Во првите 6 месеци од годинава 1.830 фирми не успеале да преживеат, од кои 1.663 се микрофирми, кои по дефиниција имаат до 10 вработени и до 50.000 евра бруто годишен приход, покажува анализата на порталот Пари врз основа на податоците од Бизнис Мрежа.мк.
Ако се спореди со бројот на затворени фирми во цела 2023 година, кога деловната битка ја загубиле 4.330 фирми, може да се каже дека има шанси оваа година да ја завршиме со подобар резултат.
Во однос на месеците, пак, може да се види дека лоша среќа најмногу ги следела компаниите во јануари, кога 368 фирми се затвориле, односно секоја петта компанија што е затворена во првото полугодие. Трендот на затворање фирми олабавил во мај и во јуни.
Да потсетиме, февруари веќе не е најцрниот месец за компаниите, како што тоа редовно се случуваше до 2023 година, кога имаше законски измени во однос на бришењето на фирмите од страна на Централниот регистар. Голема чистка на фирми последен пат имаше во февруари 2022 година, кога во согласност со Законот за трговски друштва бришењето настануваше во случаи кога фирмите не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, и не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче. Но, Централниот регистар и понатаму има основ за бришење фирми по „автоматизам“ за оние фирми за кои Управата за јавни приходи со решение утврдила дека три години по ред имаат неактивен статус.
ВО ТРГОВИЈАТА, КАКО И СЕКОГАШ, НАЈМНОГУ ЗАТВОРЕНИ ФИРМИ
Пари веќе со години ги анализира и затворените и отворените компании, а заклучокот е дека секторот трговија и поправка на моторни возила е најфреквентен. Во овој сектор најмногу ја гледаат својата иднина малите стопанственици, но таму и најчесто ја губат битката. Во првите 6 месеци од годинава во овој сектор се затвориле 567 трговци, или 31 насто од сите затворени компании.
На второ место по затворање, како и вообичаено, е преработувачката индустрија. Во овој сектор за 6 месеци се затворени 218 фирми.
На трето место е сѐ што се вбројува во други услужни дејности, каде што има 182 затворања.
На четвртото место се хотелиерите и угостителите, односно секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што се затворени 164 фирми.
И во секторот стручни, научни и технички дејности многумина што пробале, не успеале. Првото полугодие во оваа дејност донесе 146 затворања.
ТОП 5 дејности по затворање фирми во првото полугодие од 2024 година
ДЕЛОВНИ ПОТРЕСИ ВО ПРИЛЕП
Во досегашните анализи на Пари, Прилеп не беше препознатлив во листите на ТОП 5 градови по затворени фирми, но во првото полугодие од годинава и тој се најде на оваа листа – на четвртото место – со 101 затворена компанија.
На првото место, секако, е Скопје, каде што се одвива главната деловна активност. За 6 месеци во главниот град се затворени 413 компании, што е 22,6 насто од сите затворени фирми.
На второ место по затворени фирми е Битола, каде што клуч на врата ставиле 160 фирми, а на трето место е Струга, со 110 затворени компании.
Во првата петорка, на дното од табелата е Тетово, со 97 затворени фирми. Тетово обично се наоѓаше на втората или на третата позиција.
ТОП 5 градови по затворање фирми во првото полугодие од 2024 година
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/nad-1800-