Општина Прилеп : Градоначалникот Јованоски интензивно работи на бројни проекти кои што ќе го подобрат квалитетот на животот

Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски интензивно работат на реализација на бројни проекти, кои што ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните на Прилеп. Ова се вели во писмената реакција на Општина Прилеп на прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Писмената реакција ја пренесуваме во целост.

 

„Имено, во тек е постапката за изградба на спортско-рекреативен центар во населбата „Точила“. Изработен е основен проект. Најдоцна до крајот на следниот месец (јуни) ќе биде усвоен новиот Детален урбанистички план (ДУП), а веднаш потоа ќе биде распишан тендер за изградба на спортско-рекреативниот центар.

 

До крајот на годинава со средства од Агенцијата за спорт и млади и Општина Прилеп ќе бидат ставени темелите на новиот комплекс, чија целосна изградба ќе заврши следната година. На оваа локација ќе биде изградена и нова детска градинка, за што во тек се активности на релација Општина Прилеп – Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

 

Во тек е постапката за издавање одобрение за градба за спортска сала наменета за учениците од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“. Проекти за подобрување на условите за одржување квалитетна настава се реализираат и во сите други основни и средни училишта во општината.

 

Освен тоа, завршен е тендерот за изградба на мост на улица „Трајко Николоски“ во близина на сточното пазариште. Потпишан е договор со битолската градежна фирма „Стентон –градба“, која што го доби тендерот во висина од 30 милиони денари. До крајот на месецов почнува изградбата на мостот. 

 

Од друга страна Општина Прилеп поради активностите што ги презела претходната локална власт, со судска пресуда од Апелацискиот суд, треба да плати отштета од неколку милиони денари, зашто објектот е изграден на приватно земјиште.

 

За оваа тема конкретно, ќе презентираме дополнителни информации.

 

Според тоа, едно е желбата да се прикаже новата локална власт и градоначалникот како неуспешни, и со тоа да се правдаат личните грешки и неуспеси. Но, фактите говорат друго! Оваа власт и овој градоначалникот Јованоски,согласно со закон ги следат сите процедури и реализираат законски проекти, чии бенефити ќе ги уживаат граѓаните на Прилеп“, се вели во реакцијата на Општина Прилеп.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи