Бадниковата посна трпеза е еден од симболите со кој што овој ден се одбележува во Прилеп. Мали посни сарми, грав, овошје како и други благи специјалитети може да се најдат на масите на сите оние кои го слават овој ден и го чекаат утрешното Христово раѓање – Божик. Освен црковните традиции, тука се испреплетени секако и народните обичаи и верувања.
„Најважно е да биде семејството заедно на тој ден, викаат пред Божиќ, зад Божиќ кај и да си дома да си. Тоа е како да се очекува новороденче и сите го очекуваме да се роди, радосни, затоа се спрема богата трпеза и затоа сите сме заедно. Ние како деца кај мајка ми бевме многу, 5 деца и мајка ми во сито или тепсија ќе ставеше јадење, лебче, коричка, сармичка, костенчиња, оревчиња, што дал Господ, што има спремено за вечерата и ќе излези надвор да го покани Господ, да дојди и да биде присутен на вечерата и секогаш да биде присутен во домот, да ги чува луѓето од добри работи, да бидат здрави, живи и напредни. Тој адет сум си го запомнила и до ден денес јас си го практикувам, можеби не во сито, но во тајнир ќе ставам јадење, ќе излезам надвор и ќе го поканам Господ да дојди, да биде присутен на вечерата. Откако ќе се вечера, јадењето не се разваќа, се разваќа само тоа што е за миење, додека другото се покрива со нешто и се остава. Верувањето е дека ако дојди Господ да има што да касни, да не биди празна синијата, преку цела година да има јадење“, истакна Ленче Спиркоска, членка на Здружение „Преродба“.
Овие денови кога се очекува да пристигне најрадосниот ден кај христијаните, Рождеството Христово Божик се многу почитувани кај прилепчани. Традицијата ја почитуваат сите генерации од 7 до 77.
„Значењето е големо бидејќи ако не беше раѓањето Исусово ќе немавме ни воскресение. Почетокот на нашата вера, на нашето постоење, на нашата традиција, на нашиот непресушен извор на сето она што го имаме како народ, сето она наше богатство кое ние како здружение во текот на нашето 20 годишно постоење на „Преродба“, мислам дека успеавме ако не повеќе, барем дел да пренесиме од она наше изворно, што го имале нашите баби и мајки, ние што сакаме да го зачуваме и да ја исполниме нашата цел, нашата мисија на постоењето на здружението, а тоа е пренесување на традицијата, на нашите обреди, на нашите песни, на нашето богатство на обичаи, празници и убавина на идните наши генерации“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение „Преродба“.
Утре е Божик кога христијаните се поздравуиваат со христијанскиот поздрав „Христос се роди“, а на тоа другите одговараат „Навистина се роди“.