КСС: Загрижени сме за сигурноста на работните места по донесените антиковид мерки

Facebook
Twitter
Email
Print


Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска  соопшти дека го поддржува и се приклучува на „граѓанскиот протест против дискриминација на невакцинираните“ што ќе се одржи в недела во 19 часот.

Од КСС велат дека се загрижени за ситуацијата со здравствената состојба на работниците во државата, а особено, како што наведуваат, за новите мерки кои се усвоени од Владата со кои се прави дискриминација на вакцинирани и невакцинирани. Како синдикат, потенцираат, загрижени сме за сигурноста на работните места.

Истакнуваат дека домашните закони и Уставот не ги обврзуваат работниците на задолжителна вакцинација и порачуваат дека е противзаконска секаков вид на дискриминација по основ на тоа дали некој е вакциниран или не, а на истото упатуваат и меѓународните акти.

„Ние како синдикат се плашиме дека со мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, а ги усвојува Владата се прави притисок за вакцинација на работниците. Работниците веќе го чувствуваат притисокот од работодавачите за вакцинација“, велат од КСС.

Од синдикатот посочуваат дека правото на вакцинација е право на личен избор, а вработените на кои им се врши притисок за вакцинација се плашат за своето работно место, па мораат да се вакцинираат.

„Напоменуваме дека правото на работа е уставно загарантирано право и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а сигурноста на работните места не смее да зависи од тоа дали работникот е вакциниран или не. Затоа КСС јавно го поддржува и се приклучува на граѓанскиот протест против дискриминација на невакцинираните кој ќе се одржи во недела на 15-ти август во 19 часот“, стои во соопштението од КСС.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира