Над 300 учесници од 17 држави ќе бидат дел од годинешниот 13 по ред веќе најпопуларен и најпознат планински маратон во Македонија „Krali Marko trails“ или по стапките на Крали Марко кој што ќе се одржи на 8 март во недела во Прилеп. Маратонот е поделен во 3 трки: Markukule trail долга 13 км, Treskavec trail долга 23 км. и Kamena Baba trail долга 40 км. Трките се одвиваат во едни од најживописните предели на Македонија околу Прилеп поминувајќи покрај манастири, средновековни тврдини и карпи со најуникатните форми не само во државава туку и на светско ниво.
„Најдолгата оди од Прилеп кон Трескавец, Единак, Кукул, Наковална и назад. Другата оди до Трескавец преку Маркови Кули, низ тврдината до Трескавец, Дабница и преку Наковална се враќа назад во амфитеатарот. За возраста не може да бидат помали од 18 години, но тоа ме радува затоа што од Македонија има најмногу млади пријавени за кратката, како почетници, а понатаму можеби ќе дојдат и на поголемите трки. На големата, на 40-ката се сите возрасни, нема млади, сите се искусни и над 40 години. Од државите имаме од сите од ЈУ просторите, имаме од Германија, Шведска, Португалија, Франција, САД, од 17 држави. На долгата патека од 40 километри имаме околу 50 натпреварувачи, на средната 23 километри имаме 95 и 155 имаме на најкратката трка“, истакна Пеце Стојкоски, технички организатор на патеките.
Прилеп важи за центар во Македонија во ултра планинското трчање, така што покрај целата светска конкуренција се очекува и нашите натпреварувачи да освојат доста места во овие 3 трки. Тука фаворит е секако прилепчанецот Александар Стојкоски. Организатор на натпреварите е Здружението Trex од Скопје и волонтери од Прилеп.
„Од спортски аспект се бодува, значи ИТРА е таа организација за ултра маратони која ги бодува. Долгата трка има 2 ИТРА бодови, додека средната еден. За помалата нема бидејќи под 20 километри не се бодува од ИТРА. Тоа значи дека си обележан во светот, те регистрираат и знаеш на кое место, на кој ранг си. Таму не ги рангираат во бодови, туку во Х, Л, М и така најјаките се во ХЛ. Организаторите од Скопје имаат намера да го претстават Крали Марко, се движиме по неговите патеки, тој е мит за нас и атрактивно е секој да дојди,а ако дојди, пак ќе побара да дојди. Патеки се козји, нема асфалт, нема широки патеки, чисти се и пред обележани со знаменца, маркирани ќе бидат, на 30 метри ќе има знаци и за вртење лево или десно да знаат луѓето, без разлика што тие ги имаат и симнато патеките на своите паметни уреди, но подобро е да е бележано, затоа што оние што трчаат напред гледаат на белегот, немаат време на ЏПС да следат. Рекордот на оваа патека, на 40 километри е 4 саати и 08 минути, а годинава планот е Александар 40 километри да ги истрча за 3 саато и 40 минути. Ако сака публика може да присуствува, денот е 8 март и може на самата патека да излезат и да ги бодрат, или на стартно целната рамнина во амфитеатарот во Варош“, додаде Стојкоски.
За сите победници во 3-те трки и категории се обезбедени медаљи и награди.