ВИДЕО – Петрески: Природата e непогрешлив патоказ во животот, најубавото нешто во животот каде добиваш здравје и сила

Драги гледачи денес се наоѓаме во домот на најстариот планинар во Прилеп, а можеби и во Македонија, Петрески Пецо, кој во моментот има 91 година и навистина изгледа одлично за својата возраст, а тоа ќе го видите и од нашиот разговор. 

 

Петрески: Благодарам, фала многу што дојдовте.

91 година.

Петрески: 91 и пол!

Планинарите активно?

Петрески: Да да.

Кога започнавте и на која возраст?

Петрески: Па јас започнав некаде на 18 години, 1950 година.

Како започна вашата приказна со планинарството, зошто, кој ве внесе во овој спорт?

Петрески: Па јас сум љубител на природата, така да цел живот сакам да бидам во природа. Имав свои другаи, имавме одлично друштво, нашето друштво беше најголемо во Македонија, по список имавме преку 2.000 планинари.

Зборуваме за планинарското друштво „Козјак“?

Петрески: За „Козјак“. Имавме секции во сите училишта во Прилеп, по установи, тогаш беше тоа друштво најјако во Македонија.

Како беше организирано тогаш планинарството, дали може да се потсетите?

Петрески: Па беше организирано, секоја година правевме план за цела година, која недела ќе одиме на планинарење. Правевме список кој ќе учествува, колку мина ќе бидат, се организираше и ручек на крајното место.

Значи секоја недела буквално се одеше некаде на планинарење?

Петрески: Јас имам учествувано на над 2.200 учества во планинарството.

Каде се одвиваа најчесто тие прошетки на планина?

Петрески: Па редовно одевме на територијата на Прилеп, Трескавец, Мукос, Дервен, Кадица, многу пати се здружувавме со битолчани, со скопјани, заедно одевме.

Се правеа маршеви?

Петрески: Се правеа маршеви, имаше Богомилски поход на кој редовно учествувавме, тој траеше 3 дена и спиевме по селата каде што ќе одиме. Имаше 500, 800, некогаш и 1.000 учесници од цела Македонија. Викавме и гости од Србија, со Вајлево бевме збратимени, од Босна со Јајце, од Хрватска со Задар, тие идеа кај нас, ние одевме таму. Словенија на Триглав неколку пати имаме појдено.

Од Македонија кои места ви се најубави за планинарење, кој врв вас ви оставил најголем впечаток?

Петрески: Најубави места има на Пелистер, на Мукос, Кадица веднаш то Мукос, тоа е големо пешачење 12-15 саати. Тогаш не одевме со возила, од Прилеп пешки одевме за Дервен, поручувавме тука и продолжувавме за Мукос, па од Мукос одевме Кадица и од тука многу пати слегувавме во Долнени или Спепче и со возот се враќавме, тоа беше 18-20 саати пешачење.

Од колку мина се состоеше групата?

Петрески: Групата секогаш беше 18, 20, 30, некогаш и 50 луѓе и повеќе.

Рековте имате шетано и низ другите бивши југословенски републики. Најубави места таму?

Петрески: Најубави места мене ми се Триглав, Пирин, наш Пирин, по 2-3 дена одевме. Пирин го имам шетано 2 пати од Кадица, тоа е планинарски дом кај грчка граница, па се до Вихрен и таму спиевме.

Тука можат нашите гледачи да забележат фотографии кои ќе ги прикажеме, тука се и Пиринските езера, врвот.

Петрески: Еве го врвот на Пирин на фотографијата.

Тука имаме и повеќе фотографии кои покажуваат дека сте биле на Везув во Италија, Митикас во Грција.

Петрески: Да да, 2 пати имам појдено на Везув на самиот кратер, тој вулкан не е активен сега, ама сето е убаво, има големи жештини, испарува, гледањето е тешко, сето е како во магла, има камења што фрла вулканот и сега од под тие камења од секаде излегува чад. И денес е исто така. Се сеќавам кога се искачувавме горе на Везув, тоа е голема висина, не фати една голема жештина и почна да врне дожд. Се качивме горе каде има ограда и можеш да видиш долу, некогаш ништо не можеш да видиш, но слушаш вриење.

Тука е и врвот Олимп во Грција.

Петрески: Да да.

Има една фотографија тука, Дервен 1988 година. Прилепчани знаат, а можеби и другите кои се занимаваат со планинарство од Македонија, ќе се потсетат на планинарскиот дом кој е изгорен од 1997 година, во големиот пожар и оттогаш тој дом не е обновен. За жал Прилеп останува без планинарски дом, иако со голем број на активни планинари и активни планинарски друштва. Зошто не се изгради тој дом?

Петрески: Не се изгради, не знам зошто, пробавме многу пати да собираме средства, но не успеавме, не знам зошто. Кога се градеше домот сите помагаа, сега никој не сака да помогни, а оваа фотографија што ја гледате е по повод 88 години од нашиот тогашен Рампо Топчија, 88 години правеше, човекот беше во години, не можеше повеќе да иди и ние направивме банкет, сите планинари ги викнавме, имаше и од Битола и од Скопје гости, по повод 88 година на Рампо Топчија.

Колку време функционираше планинарскиот дом „Дервен“? Практично членовите на „Козјак“ го изградија.

Петрески: Да, со помош на Планинарскиот сојуз на Македонија, тие ни помогнаа многу, најмногу Даре Џамбаз, Орде Тренко и планинарите. Секоја недела ние бевме горе, работевме, водата ја носевме, копавме дупки за струјата, цевки поставуваме за водата. Имавме проблем во зимно време, водата ја донесовме, но цевките од голем студ горе, од мразот пукаа и секоја пролет ги менувавме цевките. Потоа разубавувме околу домот, садевме липи, багреми, украсни дрва. Но горе имаше многу стока која се напасуваше и страдаа липите и багремот, па така останаа само боровите, кои и ден денес се таму.

За жал сега е вистинска пустелија.

Петрески: Сега никој ни одржува нешто, ништо.

Во текот на вашиот живот, освен „Козјак“, дали имате сменето друго планинарско друштво, или останавте верен до крај?

Петрески: Верен од почеток до крај бев во планинарско друштво „Козјак“, тоа ми беше матично и најмногу го сакав. Имав многу блиски другари, со сите живеевме, беше тоа едно братско друштво, секаде каде што одевме беше со песни, со веселба.

Како функционира денес?

Петрески: Денес никако, како што гледам сите кој лево, кој десно, никој не оди, раководството  е многу слабо.

Ако направите една паралела во планинарството во тој период од вашата младост и планинарството во Прилеп сега?

Петрески: Разликата е голема.

Во што?

Петрески: Не одат, сега сите се со коли, пешки никој не оди, тогаш ние одевме по 10, 12, 15 саати пешки. Пешки одиш, пешки се враќаш. Сега младите тоа не го сакаат.

Имаме тука неколку активни групи на планинари кои секоја недела се излезени.

Петрески: Има индивидуално се собираат тројца, 5 мина, ќе појдат до Селечка, ќе појдат до Селце и се враќаат. Го нема она право планинарство што беше во Македонија. А имавме и голема поткрепа и помош од Планинарскиот сојуз на Југославија.

За да се вратат тие времиња?

Петрески: Не верувам.

Зошто?

Петрески: Не знам, ја нема онаа блискост кај народот сега, ние живеевме сите како браќа.

Луѓето се оддалечија?

Петрески: Не знам што се случи, особено откако се распадна Југославија се прекинаа сите работи.

Го снема братството и единството?

Петрески: Го снема, точно.

Освен тие планинарски екскурзии и прошетки, што друго организиравте како планинарско друштво, како планинарски сојуз?

Петрески: Организиравме, лично јас сум организирал и во странство во сите југословенски републики, во Бугарија, Грција. Се сеќавам во 1972 година преку Планинарскиот сојуз на Југославија организиравме средба на пионери во Прилеп и дојдоа некаде над 2.000 дечиња од цела Југославија, од сите градови. Тоа беше една голема веселба, собрани од цела Југославија, бевме горе на Трескавец, им спремивме јадење, спиење, обезбедивме се, имаше 2 ноќевања, тоа не можам да го заборавам.

Се организираа ли некакви натпревари?

Петрески: Да, обавезно со дечињата.

Тука е ориентацијата како дел од планинарството.

Петрески: Точно така, имаше ориентација.

Дали во тоа време имаше поделба на планинарството на обично планинарење, високогорско планинарење, спелеологија како што имаме денес?

Петрески: Да, имавме спелеологија, еве синот Ѕвонко учествуваше таму, влегуваше во пештери. Потоа имавме алпинисти, секција за скиење, сите спортски планинарски секции ги имавме.

Тука гледаме голем број на признанија, дипломи што ги имате.

Петрески: Јас секаде каде што сум имал допирна точка, било за работа, било за спорт, планинарство, пчеларство, од секаде имам добиено дипломи, награди. Онаа фотографија големата е плакета до пофалба од Планинарски сојуз на Југославија, а тоа да го добиеш е голема работа. Оваа долу, каде што пишува диплома, тоа е златна плакета од Планинарски сојуз на Македонија, многу сум благодарен што ми го признаа. Овие двете признанија се од работа каде што сум работел, другото од персоналот што работеле кај мене.

Тука го имаме потписот и на Маршалот.

Петрески: А да, од Маршалот Тито, и од него имам со негов личен потпис. Онаа диплома е што имам завршено шнајдерски испит, и таа ми е омилена диплома, значи сум мајстор, иако го напуштив занаетот и отидов во трговија, завршив виша трговска школа и од тука ме примија во „22 декември“, тоа беше воена фирма каде што работев 30 години. Потоа се фузиравме со „Тетекс“, па во „Тетекс“ 10 години и така заврши работниот век.

Имате на кого да ја оставите оваа љубов кон природата, ја продолжува некој од вашето семејство?

Петрески: Децата мои, мои јунаци и тие тргнаа по мојот пат, заедно одевме секаде уште од мали нозе.

Со своите синови?

Петрески: Со моите синови, да, нека ми се здрави и живи.

Значи љубовта кон планинарството ја пренесовте на нив?

Петрески: Ја пренесов и тие и ден денес сакаат да одат во природа, на планина, тоа е најубавото во животот, добиваш здравје, сила, кондиција и мојата заложба е сите млади да тргнат во природа, природата непогрешливи патокази во животот.

Таа е вашата порака.

Петрески: Моја порака за сите воопшто, кој ќе оди во природа нема да згреши, да знае дека ќе биде здрав и задоволен во се.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи