ВИДЕО – Света Гора – местото каде срцето и душата се враќаат дома


И оваа година по благословот на Мајката Божја стигнавме во нејзината Градина на Света Гора Атонска. Но за разлика од претходните патувања ова го започнав малку поинаку. Пред да ја посетиме Света Гора одделивме еден ден за посета на два други значајни монашки центри во Грција, женскиот манастир посветен на Свети Јован Богослов во Суроти, каде се наоѓа гробот на сега надалеку познатиот Старец Пајсиј и манастирот Ормилија кој се наоѓа во близина на вториот крак на Халкидики, најголемиот женски манастир во Грција, а и воопшто еден од неколкуте најголеми женски манастири воопшто во православниот свет каде во моментов има 110 монахињи.

Прво го посетивме манастирот кај Суроти. Манастирот отвора секој ден од 10 до 13 часот во вторник и четврток, а попладнето од 16 до 18 часот во зимскиот период, во летниот период 10 до 13 и потоа од 17 до 19 часот. Манастирот воопшто не е отворен во понеделник, среда и петок. Во сабота е отворен од 10 до 15 часот и во зимскиот и во летниот период. Во недела е отворен за посетители во зимскиот период од 11 до 13 часот и од 16 до 18 часот, а во летниот период од 11 до 13 часот и потоа од 17 до 19 часот.

За да ја избегнете огромната гужва ви препорачувам да стигнете порано. Ние таму стигнавме во 7 часот утрината, а веќе паркингот пред манастирскиот имот започна да се полни со возила од цела Грција и други православни држави, Србија, Бугарија, Романија и други… Стасуваа цели организирани тури со автобуси.

Во 10 часот се отвори манастирската порта и тргнавме низ кривулестиот пат од двете страни ограден со кипариси. Пред манастирот има исто така голем паркинг и потоа брзање пак да се стигне помеѓу првите на самиот гроб.

Старец Пајсиј е канонизиран на 13 јануари 2015 година од страна на Цариградската патријаршија, живее на Света Гора, на повеќе места, а најголем дел од монашкиот живот го поминува во келијата Панагуда, која ја се наоѓа во близина на административниот центар на Атос, Кареја, која ја посетивме минатата година.

Последните денови од животот ги поминува во Суроти, каде денес се наоѓа гробот. Починува во 1994 година. Овој светител има огромно значење за развојот на современото монаштвото, а стана особено познат по објавувањето на серијата за неговиот живот Од Фараса до Небото која се преведе на повеќе јазици.

Веднаш потоа тргнавме за Ормилика до каде има точно 1 час возење од Суроти. Работи буквално во истите термини кои ги наведов претходно за манастирот Суроти. Гостопримството на сестрите беше огромно.

Во дворот има голем број маси за гости каде ве пречекуваат монахињите. На секого му се посветува максимално внимание. На секоја маса доаѓа по една сестра да поседи со вас и да ви раскаже за манастирот. Со странците седи сестра која го владее англискиот јазик. Како што кажав има сестри најмногу од Грција, но по некоја од Србија, Романија, Франција, Германија, Англија, па дури и од Сирија.

Манастирот е возобновен во 1974 година. Имено тогаш старец Емилијан Симонопетрески ги напушта манастирите на Метеори, поради големата гужва на луѓе, односно манастирот Голем Метеор и заминува со машкото братство во манастирот Симонопетра на Света Гора. Каде има значаен удел во возобновувањето и развојот на монаштвото на Света Гора во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.

А за своето женско сестринство кое тогаш броело 20 сестри манастирот Симонопетра го купува сегашниот манастир Ормилија од светогорскиот манастир Ватопед.

Старецот Емилијан тешко се разболува во 1992 година, се враќа во Ормилија од Света Гора каде останува до својата смрт до 2019 година. Сестринството ни дозволи да го посетиме и да се поклониме на неговиот гроб, кој се наоѓа во тремот на главната манастирска црква.

Од тука се упативме во Уранополи или во превод Небесен град кој е предворјето на Света гора од каде тргнуваат сите бродови. Како што и претходно имам кажано на Света Гора се стасува само по вода, нема копнен пат.

Тука останавме една вечер. Мал убав град со голем број таверни уникатни црковни продавници и суверници. Спијањето во собите и апартманите чини од 20 до 30-тина евра од ноќ по човек.

Автомобилот овој пат не го паркиравме на паркингот во центарот на гратчето бидејќи беше преполн со автомобили неколку дена, но место најдовме на друг поголем паркинг на периферијата од гратчето кој чини 24 евра за 4 дена.

Другиот ден уште во 5 часот утрината гужви за да се земе визата за Света Гора, и во 6.30 тргнавме кон нашата прва деснатиција Скитот Света Ана.

Тој се наоѓа скоро на најјужниот дел на третиот крак на Халкидики. Едно сосема ново искуство за мене при една посета на Света Гора. Досега сум посетувал само манастири, но не и вакво манастирско село каде во различни т.н. манастирски маала и колови живеат 80-тина монаси. Има околу 7 такви маала, секое има своја црква и братство кое живее таму. Секое за себе си сима свои служби и литургии, а еднаш годишно овие братства ротираат кое ќе ја води централната црква и објектите околу неа посветена на Света Ана или како што се нарекува Кириакон.

Од пристаништето до таму има да се качат точно 2.000 скалила.

Единствен транспорт за од пристаништето до скитот за носење на секаков вид на ствари се мазгите. Ранците ги пративме по нив за да не ни го отежнуваат патот и тргнавме нагоре. Цената за носењето на вашипт ранец со мазга ќе ве чини 5 евра.

2.000 скалила воопшто не се за потценување, но со помош на Богородица сите пречки се надминуваат. За околу 1 час бевме во скитот.

