Претежно од грозје.
Други видови на овошје дали има?
Има од сливи, кајсии, дуњовача, крушковача, од боболка, црница.
Колку прилепчани варат ракија?
Обично варат по 2 пати годишно, еднаш пред Нова Година и потоа за велигденските празници.
Значи големи љубители?
Големи љубители.
Може ова да се проба тука што течи?
Може да се проба, да.
Тука имаме чашиња. Директно од тоа, од централа.
Да.
Живели!
Живели!
За свадби да се пие. Навистина добра ракија“, рече Дејан Велески, сопственик на казарница.
Во казарницата беа дојдени пријателките и пријателите на Петреска.
„Варењето ракија е посебен ритуал тука во Прилеп?
Посебен, јас до пред 5 години секоја година варев, секоја година. И кога ќе дојдеше на казарница да одиме ќе ги соберев најдобрите пријатели и другари и ритуал беше цел ден скоро со скари, со пиење, тоа е традиција којзнае од кога.
И како беше тука, по цел ден?
Па скоро цел ден, од кај 10 саатот до кај 6-7 саато одручек, тоа беше доживување. Доживување, традиција која долги, долги години ја правевме.
Сега како е?
Сега бидејќи не турам овие 5 години грозје, малку ми е чудно.
Но ракија пиете?
Ракија пијам обавезно за ручек по едно чаше и винце по една чаша.
Сега се собираат помладите како вас во времето?
Се собираат, тоа е традиција која уште трае и ќе трае засекогаш.
Се додека има ракија и лозје.
Да“, додаде д-р Благоја Гешоски, жител на Прилеп.
А за да не оди што би рекле ракијата на суво Петреска имаше подготвено и разни традционални месени специјалитети.