ВИДЕО – Се зголемува семејното насилство во Прилеп, особено таму каде што жртви се децата


Семејното насилство се зголемува на ниво на Прилеп, до овој момент за 2024-та Центарот за социјална работа регистрирал 84, односно 10-тина пријави повеќе од лани, не сметајќи ги пријавите заведени како поплаки. Но што е уште пострашно е тоа што жртвите на семејното насилство се се повеќе децата. Од Центарот ги имале итно преземено сите мерки.

„Насилството врз малолетните деца е од страна на еден од родителите и тоа е најчесто физичко. Со привремени мерки настапуваме за заштита со изрекување од страна на судот и децата се кај тој родители кој не врши насилство. Не мора родителоте да се разведени, каде што има насилство не значи дека се само разведени родители има и такви кои се заедно во брак, а детето е дадено кај тој кој не врши насилство“, истакна Јасминка Митреска, социјален работник во Центар за социјална работа Прилеп.

Кога станува збор за семејното насилство стручните работници упатуваат и на зголемување на свеста за сексуалното вознемирување и демнењето. Другите институции за жал ретко ја користеле мерката отстранување на насилникот од домот. Спасувањето на жртвата често било оставено само на Центарот.

„Со оглед на тоа дека имаме многу ниска стапка на обвиненија за овие дела кои што и квалификувани како кривични дела, а од друга страна за жал кај жртвите се уште не постои препознавање на овие форми на семејно насилство и пријави за истите. Бидејќи во Центарот имаме многу мал број на случаи каде поведувани постапки за сексуално вознемирување и демнење, но од друга страна не се препознати од другите надлежни институции како кривични дела и не се водат постапки, ниту пак има изречено некаква пресуда или преземено некои други дејствија“, додаде Тања Тренкоска Алексоска, правник во Центар за социјална работа Прилеп.

Но за жал Прилеп нема шелтер центар каде би се сместиле жртвите и тие се носат во други градови, што било најголема траума за децата. Прилеп нема ниту специјализирано советувалиште кое ќе работи со жртвите на семејно насилство.

„При сместувањето во шелтер центрите се сместува родителот и доколку има и малолетни деца, заедно со родителот се сместуваат и децата. Голем предизвик и како еден голем проблем е промената на средината за децата, ново училиште, нови другарчиња, промена на наставен кадар. Тука од страна на стручните лица во шелтер центрите треба да ја добијат таа психосоцијална помош и поддршка“, кажа Гордана Велјаноска, педагог во Центар за социјална работа Прилеп.

 Стручните лица се пожалија и тоа дека се ставени во опасна ситуација кога работат на овие предмети и им недостасува психоцијална поддршка што итно ја бараат.

„Изложени сме на постојани закани, уцени, омаловажувања, навреди, лична освета, нанесување на штета на личен имот, како и закани по семејството и нашата фамилија. Особено сме изложени на висок ризик кога треба да ја извадиме жртвата од домот на насилникот и кога треба и најдеме сместување“, рече Ангела Чавкоска Симоновски, психолог во Центар за социјална работа Прилеп.

Трендот на семејно насилство стганувал скоро секојдневие, а службите бараат поголемо мерки за негово спречување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи