Денеска се наоѓаме на фармата на Љупчо Бабаноски од прилепското село Мало Коњари, кој што со производството на своите млечни производи стана надалеку познат и признат земјоделски бренд од овој крај. За оние кои што ги пробале неговите сирења, бело, биено, изварка, кашкавал, знаат точно за штом зборувам, а сите оние кои што немале можност да ги конзумираат се надевам дека веднаш после ова интервју, после оваа емисија ќе ги купат, ќе ги пробаат и дека и понатаму ќе се најдат на нивната трпеза. За тоа како поминува еден ден тука на фармата на Бабаноски во селото Мало Коњари, но и за тоа како се произведуваат овие надалеку познати сирења, ќе ни открие сам во текот на оваа емисија.

Како што најавивме се наоѓаме во домот на Љупчо и Елица Бабаноски во селото Мало Коњари кои ги произведуваат едни од најпознатите сирења и млечни производи во овој регион. Елица и Љупчо добредојдовте во нашата емисија.
Бабаноски: Добро ве најдовме.
Како што најавив се занимавате со краварство и производство на млечни производи, пред се сирење. Колку години се занимаваат со оваа работа и како започна целата приказна на љупчо бабаноски околу краварството и производството на млеко и млечни производи?
Бабаноски: Најпрво да ве поздравам вас и вашата екипа, екипата на Инфо Компас и да ви посакам топло добредојде. Самите почетоци беа некаде околу 2000 година, или поточно 1998 година кога ја купивме и првата крава. Тогаш беше почетокот. Во тоа време брат ми беше вработен во 11 Октомври, јас во Тутунски комбинат Прилеп каде сеуште работам, а мајка ми и татко ми се занимаваа со шнајдерлук, уствари не се занимаваа туку напорно работеа и беа успешни во тоа што го работат и остваруваа добар приход. Паралелно со тоа, во тоа време, се занимававме со трговија на возила, така да немавме голема потреба да се занимаваме со земјоделие или со сточарство. Во тоа време во Мало Коњари скоро секоја куќа се занимаваше со млекопроизводство или со чување на стока. Бевме само ние и уште 2-3 куќи кои немаа крави, значи во Мало Коњари отсекогаш било развиено млекопроизводството, за разлика од другите села во прилепска општина, додека во битолска општина е многу поразвиено сточарството и млекопризводството.
Како дојде до идеја за да почнеме да се занимаваме со оваа работа, тоа беше по налог на мајка ми. Кога ја купивме првата крава со изговор да имаме млеко за домашни потреби, нашите деца и децата од брат ми беа мали па така имавме поголема потреба од млеко. За кратко време после тој разговор купивме една крава и нешто за телето, нешто за нашите потреби дома, ги задоволуваше. Таа крава и не беше нешто млечна, беше околу 20 литри млеко, но ги задоволуваше нашите потреби. Но немаше доволно за да се прави сирење, исто за домашна употреба и исто мајка ми пак не наговор да купиме уште една крава за да се прави и сирење за домашна употреба.
Практично на целиот овој бизнис иницијатор е вашата мајка?
Бабаноски: Да, така беа почетоците. Откако ја купивме втората крава, имаше доволно млеко за да се прави и сирење за домашна употреба. Во тоа време никако не размислувавме да се развиваме во овој правец на сточарството. Со 2 крави работата околу нив и нивното одржување, молзење, стана пообемна, а ние немавме толку време и бевме приморани или да ги продаваме тие 2 крави, или да купуваме барем уште 5-6 крави како би било исплатливо да ангажираме човек кој ќе се занимава со кравите. Така и направивме, купивме уште 5-6 крави и така почна целата приказна. Значи почетоците не беа ни малку лесно, општо во млекопроизводството, во краварството, нема такви периоди кога се остваруваат екстра профити, значи секогаш биле полоши и подобри периоди, никогаш немало периоди на екстра профити.
Од старт произведувате сирење, не го продавате млекото?
Бабаноски: Да, ќе кажам за тоа малку покасно. Среќа наша беше што во тоа време кога ние почнавме со оваа работа, беа малку подобри периоди, концентратот беше со некоја цена која беше исплатлива во споредба со цената на млекото и тогаш работната сила ја имаше повеќе и беше далеку поевтина отколку што е сега и така беше исплатливо тоа производство. Потоа следуваше еден уште подобар период, тоа беше моментот кога со работа започна шведската млекара која за жал траеше многу кратко, но доволно долго за народот кој се занимава со стока увиди дека кога тие почнаа со работа драстично ги зголемија откупните цени на млекото и тоа произвдство тогаш беше најисплатливо. Луѓето се излажаа, зедоа кредити, купија крави, направија штали и започнаа со произвдство на млеко. Знаеме дека тоа е скапа инвестиција, една крава тогаш беше 4 – 4.5 илјади марки, значи за едно штало за да се опреми со 10-15 грла говеда требаше некаде околу 100.000 евра. Луѓето ги зедоа кредитите, започнаа со работа, но за жал шведската млекара прекина со работа и останаа многу неисплатени средства према кооперантите, луѓето беа во безизлезна ситуација, мораа да ги продаваат тие крави, така да останаа без крави, без работа и без пари.
Кога ние почнувавме со оваа работа луѓето во нашата околина гледаа со неверување и беа скептици дека ние ќе успееме во оваа намера која сме ја зацртале. Но јас по природа сум така упорен човек и мислам дека сето она кое ќе го зацртам како план мора да се оствари, но секако моите планови, моите желби секако се во корелација со она возможното, реалното, и мислам дека упорноста игра голема улога и голем фактор дали во нешто ќе успеете или не. Упорноста кај мене отсегаш ја имало, ја има и ден денес и мислам дека и од сегашна гледна точка, успеавме во тоа што тогаш пред многу години го зацртавме како план. Сега веќе немаме дилема во којаправец треба да се развиваме, сега е како онаа народната, бабата дала еден грош за да се фати на оро, а давала пет за да пушти, но нема назад. Тоа се почетоците на нашиот фамилијарен бизнис.
Каде на почетокот го пласиравте сирењето?
Бабаноски: Од самиот почеток, од купувањето на втората крава ние нашето млеко го преработуваме во сирење. На почетокот тоа не беа и големи количини, но најбитен фактор во производството на сирењето е квалитет, ако имаш квалитет тогаш ќе имаш и пласман. Не знам јас во овие 25 години да сме имале проблем со пласманот, се вади пред се квалитет и после е многу полесно за продажба. Тогаш продажбата се вршеше низ трговската мрежа низ градот, ги имаше нашите производи низ продавниците уште од самиот почеток.
Колку моментално имате крави сега и колку литри дневно млеко се произведува?
Бабаноски: Сега имаме околу 80 грла на говеда, тоа е вкупната бројка на мало и големо. Се произведува некаде околу 500-700 литри на млеко, кое го преработуваме кај нас, во нашите капацитети и се дистрибуира на продажните места.
Она што имав можност да го видам како еден интересен факт додека ме запознававте со фармата и производството е тоа дека на секоја крава има имиња, и тоа не обични имиња како порано народски кога кравите ги викаа Ѓурѓа, Ружа, Зора, Митра, сега имате Агенса, Ванеса, Шакира?
Бабаноски: Да, убаво сте забележале, над секоја крава има табла на која се испишани податоци за грлото, тоа е еден вид лична карта што ја имаме ние за самото говедо, каде постои најгоре името на кравата, па ушната маркица која е единствена бројка која е заведена во Регистарот на говеда во Министерството за земјоделие и тие 2 стафки не се менуваат на таблата се додека е живо говедото. А долните податоци кога е кравата родена и кога е отелена се менливи, во зависност од тоа кога кравата се води и се одделува. Паралелно на тоа водиме и друга евиденција дома во електронска форма, а покасно и во печатена форма, кога податоците се менуваат во зависност од тоа кога е кравата водена, кога е отелена , за да не се направи пропуст и да се згреши. Значи една ротација на едно грло говедо, на кравите е околу 110 месеци или преку 300 дена, потоа следува еден пресушен период каде кравата треба да се припреми за следната лактација.
Кој е кумот?
За имињата на кравите кумот сум јас, за да бидеш кум кај кравите не треба многу средства, не е како кај луѓето да одиш по свадби и крштевки, да даваш поклони, овде треба само да одбериш добро име што и прилега на една добра, високомлечна крава. Имињата се бирани од фотомодели, артисти, пејачки, познати личности, имаме крави Саманта, Шакира, Цеца, Индира итн. Тоа е битно да се одбери убаво име, звучно име.
Како што кажавте, кравите ги помните и по имињата, но исто така водите и една прецизна статистика за секое грло на говедо. Во моментот како течи еден обичен ден на фармата тука во селото Мало Коњари?
Бабаноски: Работниот ден започнува рано наутро во 3 и 30 часот, кога луѓето кои ги гледаат и одржуваат почнуваат со молзењеи тоа трае некаде до 6 и 30 – 7 часот додека се средат сите работи. Потоа луѓето кои се занимаваат со таа работа имаат време за одмор се до 12 часот кога повторно се влегува во шталите за да нахранат и да се исчисти ѓубрето кое го прават самите говеда. Тоа трае околу 1 час, час и половина. Потоа има повторно одмор до 3 и 30, кога повторно се влегува за второто молзење, кое исто трае до кај 6 и 30 – 7 часот попладне и после тоа молзење луѓето одат да одморат се до следниот ден кога започнува истата приказна.
Каков вид на раса се овие крави и колку литри млеко даваат просечно во еден ден?
Оваа раса која ја чуваме ние е Хоштајн фризииц, тоа е високомлечна раса на крави и е најзастапена на овие простори, барем во Македонија, или поточно во пелагонискиот регион. Додека во Скопје и кумановскиот регион повеќе е застапена расата Синенталец, која е повеќе за месо, а помалку за млеко, додека оваа раса е исклучиво за произвдство на млеко и е најмлечна раса на овие простори, можеби и во светот.
Откако ќе заврши процесот на молзење кој имавме можност исто така да го видиме, рековте 500 до 700 литри во текот на денот се носат во произвдствениот погон и тука се произведуваат бело сирење, познатото биено сирење, изварка, кашкавал.
Бабаноски: Да, нашите производи се тие и работиме исклучиво со наше млеко, наше производство, не откупуваме млеко од други фарми. Откако ќе се измолзат, млекото се носи во просторот каде се произведува сирењето и се работи. Сирењето се работи на традиционален начин, каде претежно изработката е рачна и не дозволува никакви принеси или додатоци, значи нашите производи се исклучиво чисто млеко, маја и сол, ништо друго.
Значи нема додатоци, нема мешавини, 100% природно, 100% млеко.
Бабаноски: Да, тоа е традиционален начин на производство. Зреењето на биено сирење е малку поизменето од традиционалниот начин како што се работело некогаш на времето, кога требало 21 ден да стои, го чувале надвор на сонце, изложено на надворешни влијание, мислам дека и не е многу хигиенски. Сега зреењето на биеното сирење се врши во топли комори.
Се произведува сирење и изварка буквално секој ден, од сите врсти.
Бабаноски: Да, секој ден е истата работа.
Колку литри млеко е потребно за бело сирење, колку за биено, дали има некаква разлика во самите производи?
Бабаноски: Секако дека има, за биеното сирење и за кашкавалите влегуваат 10 до 12 литри млеко за еден килограм сирење, додека за белото сирење потребни се некаде околу 7 литри за еден килограм. Изварката се произведува од цвикот кој останува од биеното сирење, таа полномасна изварка која е најдобра од биеното сирење. Изварка се произведува и од белото сирење, од цвиката, но таа не е толку квалитетна, малку е со киселкаст вкус и не е толку мрсна како изварката од биеното сирење. Значи имаме провкласна, полномаска изварка.
Колкав временски период треба да помине од процесот на производство што имавме можност да го видиме , па со процесот на конзумација?
Бабаноски: Па откако ќе се направи сирењето, различно е за белото и за биеното сирење. Биеното сирење може да се јаде веднаш после зреењето, по ставањето во сол, бидејќи во процесот на изработка на биеното сирење се попарува со врела вода со што се уништуваат сите бактерии кои ги има во млекото, па така по изработката на самиот производ може веднаш да се јаде. Додека белото сирење, откако ќе се направи треба да се стави во сол, треба да одлежи 2 месеци. Различно е кај овчкото и кравското сирење, овчкото после правењето треба да ферментира околу 3 месеци, а за кравското тој период е пократок и трае некаде околу 2 месеци.
Која е цената на вашите производи кои ги произведувате и дали е исплатливо да се произведува со таква цена и со ваков 100% квалитет, кој вие го задржувате континуирано во целиот временски период додека ги произведувате и по што се препознатливи вашите производи?
Бабаноски: Секако дека ова производство е исплатливо и затоа го работиме, нема некој екстра профит, но доволно е исплатливо за да може да се работи. Јас мислам дека цените не се многу високи и се достапни да може секој да купи од нашите производи, а квалитетот мора да биде на завидно ниво, никако не смее за сметка на квалитетот да се намалува цената. Познавајќи ја ситуацијата на граѓаните во нашата држава и опаднатата куповна моќ, некаде пред велигденските празници, првомајските, сега пред Дуовден, цените ги намаливме намерно за тие големи верски празници секој да може да си дозволи да купи од нашите производи. Квалитетот е реков на завидно ниво, кој пробал знае.
Тој што не пробал може слободно да го посети вашиот дуќан кој го отворивте во новата катна гаража, покрај градската река.
Бабаноски: Од пред 2 години имаме и наше продажно место кое се наоѓа во новата катна гаража кај пазарот во Прилеп, кај градската река, наспроти старата кафана Пајтон, на самиот ќош од катната гаража. Кој не знае еве има прилика да се информира и да ги најде нашите производи на тоа место.
Предлагам да појдиме до дуќанот за да ги запознаеме гледачите со целата ваша палета на производи, но претходно и да вкусиме малку, ќе речат никој не пробува ништо. Ова е бело сирење така?
Бабаноски: Тоа е белото сирење, ова е биеното, кашкавалот.
Навистина одлично! Што преферирате вие, кое е најдобро за вас лично?
Бабаноски: Па јас не сум многу голем љубител на сирењето, но ако треба да одберам, белото сирење за мене е законот.
А кое сирење најмногу го бараат граѓаните?
Бабаноски: Претежно жителите на градот Прилеп навикнати се на биеното сирење, јас мислам дека најмногу биено сирење се троши во Прилеп од целата наша држава.
Ние сме познати по биеното сирење, доаѓаат дури и од други краеви на Македонија само за да го купат.
Бабаноски: Да, да, Прилеп е познат по производството на биено сирење.
Има и во други региони, но го нема оној шмек и вкус како од Прилеп.
Бабаноски: Па останат е тој традиционален начин на производство од некогаш. Најбитно јас мислам за квалитетот на сирењето е чистотата на млекото и традиционалниот начин на изработка каде нема други вештачки работи кои се употребуваат сега со современиот начин на производство на сирења, како што произведуваат големите млекари, таму има се освен млеко.
Сега кога завршивме со разговорот може и да наздравиме и да ги пробаме сите ваши производи.
Бабаноски: Да живееме, да сме здрави и живи, па да се гледаме и во иднина со нови проекти во правец на ова кое го започнавме пред 25 години, и со нови производи.
Ајде сега да отидеме до дуќанот.
Дојдовме во дуќанот кој е лоциран во новата катна гаража покрај градската река. Тука се сите ваши производи изложени. По што се препознатливи вашите сирења?
Бабаноски: Па нашите сирења се препознатливи по тоа што имаат извонреден вкус и се добри за конзумација, се произведуваат на традиционален начин, во нив има само чисто млеко, маја и сол, без никакви примеси, без никакви додатоци. Тоа се чисти производи од природно свежо млеко.
Така и се сертифицирани?
Бабаноски: Да, од пред неколку години нашите производи се сертифицирани и брендирани, имаат име и декларација на секој производ и така се препознатливи кај нашите муштерии по името Млечни производи Бабано. Ова е нашиот продажен центар, кој се наоѓа како што кажа во новата катна гаража кај градската река, наспроти старо Пајтон.
Кои се идните планови на Бабано?
Бабаноски: Па секако дека има планови за во иднина, најпрво се прави анализа на досегашното сработено, ако тоа оди во нагорна линија и ако има резултати од сето работење нормално е да се прават планови за во иднина. Така и ние имаме планови за догледно време кои планираме да ги оствариме, а тоа е градење на нова посовремена штала за околу 100 грла, сега технологијата и техниката е појдена далеку напред, има роботи за молзење кои ја намалуваат работната сила потреба за да се произведи млеко. Секако дека на кровот на новите штали, на новата фарма планирано е да има и сончеви колектори за производство на електрична енергија, знаеме дека електричната енергија е голем фактор и влијае на формирањето на цената на секој производ, па така и на нашите производи, значи цената на струјата игра голема улога. Сметаме да произведуваме и струја за нашите потреби.