ВИДЕО – Заев : Еве ја примивме пораката и да чистка ќе има, метла ќе има, но што вие граѓаните ќе направите за државата ?

Сите се свесни дека друга алтернатива за нашата земја нема. Останува таа алтернатива да го вратиме режимот, Груевски, неговата испостава Мицкоски, а заедно си ја најдоа Силјановска. Ова вечерва на трибината во Прилеп го истакна премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Според Заев Не можело да излезете пред својот народ и да барате поддршка без да нудите иднина, без да кажете концепт, без да имате став за важните прашања.

 

 

„Затоа можат тие да ловат гласови на разочараност, но не можат да и гарантираат иднина на државата наша, на целиот наш народ, на сите етнички заедници подеднакво во државата, да им обезбедат перспективи на оние кои се најважни на сите, на децата, на идните генерации. Заради нив функционираме, заради нив постоиме, заради нив се бориме, затоа што сите знаеме колку е голема цената кој што можеме да ја платиме, сите до еден. Да не ве потсетувам на 11-те години. Лелек и кукање беше во Прилеп и во цела Македонија. Да не ве потсетувам за се што се случуваше во државава и на крајот со доказите тоа го преставивме. Да не ве потсетувам дека немаше вака слободни избори, дека немаше вака слободно изразена волја кој како сака, можевме да сонуваме. Имаше закани, имаше притисоци насекаде. Каде тоа било кој како сака на премиерот да му даде метла? Никаде го немало тоа досега во државава. На времето можевте да добиете само дршка од метлата, за да некој се заканува со тоа“, истакна Заев.

 

Заев на прилепчани им порача дека со Пендаровски ќе имало правда, владеење на правото, а законот ќе важел еднакво за сите. Им порача на своите сопартијци да ги се повлечат од работните места поврзани со непотизам.

 

„Ви ветувам, колку и да е независен судскиот систем, мора да носи пресуди, мора да носат одлуки. И паднаа одлуки, во тешки времиња кога се договараше во парламентот за 2/3 мнозинство. Паднаа одлуки и паѓаат одлуки, имаме одлуки на првостепени судиви, имаме и правосилни одлуки за кривични дела, затворски казни потврдени од Апелација. И ќе има одлуки, не затоа што Заев сака, затоа што има докази. Ги виде цела Македонија, ги виде целиот свет, постојат и материјални и аудио докази. Сите го знаат тоа. Ќе има одлуки, нема застанување затоа што тоа е ставање ред и поредок во државава. Владеење на правото, законот да важи еднакво за сите и ќе важи еднакво за сите. Кога имало тоа ДИК да ги вади сите слабости на власта? Никаде го нема тоа. Доказ дека имаме систем кој функционира. Го дигнаа гласот граѓаните, системот профункционира. Еве ги денеска одлуките. Дирекно наредба испраќам до сите, веднаш да се повлечат од работните места каде што се. Дирекно, само така ќе функционира системот“, порача Заев.

 

Заев потенцираше дека со гласањето и излезеноста во првиот круг ја разбрале пораката од граѓаните, но порача дека и граѓаните треба да ја разберат пораката и ги запраша што тие ќе направеле за државата.

 

„Прашањето е дали граѓаните кои што сакаат да ја испратат пораката, и пораката допре до власта, до премиерот, до сите, ќе примат порака и од мене до нив? Пораката е државата, пораката од мене до нив е државата наша заедничка, која што е и на Заев и на вас што седевте дома првиот круг. Еден дел мислејќи дека се може, другиот дел порака да испратат. Еве ја примивме пораката, и да чистка ќе има, метла ќе има. Ама што ќе направите вие за државата? Јас знам дека сите вие кои што останавте дома, не излегувајќи на гласање на 21 април, знам дека се ежите од помислата режим да се врати. Знам дека верувате дека тоа е вистинскиот пат и знам дека сте избрале многу прецизен начин како да ја испратите пораката. Но испраќам порака до вас, затоа што и вашите деца се во прашање како што се во прашање и моите и на сите нас. Должност е наша родителска, татковинска, родољупска, патриотска, да ја обезбедиме државата, да и гарантираме сигурна иднина, да оди напред, да не застанува, да не се враќа назад. Цело време се враќа назад. Мора да оди државата напред, одговорност е моја, одговорност е и на овие луѓе овде, одговорност е и на сите што останаа дома. Има да излеземе и прво изборите да бидат успешни, втора да бидат повторно демократски, кристално чисти. И конечно, да бидеме одговорни граѓани и да донесеме одлука за единствениот концепт кој не води напред, кој не води заедно, кој не води кон извесна иднина“, додаде Заев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи