Во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се отвори изложбата „Македонија во светот на хералдиката“. Изложбата содржи 35 панели со по 2 грба на нив. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: Грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
„Со тоа што ние имаме тука направено еден избор на различните претстави на грбот на Македонија. Значи најголемиот дел од претставите на грбот на Македонија или припишаниот грб на Александар Македонски е лав во различни позиции. Ние решивме тука да претставиме само неколку грбови со лав, сакаме да ги претставиме и другите симболи кои се јавуваат во идејата на средновековна Европа што би ја претставувала Македонија. Така да ќе се видат тука и со 3 круни, со грифон и други работи. Ова е резултат на повеќе од 20 годишна работа и навистина на почетокот кога почнавме уште беше истражувањето по библиотеки, сега е веќе поедноставно затоа што голем дел од тој материјал е дигитализиран. Првата изложба постојана е во Музејот на Македонија 2009 година и сега практично ова е едно возобновување во истражувањето во последните 15 години“, истакна Јован Јоновски, претседател и главен хералд на македонското грбоносно друштво.
Целта е да се прикаже поимањето на Македонијан во средно вековната култура.
„Македонија целосно е тоа што ги поврзува, затоа што практично хералдиката во Македонија, зборуваме за територијата на Македонија, таа присуствува и од порано, но со многу малку, значи пред доаѓањето на Турците има почетоци на хералдиката во Македонија, но сите тие 6 векови под Турците, под Отоманската империја, поради исламскиот начин на пренесување на уметничките дела каде се без живи фигури, едноставно на овие простори хералдиката потполно замира и понатаму веќе во 19 век почнува да оживува, кога веќе европската хералдика се рефлектира и на Балканот. Она што ние се обидуваме тука да претставиме е поимањето за Македонија во средновековната култура, значи Македонија преку грбот, преку припишаниот грб на Александар Македонски. Значи Александар Македонски не носел грб затоа што бил не од тој временски период, хералдиката започнува од 12 век, но му е припишан тој грб и едноставно во најголемиот дел од грбовници ликот и делото на Александар Македонски, значи ликот за него е присутен скоро секаде. Понатаму грбот од припишан грб на Александар Македонски преминува во грб на Македонија“, додаде Јоновски.
Автори на изложбата се Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, а промотор беше публицистот Ставре Џиков.
„Сега во моментот ние живееме со Марко Цепенков. Зошто? Ако Марко Цепенков ги собирал умотворенијата на македонскиот народ, ние скромно, јас така се нарекувам со цела тајфа, сме мисионери на историјата на Македонија низ симболиката, низ хералдиката. И драго ми е што низ оваа изложба, пред овој прекрасен Дом, Марко Цепенков, да ја прикажиме пред прилепската и целата македонска јавност. Претходно оваа изложба ја имавме во Радовиш, ја имавме во Куманово и ја имавме на еден голем и значаен датум во Крушево, на 3 август“, вели Ставре Џиков, публицист.
Организатор на изложбата е Центарот за култура „Марко Цепенков“.
„И на големо задоволство тука сме во Ликовниот салон на Центарот за култура Марко Цепенков и ја претставуваме пред нашите сограѓани изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, на која сите наши сограѓани во наредните 10тина дена ќе имаат можност да се запознаат што значи хералдиката, што значат грбовите во Македонија и секако грбовите лично како поединци“, кажа Каролина Мицеска, советник за односи со јавност при ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Изложбата во наредните 10-тина дена ќе биде поставена во Прилеп, а потоа ќе има нејзино поставување и во други градови на Македонија.