За сите поклоненици кога ќе стигнете монасите ве пречекуваат со грчка ракија ципуро, кафе, леб мармалад и маслинки.

Откако се сместивме заминавме кон келијата на Свети Јосиф Исихаст која се наоѓа на 20-тина минути одење од скитот Света Ана. Патеката дел е направена со камени скали, но добар дел е камемест, тесен пат, поминува низ шума, а на делови е доста опасен движејќи се покрај самата ивица на големи провалии.

По 20тина мин пешачење стигнавме до местото. Во пештерските вдлабнатини на една карпа се направени една келија за живеење со дрвен кревет и еден мал шпорет на дрва во неа, како и една мала црквичка посветена на Свети Јован Крстител.

Место каде се слуша само тишината, тихување и можност за молитва без ништо да то пречи. Старец Јосиф Исихаст е роден со световно име Франциско во 1898 година.

Има огромно значење за развојот на монаштвото на Света Гора. Негови ученици биле: Старец Ефрем Филотејски, старец Харалампиј Дионисијатски, Старец Јосиф Ватопедски, Старец Арсениј Спилеот Исихаст, како и Старец Ефрем Катунакиски.

Го подиггнува духовниот живот во манастирите на Света Гора: Филотеј, Дионисијат, Ватопед, Каракол, Ксиропотаму, Костамониту и во многу други скитови и келии. Живее строг аскетски живот со непрестајно кажување на Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, сине Божји, помилувајме ме мене грешниот.

Поради неговите големи достигнувања и огромен духовен раст со оваа молитва се нарекува Исихаст. Во последните години од животот бидејќи неговите ученици се потешко може да го следат во подвизите, непрестајните молитви, реткото конзумирање на храна одлучува да се пресели во Неа Скит, кој се наоѓа во близина на скитот на Света Ана, каде денес се наоѓа неговиот гроб.

Во келијата има видливи знаци и трагови дека навечер или повремено доааѓат негови следбеници или ученици, кои не сакаат да им биде нарушен мирот од посетителите. Од тука го посетивме потоа и скитот Мала Света Ана и се вративме назад.

Во Света Ана нема вечерни служби за гостите, па може да уживате во прекрасниот поглед на целиот залив помеѓу третиот и вториот крак на Халкидики. А за сите посетители во 16 часот има трпеза во црковниот двор.

Утрината Литургијата започна во 5 часот, по нејзиното завршување и откако се причестивме со Светите тајни тргнавме назад кон пристаништето за да го чекаме бродот кој требаше да не однеси на нашата втора дестинација, манастирот Ксенофонт.

За манастирот Ксенофонт имам пишувана и во ВТОРАТА и ТРЕТАТА моја репортажа од Света Гора. Тој е 16-ти по ред во Светогорската хиерархија.

Манастирот е посветен на Свети Ѓорѓи и има 2 цркви, едно помала и постара и друга поголема. И двете се посветени на овој светител. Големата црква е огромна. И после црквата во скитот на Свети Андреј во Кареја и втора по големина на Света Гора. Тука се поклонивме на голем број мошти кои ги поседува манастирот, а присуствуваме и на сите богослужби. Имаше мошти од Свети Стефан, Свети Трифун, Света Марина, Свети Пантелејмон, Свети Ѓорѓи и многу други. Каде имавме можност да присуствуваме на бдение за празникот Томина Недела. Бдението започна во 20 часот вечерта, траеше до 2 после полноќ, потоа има мал одмор, а утрината литургијата продолжи околу 7.30 часот.

Се прошетавме и до блискиот манастир Дохијар, што во превод значи гостоприемник каде се поклонивме на иконата Богородица „Брзопослушничка’’ која од 1664 година се наоѓа во нишата пред влезот на манастирската трпезарија, во посебна просторија. Тука не е дозволено снимање. Оваа икона после иконите на Достојно Ест која се наоѓа во Протатската црква во Кареја и Портаитиса која се наоѓа во Иверскиот манастир, за кои исто така може да погленете во претходните репортажи е трета по ранг чудотворна икона од Богородица на Света Гора

Третиот ден со брод се упативме кон манастирот Свети Пантелејмон. Со својата големина и многуте конаци, цркви и параклиси е голем како село. Можеби највелелепниот и најубав манастир на Света Гора.

Типикот во манастирите е скоро секаде ист. Во 17 часот започнува вечерната богослужва, потоа следува трпеза за сите присутни. Интересно е да се напомене дека во манастирите на Света Гора има по 2 трпези во текот на денот, едната после утринската литургија, другата после вечерната богослужба. Траат само по максимум 10-тина минути, а цело време додека се јаде се чути и се слуша од Делата на Апостолите кои ги чита еден монах додека другите јадат. Кога ќе чукне со звоното игуменот на манастирот за 10-тина минути трпезата завршува.

За тоа дека на Света Гора нема празнословие во ниту една работаи дека тука се слуша само тишината и молитвата, говори и оваа чекална за бродови во рускиот манастир Свети Пантелејмон. Бидејќи некогаш бродовите се чекаат подолго ако временските услови не се добри, во неа седат патниците но, за да не се зборува во празно, тука е тивко, а за сите кои се тука се пуштаат аудио книги. Денес се слушаше книгата за Светогорскиот старец Силуан.

Тука завршува сегашното наше патување за Света Гора кое повторно ќе го завршам со зборивите српскиот владика Свети Николај Велимировиќ кои можеби најдобро го опишуваат ова место. Света Гора е царство без круна, држава без војска, земја без жена, богатство без пари, мудрост без школо, кујна без месо, молитва без престан, врска со Небесата без прекин. Едноставно пустина која раѓа живот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира