Минималната плата во март ќе се зголеми само за 1.667 денари, односно од април ќе изнесува 26.046 денари во нето-износ, согласно законски предвиденото покачување, беше денес одлучено на седницата на Економско-социјалниот совет.
Министерот за економија Бесар Дурмиши ја кажа пресметката, минималната плата од март се зголемува за 6,86 проценти.
„Минималната плата која во 2025 година изнесуваше бруто 36.037 денари, во бруто износ за 2026 година ќе изнесува 38.507 денари, односно 26.046 денари нето. Тоа претставува зголемување од 2.470 денари во бруто износ, односно 1.667 денари во нето износ“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека ова усогласување е системски утврдено законско решение што обезбедува раст на минималната плата, согласно со економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците, но истовремено водејќи сметка за одржливоста на економијата.
Сојузот на синдикатите на Македонија демонстративно ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет. Најавуваат дека борбата за 600 евра минималец, и 6.000 денари раст на сите останати плати ќе продолжи од улица, со протести.
„Како што се плашевме, на денешната седница на Економско –социјалниот совет, претставниците на Владата планираат да ја усогласат минималната плата само онолку колку што е законското усогласување. Сојузот на синдикатите на Македонија не може да биде соучесник во состојба за работниците значи, односно само за оние работници кои примаат минимална плата 1.500 денари. Бараме 600 евра минимална плата и за најмалку 6.000 денаризголемување на сите останати плати“, рече Трендафилов.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија се децидни дека борбата продолжува од улица. Најавуваат протести за средината на март. А доколку и тоа не вроди со плод, имаат одлука за Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.