ВИДЕО – Ѓорѓиевска: Со искачувањето на „Исланд Пик“ на Хималаите се исполни еден мој голем сон и благодарна сум за тоа


Наша соговорничка е Маријана Ѓорѓиевска од Прилеп планинарка високогорец, која што пред неколку денови во својата последна експедиција се искачи на „Исланд Пик“ во Непал, на Хималаите, врв повисок од 6.000 метри надморска височина. Таа досега ги имаш искачено и сумитите на Европа – Елбрус, Аконкагва во Јужна Америка и Килиманџаро во Африка, како и многу многу други највисоки врвови во европските држави.

Какво е чувството после искачувањето „Исланд Пик“, врв повисок од 6.000 метри. За прв пат на толкава надморска височина да се искачувате?

Ѓорѓиевска: Најпрво сакам да ви се заблагодарам за поканата за овај разговор, како и претходно вие сте верен поддржувач и афирматор на сето она што јас го правам и вака кога ќе слушнам некој друг да зборува што сум направила си викам, Боже навистина не сум направила малку. Точно е дека пред неколку денови се вратив од Непал, од моето последно искачување на врвот во Хималаите „Исланд Пик“ кој што морам да напоменам доколку се пребара на Википедија или на интернет неговата висината изнесува 6.165 метри надморска височина, а локалното Непалско население вели дека врвот е со височина од 6.189 метри надморска височина. Така што јас го почитувам она што го кажуваат Непалците, односно месното население. Чувството е прекрасно, немам зборови со кои што би можела да го опишам нештото, но ќе се обидам колку што можам преку слики и фотографии да пренесам и да видите како било и какво е тоа доживување.

Гледачите ќе има можност да погледнат како изгледало тоа преку твоите фотографии и видеа што ни ги достави. Колку време траеја подготовките за да заминеш за Непал, тука во Прилеп во Македонија, но и таму како течеше целиот процес на аклиматизација, колку денови се одвива искачувањето?

Ѓорѓиевска: Често напоменувам дека јас сум во континуирани подготовки, бидејќи не знам што би можело да излези за искачување или со кој предизвик ќе се соочам, но конкретно идејата за искачување на врвот „Исланд Пик“ се роди некаде пред 2 години кога преку спонтани разговори со лица со кој што се запознавме на искачувањето на врвот Аконкагва се договоривме да направиме една заедничка експедиција. Тоа беше со хрватска група.Тогаш се обидов да најдам определени спонзори, бидејќи оваа е експедиција која што навистина кошта, но неуспешно беше тогаш и затоа искачувањето на „Исланд Пик“ го оставив за некое време кога ќе се создадат услови за тоа.

Самите припреми, кога веќе се конкретизира самото искачување на врвот, траеја речиси една година, значи за овој врв навистина сериозно се подготвував од причина што станува збор за Хималаите, еден планинарски сон за секој планинар, дури и сите оние авантуристи кои што не се занимаваат сериозно со планинарење, сакаат да појдат на Хималаите.

Не сакав да потфрлам како и во ништо во животот, а подготовките започнаа пред една година, правев интензивни тренинзи со мојата инструкторка Александра Оровчанец, а потоа имав технички подготовки за искачување на карпа заедно со инструкторот Киро, познат како Киро Паланката и паралелно поткрепена од моето досегашно искуство, си правев кондициони тренинзи на планина преку планинарење и велосипедизам и сето тоа ми даде една добра физичка основа, а паралелно со тоа и ментално, односно психички се подготвував за да бидам комплетно спремна за соочување со еден со предизвиците коишто ги носи еден хималајски врв.

Конкретно јас кога ќе пристигнам таму на местото на злосторот, немам подготовки, значи се препуштам на моментот, подготовките за мене секогаш траат претходно, потребна е навистина голема храброст за да одлучиш да одиш некаде, финансиски да се спремиш, да се спремиш со опрема како што споменав, кондиционо физички и психички, а кога веќе си таму за мене нема простор за размислување дали одам или не, бидејќи јас сум таму и јас одам за да го направам тоа, фала Богу не со главата во ѕид. Значи кога веќе сум таму, јас немам простор за размислување, односно сум таму за да го искачам врвот нормално во некои разумни услови каде што не би се сносила со определени ризици по однос на мојот живот или животот на групата во со која што доаѓам.

Колку денови траеше цела експедиција?

Ѓорѓиевска: Целата експедиција траеше 19 дена, значи од самиот лет од Белград до враќањето во повторно во Белград.

Дали бевте сама од Македонија или имаше и други членови во експедицијата од државава?

Ѓорѓиевска: Ние бевме мешана екс ЈУ експедиција, експедицијата беше составена од 7 Македонци, 5 од Македонија, 1 од Германија и 1 од Австралија, имаше членови од Србија, Црна Гора и Босна. Морам да напоменам дека бевме 8 мажи и 8 жени, едноставно како да требаше да си ги израмнуваме силите и чест ми е и горда сум заради тоа што повторно жените се покажаа како посилниот пол.

Се искачија повеќе?

Ѓорѓиевска: Да, ниту една жена не се откажа од искачувањето, сите 8 жени се искачивме, првите 4 жени коишто стапнавмена на врвот бевме жени, 2 од Босна, 1 од Србија и јас заедно со нашиот шерпас Агами.

Ова е повторно уште еден доказ дека жените на планина навистина ги рушат сите лимити и ги поместуваат сите граници заради тоа што можеби карактерните карактеристики некогаш се пресудни и за упорноста која што ја има самата жена, тие се пресудни за искачување, за успешно искачување и симнување од еден врв.

Значи, условно кажано посилниот пол тука е послаб на планина?

Ѓорѓиевска: Не би да го коментирам ова, бидејќи не знам понатака кој коментари ќе ги имам.

Колку часови траеше самото искачување на врвот?

Ѓорѓиевска: На 31.10. во 23 часот и 5 минути по локално непалско време, тргнавме за искачување на врвот Ајланд Пик и од таму бев после 10 часа и нешто, односно  првата фотографија, според она што можам да го видам  е направена во 9 часот и 35 минути. А враќањето до базен камп значи целокупното одење и враќање беше некаде околу 14 и пол – 15 часа, каде што во базен камп имавме мал одмор и повторно се упативме кон патеките односно да се симнеме на две села пониско од она каде што ни беше нашиот базен камп на 5.100 метри надморска височина.

Две и пол речиси три години не сум била на надморска височина од над 3.000, односно над 5.000 метри надморска височина. Во самата програма имавме аклиматизационо искачување кое што со душа го чекав, бидејќи сите научни истражувања кажуваат дека телото ја памти висината од 3 до 6 месеци. Моето тело не било на 3.000 веќе 3 години на таа височина и навистина со душа чекав да видам како ќе реагира. Самостојно си направив една аклиматизација на 5.000 метри надморска височина, што значи отприлика околу 5 дена бев на висина над 5.000 метри надморска височина и чувството е незаборавно. Зошто се вратив назад со овие 5 000? Заради тоа што секое искачување над 5.000 за мене претставува едно посебно доживување и охрабрување на самата себеси дека, да навистина ме бива и уживам таму, а искачувањето на 6.189 метри надморска височина, особено на таков идеален ден, кој што доколку по порачка го баравме, немаше толку добро да го одбереме, нема зборови, навистина не можам да најдам зборови да го опишам тоа, особено кога си тет а тет со врвови за кои што си слушал, за кои што си мечтаел и сонуваш дека некогаш ќе појдиш таму, така да имаше една прекрасна панорама од врвовите Ло Це, Нук Це, Макалу, Амадабла, тоа се светски познати врвови кои што се сон за сите познати и светски планинари високогорци,така да чувството е навистина прекрасно.

Дали имаше поглед на највисокиот врв, Монт Еверест?

Ѓорѓиевска: Од самиот врв немавме видик кон Монт Еверест, бидејќи тука се наоѓаат други врвови кои што го спречува тој видик, но затоа за време на аклиматизационите искачувања бевме до една точка која што се вика „Еверест вју поинт“, каде што има хотел на 3.880 метри надморска височина и имав шанса да се запознаам со Еверест од далеку и да му речам здраво како си, можеби еден ден ќе се видиме, можеби и не, но сепак ми е задоволство што се запознавме.

Освен искачувањето на врвот Исланд Пик имаше можност да погледнеш и други интересни карактеристики и места кои што ги има Непал?

Ѓорѓиевска: Да точно така, на враќањето имавме ден и пол можност да престојуваме во градот Катманду, каде што нормално јас сум од Прилеп и појдов да го посетам „Манки темпл“ односно тоа е најголемиот будистички храм и таму е карактеристично тоа што во цел храм има мајмуни.

Како амбасада на прилепчани во Непал?

Ѓорѓиевска: Да, тоа е прилепско мало во Непал, во Катманду. Потоа го посетив националниот музеј на Непал, главниот градски плоштад и неколку локални ресторани и кафичи.

За крај на ова интервју нема да те прашам што е наредно, нема и онака да ни откриеш, така да ќе чекаме на твоите изненадувања. Во една реченица кога се качи горе, што ти помина низ глава, дали можеш да ни кажеш за тоа?

Ѓорѓиевска: Ми помина, Господе ти благодарам што сум ова јас, Господе ти благодарам шо ме натера да го правам ова што го правам за да можам да ги видам овие убавини во светот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи