60 години од матура одбележи првата генерација на медицински сестри акушерки кои завршија во средното медицинско училиште во Прилеп во далечната 1964 година. Во тоа време немало сестри акушерки во Прилеп и благодарение на директорката Василка Бранковиќ и докторот Брашнаров во Прилеп се отворило средно медицинско училиште и еден ваков еден смер. На почетокот биле запишани 41 ученичка, од нив завршиле само 18. Медицинските сестри од таа прва генерација се присетија како било да се учи пред точно 6 децении оваа струка.
„Ние бевме многу иситнати, истерсени, само тие што имаа вистинско знаење завршија, а додека другите останаа поназад. Затоа зршивме само 18. Бевме толку стручно подготвени што вистински сами водевме раѓања. И се распространивме низ цела Југославија. Наши ученички се вработија во Љубљана, заминаа во Шведска, Швајцарија, во Пука во Хрватска, во Скопје и секаде каде што заминаа беа главни сестри на одделение. Бевме добро потковани со знаење и за сето тоа му сме многу благодарни на нашите професори. Ние бевме навистина храбри некои од нас заминаа и по селата. Еве јас на пример 3 години работев на село и имав 360 раѓања за 3 години. Тие 360 раѓања сите беа во домашни услови, и сега не покануваат тие и на свадби. Прво одевме како патронажна служба, сите ми беа уредно запишани и сите знаевме која жена кој месец треба да се породи, како и е бременоста и сите потребни податоци“, истакна Магда Матракоска Тинтоска, поранешна медицинска сестра акушерка.
Ова било второ вакво отворено училиште во државава за медицински сестри акушерки веднаш после она во Скопје, а потоа се отворило и во Битола. Поранешните акушерки се потсетија и на тоа колку била одговорна нивната работа во тоа време и премногу тешка, кога често пораѓале и без гинеколог, а денес сите вакви сестри одат во тим заедно со лекар.
„Професијата си ја сакав уште пред да се запишам во училиштето. Јас се запишав прво во економското училиште и 2 месеци одев таму дури чекав да се отвори медицинското училиште. Училиштето се отвори на крајот на октомври 1961 година. 1964 дипломиравме само 18 и од тие 18 докторот Брашнаров кој беше прв гинеколог во Прилеп не одбра по успех и подготвеност. Нас не подготвуваа за теренска работа. Не само во болницата туку ако има потреба да одиме и по селата. Јас во тоа време бев и со хеликоптер на пораѓање во Мариово. Тогаш беше многу попримитивно, а сега мислам дека сега е многу полесно. Затоа што секогаш има гинеколог со нив, а ние бевме сами и дежуравме по 24 часа сами. Јас сум плачела и сум пораѓала, струја ќе снема, аспиратор нема, бебето нема да може да го аспирираш, трчавме со свеќи, со ламби и така завршивме. Важно сум многу задоволно можеби затоа што си ја сакав професијата и цело време работев во родилна сала од вработување до пензионирање. Тешко ама слатко, весело одделение бидејќи раѓаш нов живот“, рече Катерина Јакимоска Арапческа, поранешна медицинска сестра акушерка.
Порачаа дека светот, па и нивната професија останува на младите. Упатија и порака до нив.
„Млади, никогаш немојте да ја скратувате насмевката на пациентките и на болните, затоа што добрите зборови и насмевката се најубавото нешто за болниот. Бидејќи и вие ќе се сложите дека болниот има само една желба, да оздрави. А додека здравиот повеќе. И второ би им препорачала на младите животот да го замислат како бело платно тие да бидат креатори на него, уметнции, цртачи, да пишуваат добри дела, бидејќи луѓето се препознваат по добрите дела“, истакна Магда Матракоска Тинтоска, поранешна медицинска сестра акушерка.
„И јас им препорачувам да си ја сакаат професијата и да бидат многу внимателни во сето тоа што го работат, бидејќи тука се два животи во прашање“, додаде Катерина Јакимоска Арапческа, поранешна медицинска сестра акушерка.
Во моментов ова средно училиште СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп брои околу 770 ученици, од кои 540 се во здравствената струка, од нив 272 се медицински сестри.
„Иако за жал се присутни само 2 од овие дами ккои што својот животен век гом поминале како акушерки, сепак н ивниот ентузијазам и нивната силна желба да организираат една ваква ретка средба вроди со плод. Иако нивниот број е многу мал тие сепак се собраа во училиштето од чии што клупи потекнале некогаш да им го пренесат она што го доживеале и она низ што поминале како акушерки во текот на нивниот работен стаж“, рече Жаклина Видеска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“.
За тоа дека овие жени, сестри акушерки се вистински хероини зборува и фактот дека пред 6 децении било многу тешко да се заврши и какво било средно образование, а не пак толку стручно, особено за девојчиња. Тоа ја докажува само нивната пожртвуваност и желба да се надоградуваат себеси во професијата која ја сакале со сета своја душа и срце.