ВИДЕО – Бизнис заедницата во Преспа поодговорно да управува со својот отпад

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми



Компанијата „Роза Канина“ од Ресен е вистински пример за циркуларна економија и фирма која се грижи за заштита на животната средина уште од нејзиното формирање во 2003 година. Семејството Петковски произведуваат органски чаеви и хербални производи, каде што сѐ е рефус, нема кесички или пластични амбалажи.

„Чаевите од самиот почеток ги пакуваме во хартиена и картонска амбалажа, значи не работиме со пластика. Останатиот дел од производите ни се во стакло кое може дополнително да се реупотреби во домаќинството или да се рециклира. Отпад создаваме многу малку на годишно ниво и претежно е органски. Значи сѐ што земаме од природата го враќаме назад на природата во вид на ѓубриво. Дополнително имаме вложено и во 2 мали соларни централи, произведуваме малку повеќе од тоа што трошиме, така што се стремиме кон јаглеродно неутрална иднина“, вели Моника Петковска, управител на „Роза Канина“ – Ресен.

На темата „Одржливо управување со отпадот и одговорности за јавната чистота“ се зборуваше и на средбата која ги обедини претставниците на Општина Ресен со бизнис заедницата, јавните претпријатија и граѓанските организации за тоа како да се подобри управувањето со отпадот во Преспа. Еко герила Преспа ја организираше средбата во кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, со поддршка на програмата „ЕУ за Преспа“.

Од јавното претпријатие „Македонија пат“ кажаа дека јавната чистота е обврска на институциите, но и на фирмите и граѓаните. Од таму посочуваат дека регулативата треба доследно да се спроведува, но и да се зголеми информираноста за тоа кој има одговорности за одржувањето на јавниот простор.

„Ние како јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и покрај тоа што не се наша надлежност чистотата на тие патишта, максимлано се трудиме патиштата да се изглед на една држава. Имавме една огромна акција во која на ниво на републиката собравме повеќе од 2 000 тони отпад, иако не беше наша надлежност“, посочо Александар Шуковски, заменик генерален директор на „Македонија пат“.

Според директорот на комуналното претпријатие „Пролетер“ Марчел Русу, општината почнала да го собира отпадот во населените места каде никогаш претходно не се собирало. Тој најави дека во 2026-та ќе се воведе примарна селекција на отпадот и дека бизнис секторот и граѓаните треба активно да се вклучат.

„Примарна селекција на пластика и хартија, на начин на кој на секое домаќинство во градот Ресен ќе му се додели по една жолта канта, бесплатно, а со посебно возило и третман ќе се собира и ќе се постапува со тој отпад. Планираме преку „ЕУ за Преспа“ да воведеме и селекција на градежен шут, а ќе продолжиме и со собирање на кабастиот отпад“, истакна Марчел Русу, директор на ЈКП „Пролетер“ Ресен.

Целта на селекцијата е во иднина Општина Ресен да создава и носи што помалку отпад во регионалниот центар за управување со отпад во Новаци, а колку помалку отпад се одлага таму, толку и помали ќе бидат сметките на граѓаните.

„Годишната програма за заштита на животната средина и природата е во вкупен износ од 112 милиони денари, од кои околу 97 % веќе се обезбедени за 2026 година. Еден дел ќе оди на реализација на големи инфраструктурни проекти – водоснабдување, канализациони мрежи, пречистителни станици. Еден од големите проекти е и учеството на нашата општина во рамките на Пелагониски плански регион заедно со Југозападниот плански регион во спроведување на регионалниот план за управување со отпад“, изјави Ајман Алмала, раководител на секторот за животна средина при Општина Ресен.

Учесниците на средбата се согласија дека соработката меѓу општината и бизнис заедницата треба да продолжи, за да се поттикнат одговорностите на бизнисот кон управувањето со отпадот.

„На оваа дискусија се донесоа заклучоци дека бизнис заедницата треба поодговорно да се однесува со управувањето со својот отпад. Институциите се спремни да ги поддржат таквите иницијативи од бизнис заедницата и да помогнат во реализација на други мерки, механизми и активности за конечно од Преспа да направиме една добра приказна“, потенцираше Марија Евтимовска од Еко герила Преспа.

Одржливото управување со отпадот ќе биде во фокусот на овие средби меѓу Општина Ресен и бизнис заедницата од Преспа во текот на цела 2026-та.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми