„Mедицинска сестра во заедницата“ е пилот услугата која преку проектот ТРАНСАКТ за прв пат се имплементира во Прилеп, Долнени и Кривогаштани и како услуга не само што е единствена во Македонија туку и на ниво на Западен Балкан. Целта на проектот е осигурување на здравствена и социјална заштита на граѓаните кои се од социјален ризик, особено во руралните средини. За таа цел ќе биде ангажиран тим од 10 медицински сестри и околу 5 социјални работници, психолози и физиотерапевти кои ќе ги посетуваат овие семејства давајќи им бесплатни здравствени услуги. А ќе се набави и медицинска опрема за физиотерапија и подобрување на мобилноста, за лица кои имаат хронични заболувања или специфични болести.
![](https://infokompas.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/04-300x300.png)
„Во моментов веќе се воспоставени програмите како сето тоа ќе течи, процедурите на набавка се во тек, заради тоа што во рамки на овој проект со финансискка подрршка на Австрија ќе обезбедиме и мобилна опрема за обезбедување на помош во домовите за лицата со социјален ризик, хронично болните лица за да може преку медицинските сестри да им се обезбеди посеопфатна услуга, така што имаме планирано вработување на 10 медицински сестри, 5 социјални работници и психолози. Овие лица ќе ги идентификуваме во соработка со Центарот за социјална работа од Прилеп“, истакна Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Проектот се имплементира преку здружението Центар за развој и едукација Прилеп во соработка со Центарот за социјална работа од Прилеп. Ова на еден начин е продожување на една претходна успепешна приказна, а тоа е проектот „Помош и нега во домот“ кој по неговото завршување премина под државна капа. Сега поради големата заинтересираност кај граѓаните за жал дури има и недостиг на кадар кој би им давал помош на овие лица, така што на листа за чекање има околу 100 граѓани кои имаат потреба од ваков вид на услуга.
„Сме пример за успешна приказна за овој проект. Досега имаме околу 230 корисници, почнавме скептично бидејќи беше нешто ново, но бројката расте и за жал сме ограничени во можностите бидејќи негуватели се на број 58 во моментов и немаме слободни негуватели. Единствено по природна селекција на корисниците можеме да доделиме други корисници. За жал другите барања мораме да ги одбиеме се додека не се најде негувател. Интересен е фактот што општините и целото наше општество ако се водиме и стремиме кон ЕУ и развојот од она што успеавме да го видиме во ЕУ, општините и регионите во Австрија еве на пример работат исклучиво во изнаоѓање на услуги и решенија за своите граѓани и нивна благостостојба. Инфраструктурата веќе не е тема на разгледување во моментот“, изјави Зоран Малкоски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
„Услугата „Помош и нега во домот“ веќе си е дел од законската регулатива и целокупното финансирање е преземено од страна на Министерството за демографија и млади. И самото Министертство следејќи ги бенефитите за заедниците, за корисницитен за сите останари лица кои се вклучени како даватели и корисници на социјалните услуги и препознавајќи ги придобивките веќе се насочи кон дававање на нови услуги. И давање на можности на општините новите социјални услуги да бидат подостапни за граѓаните. Веќе во тек сме со општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани за подготовка на проектна документација за развој на нова социјална услуга Центар за дневен пртестој на стари лица. И се надевам дека донесеме нова социјална услуга која и тоа како ќе биде од големо значење за лица во трето доба“, додаде Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Исто така се работи и на проект за воведување на спортски едукатори за лица со посебни потреби и набавка на спортска опрема за дневниот центар Ѕуница за лица со посебни потреби. Но од Центарот за социјална работа Прилеп велат дека идеи и проекти има, но потребен е и кадар за нивна имплементација.
„Со кадар сме такви какви што сме, до овој момент се справуваме и тоа лежи пред се во нашата добра соработка со Центар за развој и едукација Прилеп. Затоа што можеме да се најдеме некаде на пола пат да си помогнеме тие нас и нив нив. И затоа сме успешни во оваа приказна. Поминавме и низ фаза на инспекциски надзор и навистина сме одговориле на потребите на граѓаните. Точно е дека моите колеги во моментов имаат оптеретување во однос на зголемен обем на работа. Во секој момент очекувам позитивен одговор на барањата и соласности за вработувања, барам исклучиво стручен кадар социјални работници, психолог, педагог, правник“, додаде Зоран Малкоски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Некаде во април се очекуваат да се случат и вработувањата на медицинските сестри и другиот персонал и активно и на терен да стартува услугата „Mедицинска сестра во заедницата“.