ВИДЕО – Oд фестивалска мека, до дестинација која ретко се споменува – подемот и падот на туризмот во Прилеп


Ако пред само неколку години Прилеп важеше за центар на фестивалскиот, спортски и андреналински туризам во Македонија, денес нема ниту бледа копија од таа приказна која макотрпно со години се градеше. Прилеп иако нема реки, езера или национални паркови во своја близина, тој својот рецепт за привлекување на туристи преку годината го најде токму во афирмацијата на овој вид на туризам. Според бројот на ноќевања и посети, овие настани го правеа Прилеп трет или четврт град во Македонија по посетеност, веднаш после Скопје и Охрид.


Пиво фестивалот, Меѓународниот карневал „Прочка“, Фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“, театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, Џез фестивалот, се само дел од уникатните културни манифестации кои ги немаше или се уште ги нема во друг град во Македонија. Денес сето ова едвај преживува на некоја стара слава, без поголема стратегија и организација.

Ако Прилеп особено за Пиво фестот се полнеше со илјадници гости од цела Македонија, па и околните држави, денес тој личи на обичен селски панаѓур. Нема реклама, нема промоција, нема никаква организација, ја нема жарта со која со месеци наназад се подготвуваа овие настани. Овој фестивал порано се рекламираше и на странски медиуми, освен илјадниците автомобили цели композии на возови пристигнуваа во Прилеп, а во градот и околните градови немаше слободно место каде да се преноќи. Оваа успешна приказна комплетно замре. Прилеп денес никој не го ни споменува. Веќе други градови како пример Струмица, Кавадарци, Дојран… кои во минатото учеа од Прилеп, денес прават далеку попосетени настани отколку што беше Пиво фестивалот. Поранешниот градоначалник Марјан Ристески раскажува околу тоа како се правела дел од стратегијата за развој на туризмот во Прилеп и како изгледаше организацијата на Пиво фестот тогаш. Особено за најпоосетениот концерт на Цеца во 2010 година.

Прво во однос на фестивалскиот туризам сакавме да развиеме во различен дел од годината различни фестивали и да привлечиме доста народ. Тука беше Пиво фестот како еден од најголемите 3 фестивали на Балканот, кој се развиваше годините и после Егзит и Гуча беше трет фестивал во големина, кога стотици илјади народ идеа за тие 4 дена и навистина тоа преставуваше една голема економска инекција за градот и околина, па и цела Пелагонија. Знаеме дека немавме доволно смештај и се бараше смештај плус и во околните општини и градови како Битола, Крушево итн. Имавме еден одличен меѓународен карневал, го имавме богатото културно лето во текот на целата година, имавме џез фестивал, атрактивни славења на Нова Година, но и Свети Никола како заштитник, патрон светец на градот кога го направивме не само да биди верски празник, туку еден вид културна манифестација и атракција за градот. Прво да кажам, не е само работата да примите голем број на луѓе, туку тие луѓе треба да бидат безбедни во градот, да има безбедно паркирање и безбеден влез и излез во градот и тоа треба градот да го постигни. На пример за еден од најголемите концерти спрема официјални статистики во градот беа влезени преку 25.000 возила од страна, зборувам за надвор од Прилеп, преку 300-400 автобуси и 4 композиции бесплатни возови од Скопје кои донесоа луѓе во градот.

Некои можеби и не веруваат дека Прилеп има капацитет да собере толку народ?

Имаше безбедност, уште од влезовите на градот имаше обезбедено ЏПС каде да се паркираат, како да излезат од градот, дури имавме и соработка со МВР сите оние кои имаа конзумирано малку повеќе алкохол, нормално тоа е пиво фест, не е боза фест да се разбериме, да им се одземат клучовите од моторното возило, да бидат однесени во кислороден бар, да отрезнат и да им се заблагодариме за присуството и да можат безбедно да се вратат дома. Значи внимавме на сите аспекти и пред се на хигиената во градот, после тие големи фестивали кои се одржуваа во Прилеп, Прилеп беше навистина на едно од највисоките нивоа на чистота, практично и да не веруваа луѓето дека се одржал толку голем фестивал и после толку луѓе, толку голема посетеност и нормално ѓубре и отпад да биде чист градот за само неколку часа“, изјави Марјан Ристески, поранешен градоначалникл на Прилеп и сегашен заменик министер за економија.

Од организација на 2 до 3 дена дури и Карневалот „Прочка“ се сведе на едвај 1 ден, каде доколку не се дечињата од градинките и основните школи да продефилираат со своите маски не би ни имало Карневал. Големи групни маски, со возрасни маскирани лица скоро и да нема, а за посетители од странство нема со години.

Спласна одвојувањето на средствата, спласна интересот за организирање на меѓународниот карневал, училиштата не добиваат веќе помош од локалната самоуправа како што добиваа за изработка на своите маски, а и вработените кои беа задолжени директно или индиректно за организација на карневалот некако беа на спореден колосек и тие немаат желба некако за да се организира. И ние за тие 8 години, полека, полека не фати и таа пална корона и пропадна карневалот, тој остана каков што беше оваа година, минатата година, т.е. со маски кои се неверојатно добри, малку, но добри од учениците. Со неодвојувањето на средства, со намалувањето на наградите, демотивирани бевме и ние организаторите, бидејќи јас сум од почетокот до денес. Кога немаш луѓе, кога немаш групи, тешко е со свои средства за сместување, тоа се релативно за Општината ништо, но за нас се големи средства, не бевме во можност да обезбедиме такви средства за да можеме да ги сместиме тие 15-20 групи. Со сегашниот министер за култура Љутков разговаравме, кажа на кој начин можеме да го подигнеме нивото на прилепскиот карневал, со дискусијата го запознав и сегашниот градоначалник на општина Прилеп и ми вети дека оваа година ќе има тенденција на подобрување, т.е. враќање на карневалот како што беше пред само 8 години“, изјави Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.

Истото се случува и со други спортски брендови. Години наназад Прилеп ја градеше приказната дека е срцето на авантуристичкиот туризам во Македонија. Болдеринг на Баба, Маркови Кули и Трескавец, планински велосипедизам во Мариово и други околни предели, параглајдинг од Трескавец, ОФФ РОАД меѓународен натпревар со теренски возила, се изгради специјален полигон за мото крос трки, маратони во планинско трчање, голем дел од овие настани кои носеа странци од целиот свет денес не ни постојат, а дел се одржуваат во сосема мал формат, без поголема медиумска покриеност и покривање.

Болдерингот за кого и најпозната светска компанија за спортска опрема Petzel дури сними и реклама е сведен на минимум, иако вакви карпи има само уште на 2-3 места во светот. Prilep open натпреварот во парагалјдерство од Трескавец не се одржува. Поголеми трки во планински велосипедизам, од типот на Mariovo off road experience кога во Мариово се собираа и до 2.000 присутни нема. Прилеп сега нема ниту аутдор фестивал, иако имаше одредени обиди со Pletvar autdoor. Планинската трка „Krali Marko ultra treil“ се одржува, но без поголема афирмација како порано. Од сите овие настани финансиски бенефит имаше како Општината, така и економските субјекти во градот.

Колкава беше таа финансиска инекција која што ја добиваше Прилеп, дали може да се присетите?

Сигурно беше милионска сума, најголем бенефит гледаше чаршијата, преполна чаршија, исто така хотелите, таксисти, буквално се е поврзано. Тие пари не остануваат на едно место, вртат во локалната економија, а индиректно имаше бенефит и локалната самоуправа преку плаќањето на даноци. Понатаму тие пари во буџетот ги проектиравме за реализација на капитални проекти во интерес на градот.  Видете, за да развивате туризам треба и градот да го спремите да може да ги прифати тие туристи, да биди уреден, да биди чист градот, Прилеп важи и важеше за еден од најчистите градови во Македонија, со уредени паркови, уреден центар, квалитетно водоснабдување итн. Тоа се основните услови и предуслови за да можите да примите поголема бројка на туристи кои би дошле, би го посетиле нашиот град и задоволни би заминале од градот. Мора да бидите спремни, јас мислам дека градот со една добра стратегија, пред се на социјално-економскиот совет треба да разговара што понатаму во развојот на туризмот, да не стагнираме во однос на другите општини, региони и држави, бидејќи оваа значајна туристичка гранка носи голем економски бенефит за градот. Треба да развиваме фестивали, треба да се постави прашање дали Пиво фестот треба да остане во оваа форма, да се смени друга форма, да се измисли некој друг фестивал дополнителен во различни делови од годината, што навистина ќе го продолжи приматот на градот како фестивалски центар во Македонија и овој дел на Балканот. Тука нормално реков треба поддршка не само од локалната самоуправа и јавните институции, тука треба мала поддршка и државата да даде, посебно сега Министерството за култура каде и туризмот влегува како гранка и секако бизнис секторот од градот да има една општествена одговорност спрема градот, со едно чувство према овие манифестации, невладиниот сектор и секако медиумите кои се најбитни во реклама и презентација на сите овие манифестации“, додаде Марјан Ристески, поранешен градоначалникл на Прилеп и сегашен заменик министер за економија.

Прилеп нема ниту ИНФО Туристички центар. Ако дојде странец нема каде да се обрати што може да посети, освен ако не добие за тоа препорака на интернет. Нема никакви организирани тури за странци во Прилеп. Градот и околината станаа слепо црево за сите посетители кои прават кружни тури низ државата. Прилеп не го посетуваат.

Зошто Прилеп во овој момент е избегнуван од страна на странските туристи кои ја посетуваат Македонија? Останавме како некакво слепо црево така да странците кои доаѓаат одат во Битола, има голем број на такви групи кои можат да се забележат во центарот на градот како шетаат по Широк Сокак, додека ниту една од тие групи, или сосема малку во текот на годината доаѓаат да го посетат нашиот град. Што е она што го прави проблемот за тие странски групи не доаѓаат во Прилеп?

 Мое мислење е дека има неколку причини, една од причините е што имаме направено недоволно приказни за Прилеп, иако имаме можности. Значи приказната за Марковите Кули целосно ја изгубивме наместо да ја подобриме и да направиме нешто како идеите од порано кога беше Пирганоски како градоначалник, имаше идеи да се направат жичари, ресторани, тоа сето изумре, го нема, се направи патот и неколку летникови и и тие се искршија, значи не е само нешто да направиш, треба и да го одржуваш. За Трескавец има голем интерес и на странски и на домашни туристи, патот не е како што треба направен, не е за со автобуси. Знаете за туризам треба инфраструктура, ние немаме доволно инфраструктура, немаме пат до Трескавец. Градов исто така последниве 7-8 години е во катастрофална состојба, од улици, влезовите во Прилеп наместо да се подобрат се влошуваат. Во градов парковите што беа и тие се доисушија. Ти како човек, што би сакал да видиш за да одиш во друг град, во друга држава, сакаш да видиш нешто интересно, убаво, пријатно, кај нас обратно е. Кај нас кога ќе дојдат во Македонија, посебно во Прилеп, другиот пат наместо да им кажат да други туристи да дојдат, тие ќе им кажат обратно, ќе им речат нема што да видиш. Еве и со Пиво фестот се намали скрос, порано Пиво фестот беше поим во Македонија, сега готово, се изгуби. А и другите манифестации, ете и Прочка, тие се тие работи, но најмногу инфраструктурата, достапноста до Прилеп е најслаба, во најлоша состојба се патиштата до Прилеп и од страна од Битола и од страна од Градско, Прилеп е во најлоша состојба во цела Македонија. Сето е до инфраструктурата и до приказните, сега е многу полесно да се направи приказна, но треба и нешто да се направи за таа приказна, пример приказна за Музејот за тутун ние имаме, Трескавец, Маркови Кули, чаршијата беше, а сега некако и таа се повеќе пропаѓа, каде што бевме познати по евтина скара, а сега не сме ни евтини. Исто нема настани, Битола има секоја недела концерти на игралиште, ние од Прилеп постојано одиме Битола или Охрид на настани. Да не зборуваме за Скопје во другиот период, во летниот период цело време од Прилеп одиме во Битола или Охрид, овде немаме никаков настан моментално во Прилеп“, истакна Бранко Карески, туристичка агенција.

Марковите Кули и древните цркви во населбата Варош за кои може да се сними и холивудски блокбастер поради нивната богата историја и атрактивност се оставени на забот на времето. Тврдините не се реконструирани со децении, без организирани посети, без никаква урбана уреденост на просторот за туристи. Црквите пак чии фрескоживописи се бесценети, исто така не се отворени постојано за посета освен со некое закажување.

Прилеп ги има и едни од најуникатните музеи не само во Македонија туку и во светот, како што се музејот за тутун, втор по вредност и број на артефакти во светски рамки, археолошката поставка, лапидариумиот, етнолошката поставка, Галеријата на икони, поставката за роднокрајно музичко творештво, Участакот, Спомен домот на Блаже Конески во Небрегово. Ниту една од овие поставки не е постајано отворена, освен со закажување, ниту пак се доволно афирмирани, за нив не слушнале и не ги погледнале ниту добар дел од прилепчани, а камоли странците.

Моментално како институција не располагаме со доволен кадар за да можиме нашите музејски поставки да бидат отворени нон стоп за посета на странци. Во нашата зграда, во која ги имаме трите поставки етнолошката, лапидариумот и археолошката се отворени до крајот на нашето работно време и со закажување, без разлика дали се работи за странски туристи или наши посетители. Еден проблем кој ни се промакнува неколку години после короната уназад, јас го гледам во незаинтересираноста на нашите туристички оператори и агенции, мислам дека ниту една наша поставка од нашиот комплетен Завод и музеј Прилеп не е на мапата на нивните екскурзии кои ги водат. Културниот туризам се сведува моментално само на нашиот ентузијазам, на колегите од Завод и музеј, кои макотрпно со закажување на посети, со објавување на разни информации кои ги имаме, настани, активна е нашата веб страна, активна е нашата Фејсбук страна, така да информациите верувам дека секој посетител би ги добил од социјалните мрежи. Меѓутоа, зошто не е музејов на поголемо рамниште према нашиве тур оператори не знам, но јас го кажав проблемот наш е што немаме доволно кадар. Ако нашите кадри ги ангажираме во поставките, ние ќе немаме стручен кадар што може да се посвети на науката и на реализација на проектите кои ни се одобрени од Министерството за култура.

 Дали досега имате разговарано со државните институции да се вработат луѓе кои би работеле специјално на таа посета на туристи, а научниот кадар да си остане како научен кадар кој ќе си работи на проектите?

 Имаме разговарано, но моментално знаете дека состојбата е таква да не можиме некако да ги тераме вработувањата со стручните кадри заедно, така да стручните кадри ги употребуваме во 2 основи и како кустоси на музејските поставки и како стручни кадри кои работат на тоа“, кажа Горан Цветаноски, директор на Завод и музеј Прилеп.

Археолошките локалитети, како Стибера или кралската Гробница во Бонче воопшто не се соодветни означени со патокази, ниту пак уредени за посета. Обраснати со треви и претворени во змијарници. Се чистат само 2 недели годишно ако таму за тој период се вршат некои археолошки истражувања.

По кажување на колеги по институции дека Законот за експропријација ни прави големи проблеми, нашите сограѓани не наидуваат на разбирање за нашите потреби, јас верувам дека е неоткриено уште многу простор во Стибера. Нашиот локалитет не е ни под национална основа, под Завод и музеј е во кој ние само работиме, или ископуваме, или правиме научни истражувања, или пак го конзервираме тоа што во претходниот период што се реализирало.

 Дали можеби сите тие артефакти што се пронајдени во Стибера треба да се вратат во Прилеп и да се направи еден посебен музеј само за Стибера?

 Јас мислам дека тоа е една од најдобрите идеи, но колку е тоа изводливо сега во овие услови не знам, затоа што еве како илустрација, и Музејот за тутун сакаме и имаме идеја и желба колегиве да го преместиме во некој дел од градот, но вие сте сведоци, постојано сте со нас, и Музејот за тутун немаме моментално каде да го преместиме. Бараме и просторија за свечена соба за Али Фети Окијар, имавме таква изложба, имавме таква поставка посветена и моментално оди низ градовите низ Македонија, така да тие се работи кои не се за еднодневен разговор или на ниво на институција на Завод и музеј Прилеп. Можам да наведам една позитивна работа, Спомен домот на Блаже Конески во Небрегово е влезен во туристичката мапа на некоја скопска туристичка организација Војаџер која ги спои Спомен домот Блаже Конески, Спомен куќата на Пеце Атанасовски и манастирите Свети Архангел Михаил и Трескавец. Тоа е влезено во светски туристички конгреси, јас учествував во потпишувањето на спогодбата дека стоиме на располагање на сите тур оператори во земјава и странство, со сите наши поставки да излезиме во пресрет. Реков, можеби немаме алтернативен туризам, но го имаме културниот туризам на највисоко можно ниво“, додаде Горан Цветаноски, директор на Завод и музеј Прилеп.

Прилеп како општина нема одделение за туризам, нема стратегија за туризам, ниту некој се грижи за состојбата на сето ова што претходно го истакнавме. Наместо една од најзначајните економски гранки, која носи голем економски бенефит и профит, туризмот во Прилеп не се споменува од надлежните органи. Едноставно нема пари за култура, како тоа да е најнебитното нешто за еден град, а тоа е токму спротивното. Без култура и туризам има само сивило. Доколку не се промени оваа ситуација Прилеп ќе продолжи да тоне во овој сектор кој е најголемиот афирматор за еден град и држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи