Македонија годишно ја напуштаат по околу 2.500 високообразовани кадри

Ревизорскиот извештај за одливот на мозоци од земјава, во кој е утврдено дека за осум години емиграцијата на високообразован кадар ја чинел државата 44,7 милијарди денари или 0,8% од годишниот БДП, се најде на расправа пред матичната комисија, за економски прашања.

Според извештајот во периодот од 2013-2021 година од Македонија годишно мигрираат по околу 2.500 млади со високо образование. Земјава се наоѓа на петто место по заминување на високообразован кадар во споредба со европските земји, а таленти се помалку се откриваат. Владата не прави доволно за спречување на состојбата која според ревизорите е алармантна, а одливот на мозоци негативно влијае врз економијата.

Според проценките на Светска банка, речиси 40% од младите со факултет ја напуштиле државата.

Од Ревизија потенцираат дека по истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.

„Мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани. Не е воспоставен функционален систем за следење у управување со интелектуалната емиграција и сеопфатна база на податоци за емиграцијата од државата. Недостигаат анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката, а воспоставениот начин на студирање на втор и трет циклус на студии во странство не обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата. Мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите од Стратегијата не е воспоставен, ниту е извршена оцена на ефектите од имплементацијата на мерките“, посочуваат од Државен завод за ревизија.

Од ДЗР препорачуваат јавните универзитети и факултети да ја разгледаат можноста за подобрување на функционалноста на Центрите за кариера преку издвојување на финансиски средства за спроведување на предвидените активности, со цел поврзување на приватниот сектор и студентите.

„Во координација со надлежните органи и високообразованите установи да преземе активности за продолжување на отпочнатите активности за развој и функционирање на Опсерваторија за вештини. Да преземе активности за изготвување на Програми за препознавање и негување на талентите. Да донесе Програма за инвестиции во инфраструктура за научно истражувачка работа. Да воспостави Електронски регистар на истражувачи во земјата и во странство (nauka.mk) и да донесе Правилник за формата, содржината и начинот на водењето на регистарот“, се вели во Извештајот на ДЗР.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи