На една третина од тендерите се јавува по една фирма

Државата губи пари затоа што често нема доволно конкуренција во постапките за јавни набавки. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации – ЦГК посветено на  „Транспарентност, отчетност и интегритет на институциите во јавните набавки“, на една третина од тендерите се јавува само по една фирма, а голем е бројот и на набавките што се вршат без објавување тендер.

 

„Проблемот со добивање само една понуда е поради тоа што во овој случај не се одржува електронската аукција за намалување на првобитно понудените цени. Имајќи предвид дека фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на аукцијата и намалувањето на цените, во ситуација кога има еден понудувач, тие повисоки цени најчесто остануваат и како крајни“, објаснуваат од Центарот за граѓански комуникации.

 

Истражувањето се однесува на јавните набавки во 2017 година. Биле опфатени 21 државна институција, кои во овој период склучиле вкупно 1.363 договори за јавни набавки во вредност од 72 милиони евра.

 

Министерството за образование и наука е институцијата со најмногу тендери на кои се јавил само еден понудувач, дури три четвртини од распишаните. Високо на оваа листа се и министерствата за внатрешни работи и за локална самоуправа, како и Собранието.

 

Но, наодите на истражувањето покажале дека конкуренцијата, дури и кога ја има, е минимална. Просечно на сите тендери што ги спровеле анализираните институции се јавиле по 3,09 понудувачи по оглас. Три пријавени понуди е минимумот што треба да се постигне за да може да се каже дека барем постои конкуренција, што значи дека тој праг одвај бил поминат. На ниво на целата држава, просекот е 3,33, исто така блиску до минимумот.

 

Малиот број понуди, според ЦГК, е проблемот што се провлекува со години, а годишните просеци ретко надминуваат три понуди по оглас.

 

Во 2017 година, најголема просечна конкуренција имало кај Секретаријатот за рамковниот договор, по 4,5 понуди по оглас, а кај министерствата за правда и за економија, просекот бил приближно четири. Понудувачите биле најмалку заинтересирани за тендерите на Министерството за локална самоуправа, каде што во просек се поднесувале по една и пол понуда.

 

Малата конкуренција понекогаш носи доминација на една компанија во набавките што ги врши одредена институција. Кај две институции, над 40 отсто од тендерите ги добиле исти фирми, што според Законот за заштита на конкуренцијата се смета за праг за концентрација. Според потрошените пари, уделот е помал. МВР дало најмногу пари на една фирма, 14,2 отсто од вкупно потрошениот износ за јавни набавки во 2017 година.

 

Институциите и натаму ги користат можностите да набавуваат стоки и услуги без тендер. Во 2017 година, Министерството за образование, дури 42 отсто од парите за јавни набавки ги потрошило преку постапка за преговарање без да објави оглас. Втора институција според овој критериум е Генералниот секретаријат на Владата со 37 отсто, а трета е Службата за општи и заеднички работи со 20 отсто.

 

Повеќе од текстот на Призма на следниот линк.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien