Во однос на загадувањето на воздухот Министерството за животна средина и Владата донесоа сет на мерки уште пред околу месец и пол до два. Имено станува збор за краткорочни и долгорочни мерки, краткорочните мерки ќе бидат во сила цело време додека трае грејната сезона во Македонија. Тие мерки се изработени заедно со Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерство за економија, Здравство, Труд и социјала, како и општините во државата и градот Скопје, затоа што само заедно можеме да го решаваме, односно да се бориме со овој проблем, истакна денеска Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина.
„Дел од мерките се засилени контроли на оние индустриски објекти, производители, кои имаат А и Б интегрирана дозвола. Во овој период се препорачува на големите индустриски производители со А интегрирана дозвола да го намалат производството, но во никој случај да не го згаснат целосно, затоа што доколку се згасне и повторно се вклучи предизвикувало уште поголемо загадување, а сигурно и загубите на производителите ќе бидат многу големи.
Дел од мерките кои се препорачуваат, тоа е врз основа на направени анализи е зголемена контрола на станиците за контрола на автомобили, каде што се врши регистрација и контрола на автомобили, затоа што еден од најголемите загадувачи утврдено е дека се автомобилите, особено дизел автомобилите и издубните гасови кои ги испуштаат. Има методи и апарати кои можат да ги мерат овие издувни гасови, така што и таму преземаме засилена контрола.
Со општините бараме поголема соработка, една од препораките е често миење на улиците во овој период додека е грејната сезона, заради тоа што показател е дека прашината е еден од најголемите загадувачи, но еден од најголемите загадувачи се и оние делови каде се вршат градежни активности, така да донесовме и мерки и упативме и апел, но и мора да се започне со контрола онаму каде што има градежни активности. Забрането е во периодот од 7:30 до 18:30 да се носат градежни машини на градилиштата, бидејќи тие се едни од најголемите загадувачи.
Она што го увидовме последните денови е каде што има градежни активности, за жал не само што не се почитуваат препораките, туку не се почитуваат ни мерките за загревање. Имено, сопствениците на тие градежни објекти за да се топлат работниците во буриња палат се и сешто, така што и на тој начин го зголемуваме загадувањето.
Малите и средните фирми се едни од поголемите загадувачи, така што во наредниот период се засилуваат и веќе се започнати контролите и повторно упатувам апел до општините да ги пуштат и општинските инспектори на терен, особено во малите и средните фирми, затоа што не само оние што ја имаат таа Б интегрирана дозвола, туку и оние кои што работат само со елаборати одобрени од Министерсвото за животна средина, како разните работилници, за жал отпадниот материјал, отпадното масло го користат за греење и на тој начин се загадува животната средина.
Сакам да потенцирам дека ако мерките ние ги донесеме, но не се почитуваат џабе се донесени и заради тоа потенцирам дека ова е заедничка борба не само на министерсвата и владата, туку заедно со општинските власти и сите граѓани на државата. Најголемиот проблем што го предизвикува загадувањето, а во моментот тоа е греењето, не може целосно да биде решено, но веќе како Влада имаме еден долгорочен план кој го направивме за 2024 – 2030 година, кој предвидува постепена промена на системите на греење, како што ветивме и во нашата предизборна програма, прво во државните, општинските институции. Овде слободно можам да кажам дека веќе имаме еден проект во соработка со ЕУ, од компонентата ИПА 3, тоа е истиот проект каде во Скопје дониравме 6 еколоѓки автобуси, предвидено е менување на системите за греење на 70 државни институции во неколку градови во државата.
Значи имаме и краткорочен акционен план, но и долгорочен акционен план, меѓутоа џабе се акционите планови ако не се почитуваат и ако немаме поддршка и од општините и сите институции и инволвирани страни.
Она што заборавив да го споменам е исто така мора да водиме сметка во овој критичен период и на сообраќајот во градовите, предвидено е да се воведува посебен сообраќаен режим во сите општини. Имено, општините со МВР треба да договорат тешките товарни возила да не врват во центарот на градови, туку да одат по обиколен пат во одреден период кој тие ќе го оценат. Повторно упатувам апел заедно да се бориме против ова зло, кое е зло за секој човек. Не само во Македонија, и најразвиените држави се соочуваат со овој проблем, но за жал видовме последниве денови дека ние сме најлошо рангирани“, истакна Лашкоска.