Градоначалникот Јованоски финансиски ќе го поддржи пингпонгарот Рикалоски за учество на Олимпијадата

Седумнаесет годишниот пингпонгар од Прилеп, Александар Рикалоски, е првиот пингпонгар од Прилеп и Македонија, кој во изминативе 7 децении од постоењето на клубот и воопшто од постоењето на пингпонгот како спорт кај нас,успеал да стигне до квалификациите за учество на Олимпијада. Квалификациониот натпревар ќе се одржел од 2 до 5 ноември во Сплит, Хрватска во конкуренција на 32 пингпонгари. По тој повод тојденеска оствари средба со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, кој му вети финансиска поддршка.

 

Младиот Рикалоски истакна дека со пинг понг се занимава 9 години и дека се чуствува доволно подготвен за да се квалификува за Олимпијадата.

 

„Ова ми е прв пат да одам на еден ваков голем натпревар, квалификации за Олимпијада. Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Јованоски кој ни овозможи финансиски средства. Ова е одлично искуство за мене кое што ќе го доживеам на еден таков натпревар и се чувствувам доволно подготвен да се пласирам за Олимпијадата која во 2018 година ќе биде одржана во Буенос Аирес, Аргентина“, истакна Александар Рикалоски.

 

Тренерот на Рикалоски, Гоце Тошески, рече дека се надева наредната година токму од тука, од зградата на локалната самоуправа на Прилеп, да бидат испратени за Аргентина.

 

„Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Јованоски и локалната самоуправа на Прилеп за неизмерната поддршка, се надевам дека ќе ги оправдаме резултатите и дека наредниот пат повторно ќе не испратите од тука за Аргентина во Буенос Аирес каде наредната година ќе се одржи Олимпијадата. Ова е прв пат досега од Прилеп и Македонија некој пингпонгар да учествува на квалификации за Олимпијада. На квалификациите од секоја држава учествуваат по еден машки и по еден женски играч. Девојката од Македонија е од Крива Паланка“, рече Гоце Тошески.

 

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека локалната самоуправа и тој и во иднина максимално ќе продолжат со поддршка на спортот во Прилеп и младите спортисти.

 

„Локалната самоуправа и јас како градоначалник на Општина Прилеп дадов ветување во мојата предизборна кампања дека ќе ги поддржувам младите спортисти и спортот во нашиот град. Токму во оваа прилика сакам да му честитам на младиот пингпонгар Александар Рикалоски кој ќе оди на меѓународен натпревар за квалификации за Олимпијада која што идната година ќе се одржи во Аргентина. Се надевам дека Рикалоски ќе го постигне успехот и нашиот пингпонгар ќе го видиме на Олимпијадата. Токму поради тоа локалната самоуправа ќе издвои финансиски средства за го поддржи овој млад спортист и во иднина сите млади спортисти од нашата општина ќе бидат максимално поддржани од мене како градоначалник“, истакна Илија Јованоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи