Јас заедно со мојот тим работевме напорно и не седевме зад тастатура само да негираме и да кажуваме што сѐ е погрешно во Прилеп, туку направивме една силна програма во која освен проблемите што ги има градот Прилеп, дадовме и решенија за истите, рече Иле Бачанов, носител на советничка листа граѓанското движење „Независни“.

„Како прво сакам да кажам дека во нашата програма најголемо значење ќе им дадеме на младите, што значи ќе направиме еден силен младински културен центар, од кој младински културен центар ќе произлезе младинскиот совет, кој не само формално, туку секогаш здраво ќе учествува во одлуките на Советот на Општина Прилеп. Советот на Општина Прилеп без тој совет да не може да донесе никаква одлука.
Јас како дипломиран рударски инжинер можам многу да зборувам во името на рударството и под мотото „Прилеп е град на мермерот“, веќе кога ја слушаме 35 години таа излитена фраза, бидејќи од неа добиваме само голема еколошка катастрофа, а не голем економски бенефит. Во новиот Совет јас и мојот тим ќе се залагаме да направиме една долгорочна стратегија за развој на економијата на Прилеп преку развој на рударството, бидејќи сега во овој момент краткорочниот профит прави долгорочна штета за нашите деца.
Имаме голема работа што нѐ чека, сакаме да вложиме многу во спортот, да ги активираме трите спортски сали кои чекаат на голема реконструкција и имаме во план во новореновираната сала „Соколана“ да направиме падел тенис, кој во 2032 година се надевам дека ќе биде и олимписки спорт.
Тоа е нешто во пократки црти што можам да кажам и голем дел од програмата е сведена на прилепскиот земјоделец, преку изградба на една агро берза“, рече Бачанов.