Депандансот во локалниот музеј галерија Кавадарци, наречен „Куќа на мирис и вкус“ е составен од неколку делови, а овој пат Томе Крстевски, виш кустос етнолог кој ќе ни ја раскаже приказната за тоа како во минатото изгледа една селска, а како една градска соба, но и за тоа колку и како се произведувал афионот во минатото во Тиквешијата.

Крстевски: Се наоѓаме во таканаречената „Селска соба“, дел од селска куќа која го отсликува нашиот етнички предел Тиквеш. Доминираат предмети кои се изработени од дрво. Во оваа етнолошка соба доминира, како и во минатото, правењето на леб, затоа што луѓето не правеле секој ден леб, правеле 2 пати неделно и местото каде што се правело леб било доминантно, односно најчисто. Денес имаме предмети и места каде што се правел леб, текме го викаме ние тоа, карактеристичен назив во Тиквешијата, каде се вадела дел од фиоката и се користела за правење на леб. Ова е корито со лопатка, како се месел лебот, се ставало брашно, вода, квасец, се замесувало навечер и се остава да преноќи. Самиот предмет се вика ноќва. Рано утрото постарите жени со овој предмет, тарун се вика, го домесувале, го формирале лебот и го носеле на фурна да го испечат. Значи лебот бил доминантен во секојдневието на семејствата. Ова е соларник, солта била често користена, така што солта ја чувале внатре во тој соларник, како предмет кој е во таа карактеристична селска куќа.
Тука е и синијата.
Крстевски: Софтата, која била карактеристична во тој период, во првата половина на 20 век. На софрата доминирале предметите калница, дрвени лажици, катарка, вино, ракија. Ова е залупка, предмет кој служел за зачини во семејството. На самите паноа на оваа поставка имаме поставено и дел од народната носија. Сакаме да го прикажеме карактерот и оние бои кои доминираат во изработката на носијата во Тиквеш. Ова е народна носија која гравитира во село Рожден на Кожуф, но гравитира и во Мариово. Сандаците во минатото се користеле во секое домаќинство.
Што се чувало тука?
Крстевски: Во овој сандак се чувала невестинската носија, односно предмети кои треба да се однесат кај момчето, односно миразот. Значи разликуваме сандаци, ковчези и патувачки сандаци, кои се различни и за намена и за пригодата во која се користат.
Тука се наоѓа и градската соба.
Крстевски: Да, сакаме да направиме компарација за тоа како изгледале во првата половина на 20 век една селска куќа и граска куќа, така да повелете да ја разгледаме.
Овие предмети тука од кој период потекнуваат?
Крстевски: Овие се предмети од првата половина на 20 век. