ВИДЕО- „А бре Македонче“, партизанската химна која настанала во Прилеп и денес ги побива негаторите на Македонија

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Нема некој што не ја знае една од најпознатите партизански песни од народноослободителната борба, „А бре, Македонче“, која што се пее и денес. А дали знаете каде настанала таа песна? Па каде ако не во Прилеп, во најреволуционерниот и најпатриотскиот град во Македонија и тоа може да се каже без мала скромност. Односно местото од каде што започнува востанието против фашистичкиот окупатор на 11 октомври 1941 година. За прв пат таа песна е презентирана пред македонскиот народ во окупирана Македонија, на 8 ноември во 1941 година, во селото Царевиќ за време на селската слава, Свети Димитрија или Митровден. На тоа претходи востанието на 11 октомври, како и создавањето на прилепскиот партизански одред кој е насловен „Гоце Делчев“ и е формиран на 23 октомври 1941 година, во близина на манастирот кај село Степанци, место кое е на половина пат некаде помеѓу општините Прилеп и Велес, кога ќе се оди по стариот пат преку преминот Дервен.

Но многу повеќе околу сите овие настани, кои се случуваат кон крајот на 1941 година ќе ни раскаже Рубин Белчески, историчар и кустос во Заводот и музеј Прилеп, кој е одличен познавач на целиот овој период од нашата историја, но исто така и претседател на Сојузот на борци на Македонија. Како што кажав се наоѓаме на местото каде што за прв пат била претставена таа патриотска песна пред македонскиот народ, но да се вратиме малку поназад, неколку месеци, односно што се случува пред почетокот на востанието, за време на самото востание и формирањето на тој прв прилепски партизански одред „Гоце Делчев“.

 

Белчески: Најпрво ви благодарам за поканата, благодарам за интересот да ја афирмираме јавноста за одредени настани во тој период. Оваа година одбележуваме 85 години од народното востание, востанието кое почнало тука во Прилеп и тоа не бил само симболичен чин, туку едно автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истра на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифачистичката коалиција, од почетокот на војната, па се до 09 мај 1945 и победата над фашизмот. Во Прилеп како на филмска лента, од окупацијата некаде во април 1941, па се до 11 октомври се случуваат голем број на настани кои се од исклучително значење, во функција на припремата на тоа востание. Конечно, по одлука на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија, решено е на 11 октомври да се крени на востание македонскиот народ. Иако проблемите кои биле во одделни градови, сепак Прилеп бил подготвен, решителноста на секретарот на месниот комитет Вера Ацева, храбрата хероина, била толку голема што и покрај двоумењето дали да се крени на востание македонскиот народ, со оглед на големиот проблем во другите градови, Прилеп опстоил на одлуката и конелно на 11 октомври се кренал на востание. Формирани се трите групи, започнато е востанието со нападот на полициската станица, на затворот и со прекинот на телефонските врски. Од тој момент, па се до она за кое конкретно зборуваме сега, за 8 ноември кога на ова место се случил првиот митинг во поробена Македонија, каде што партизанскиот одред „Гоце Делчев“ стапнал во едно село, во поробена, окупирана Македонија. После 11 октомври, еден поголем дел од борците се собрале во месноста Дуова вода, во близина на манастирот кај Степанци и тука е формиран партизанскиот одред „Гоце Делчев“. За командант на одредот е именуван Ѓоре Велкоски – Стрелката, заменик командир е Лазо Филипоски – Лавски, политички комесар е Крсте Црвенкоски, заменик политички комесар е Јоска Јорданоски – Сандански, комесар за исхрана Мице Козар и заменик комесар за исхрана е Пецо Крстески – Даскалот. Тоа е штабот на одредот. Во тој одред учествуваат и првите партизани кои излегуваат на 12 септември на Бидимаш.

Тоа значи пред почетокот на востанието?

Белчески: Да, уште пред почетокот на востанието, 7 борци, тоа се Киро Крстески – Платник, Ѓоре Велкоски  – Стрелката, Јоска Јорадноски – Сандански, Трајко Бошкоски – Тарцан, Борка Велески – Левата, Илија Игески – Цветан. Значи на 23 октомври, во близина на манастирот „Свети Димитрија“ во Степанци се формира одредот, по сите правила војнички, се зема заклетва на војниците и со оглед на фактот што бугарскиот окупатор пуштил глас дека партизаните се уништени, дека нема повеќе партизани, побарале предлози што да направат партизаните за да се слушне во јавноста дека тие не се уништени, напротив дека се уште функционираат и дека допрва ќе се борат за слободата на Македонија. На предлог на Киро Крстески – Платник, кој потекнува од ова село, а со оглед на фактот што се ближел празникот Митровден, кој е празник на селото, предложил да се направи митинг, да се дојде во селото, да се информира јавноста. Со оглед на фактот дека во селото, бидејќи е празник, доаѓаат гости од околните села, како и од Прилеп. Воедно, знаеле дека секако и дел од властите, односно воени формации, веројатно мали, ќе има, таа била претпоставката. Одредот се префрла во пештерата „Калин камен“, исто така во близина, со оглед на фактот што ноќите биле ладни, а во пештерата сепак условите биле подобри. Во меѓувреме, како партиска задача, како партизанска задача, на тројца борци од одредот им даваат задача да направат една песна, која што ќе бодри, која што ќе повикува на борба, која што ќе повикува на заедништво и на борба против окупаторот. Таа задача му падната на оние кои биле искусни револуционери од една страна, а од друга страна луѓе кои владееле со литературата, кои го познавале пишаниот збор, а тоа биле Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Јордан Михајлоски – Оцка. Песната во тие денови, меѓу 23 октомври и 8 ноември е составена.

Значи за само 20-тина денови практично?

Белчески: Да. Тие денови ја составуваат и таа има прва промоција, или прво презентирање пред јавноста токму на 8 ноември, тука во селото Царевиќ. Конкретно за самиот настан, тие во ноќните часови на 7 ноември тргнуваат од „Калин камен“ и во раните утрински часови на 8 ноември се стационираат пред селото, со цел да го извидат, да ги постават стражите, да ги постават пунктовите и да ги обезбедат влезовите во селото, со цел за секој кој би влегол да имаат увид, за некаде околу ручек да влезат во селото и да го одржат тој митинг, токму на ова место. Кога богослужбата во црквата завршила, виделе дека во селото има една комисија за реквизиција, значи за одземање на житото.

Составена од страна на окупаторот?

Белчески: Да, од окупаторот, бидејќи сето она жито кое го одгледувале селаните им го одземале, или минимално им го плаќале. Постоел еден жандарм, во меѓувреме доаѓа претседателот на општината Плетвар, доаѓаат уште неколку мина и уште на влезот од страна на партизаните кои биле на пунктови се фатени и доведени на сред село, каде се укоруваат за нивната служба во рамките на окупаторската војска и администрација. Најпрво жителите со во неверување, со страв и со незнаење кои се овие момчиња кои влегуваат во селото. Но по говорот на Крсте Црвенкоски, кој бил речит, кој бил добар познавач на таа револуционерна идеја и способен за добра комуникација со луѓето, едноставно им рекол „не се плашете, ние сме борци, ние сме партизани, се бориме против окупаторот, се бориме за слобода на Македонија“, населението се ослободило и почнал еден жив разговор меѓу присутните. Потоа пред говорниците, Киро Крстески – Платник кој бил по потекло оттука, говорел и Ѓоре Велкоски – Стрелката кој тогаш бил командант на одредот и Лазо Филипоски – Лавски кој имал искуство со воени вештини, со оглед на фактот што тој бил во кралската војска на Југославија. На излегување од селото, при завршување на митингот, како што се договориле, почнале да ја пеат песната „А бре Македонче“, која во суштина станува партизанска химна на одредот, но таа станува и партизанска химна на цела Македонија. Се пренесува и кај другите одреди, низ целокупното партизанско движење.

Се наоѓаме пред споменикот во селото Царевиќ, на кој се испишани имињата на сите партизани кои биле дел од правиот партизански прилепски одред „Гоце Делчев“. Интересно е што самиот одред го носи името Гоце Делчев, односно сето тоа зборува за еден континуитет на таа борба на македонскиот народ, од илинденскиот период, преку НОБ, па се до денес за создавање на слободна и независна, сопствена држава Македонија. Дури и датумот на самото формирање на тој одред, 23 октомври случајно или не има некаква симболика.

Белчески: Да, токму така. Партизаните, јас како што ги нарекувам вторите Илинденци, сакале да го продолжат револуционерниот од на првите Илинденци, оние од 1903 година. И не случајно одредот е именуван по големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Но и претходно, по иницијатива на месниот комиетет на комунистичката партија, шеталиштето во Прилеп, по иницијатива на комисиите е наречено „Гоце Делчев“. Спортското друштво во Прилеп, исто така во мај месец 1941 година, во окупирана Македонија е именувано „Гоце Делчев“. Тука ја гледаме врската на народноослободителната борба, на револуционерната борба, на ослободителните борби на Македонија, од минатото па се до денес.

Она што сакам да кажам за тој континуитет е исто така дека дури и самите партизани како прекари ги земаат имињата на најголемите војводи и револуцинери од тој Илинденски период.

Белчески: Така е, ги имаме примерите, почнувајќи од Кузман Јосифоски – Питу, Јоска Јорданоски – Сандански, Спасе Темелкоски – Карев, Трајко Бошкоски – Тарцан Илинденски, сите тие покажуваат дека се наследници на Илинденците и сакаат да ја продолжат таа револуција што ја започнале Илинденците во 1903.

Значи тоа е еден непобитен факт, непобитен доказ за тоа дека ние како народ имаме континуитет, затоа што македонскиот народ ако не ги чувствува за свои Илинденците, Гоце Делчев и останатите што ги спомнавме, немало ни да ги носи нивните имиња, ниту пак одредите и сите установи да ги крсти според нив.

Белчески: Овие работи и факти што ги потенциравме го зборуваат токму тоа, дека континуитетот постои, дека борбата на македонскиот народ е повеќе вековна, почнувајќи од многу буни и востанија, Разловечкото, Разлошкото, Кресненското, се до Илинденското востание, во континуитет доаѓа она што значи АСНОМ. На 2 август, првото заседание на АСНОМ се случува на вториот Илинден во 1944 година, симболика да се покаже таа врска на Илинденците од 1903 со вторите Илинденци, со партизаните, со борците од 1944 е нераскинлива врска. Затоа велиме дека борбата на македонскиот народ трае со векови, но токму ова востание од 1941 до 1944 година родило со плод, кога е создадена Федерална Македонија, се разбира во рамките на тогашна Федеративна Република Југославија. Но со одлуките на АСНОМ, кои се уставотворни, а во 1991 година, еве оваа година одбележуваме 35 години од самостојноста и независноста на Македонија, тие одлуки се земени како појдовни за референдумот кој успешно го реализирал македонскиот народ и со плебисцит се изјаснил за самостојна и независна Република Македонија.

Еве да се навратиме на она со кое го почнавме овој разговор, а тоа е култната песна „А бре Македонче“, која рековте дека е и химна на сите партизани во Македонија. Практично настанува 2 месеци пред официјалната химна на Македонија, „Денес над Македонија се раѓа“ од Владо Малески.

Точно така. Но видете, тенденција е на тие револуционери да создаваат песни со кои ќе се бодрат самите себе, со кои ќе го бодрат и населението. Ги напоменав излегувањето на првите партизани на 12 септември на Бидимаш, на Селечка Планина. Тие уште тогаш прават една песна во која велат „сакаме да ги поведиме прилепчани, да го поведиме македонскиот народ“. Се создава песната „А бре Македонче“, крајот на октомври и почеток на ноември. Песната „Денес над Македонија се раѓа“ во суштина се создава после овие песни кои се создаваат во Прилеп и прилепско и нејзиното прво испејување, прва промоција има на преминот од 41 во 42 година, односно на Нова година, а е создадена од револуционерот Владо Малески. Кога сме кај песната „А бре Македонче“, таа како во текот на борбата, така и потоа во слободна Македонија има широка примена во литературните дружења, во прослави, филмови. Можеме да кажеме дека уште во 1952 година, оваа песна се пее во првиот македонски филм „Фросина“, кој е по сценарио на Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Исто така и во филмот „До победата и по неа“ од 1966 година на режисерот Жика Митровиќ, по сценарио на Симон Дракул, композицијата, музиката со нов аранжман е на Трајко Прокопиев.

Се пее во многу серии, многу настани, во еден од своите музички албуми култната група „Леб и сол“ ја има снимено во инструментална форма. Покасно во 2001 година, Гаро и „Парамециум“ во својот албум наречен „А бре Македонче“ ја има песната. Таа е пеена и од нашите славни пејачи Никола Бадев и Александар Сариевски. Чудно, но вистинито, и во Канада, кај наши иселеници во градот Хамилтон, во Онтарио е снимена од локален бенд. Се пее на спортски натпревари, присутна е на многу места, онаму каде што е потребно. Таа е многу актуелна и денес, кога ние имаме проблем со нашето вековно име, таа завршува со „македонско име нема да загине“, знаеме дека сега со проблемите кои ги имаме на политичката сцена, но оваа песна ги побива сите тие негатори на македонската нација и македонскиот народ.

Да, оваа песна била, е и ќе остане како симбол на таа борба на македонскиот народ, на тој пркос и непокор за создавање на сопствена држава.

Белчески: И после 85 години постоење на оваа песна, таа е се уште актуелна, таа веќе навлегува и во онаа дисциплина и на она меѓународно јавно право, каде ние имаме право да се нарекуваме онака како што се чувствуваме, а се чувствуваме како Македонци, како македонски народ, кој низ вековите се борел за својата слобода, за својата државност, која овие борци ја извојувале, а денес ние ги гледаме благодетите од таа борба.

Младата популација не е многу запозната со овие борбени песни кои ги прателе борците, им давале сила и енергија да се борат за слободата на Македонија. Се надевам дека во наредниот период ќе посветиме повеќе внимание на тие песни, на тие борци, на тие настани, бидејќи антифашизмот е оној кој може да нѐ поврзи сите, без разлика на нација, пол, политичко убедување, само антифашизмот врз кој се изградила нашата држава е онаа сила која може да нѐ поврзе сите. Затоа повикувам уште еднаш да се негуваат традициите од НОБ, бидејќи таа е основата, тука е државноста на Република Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци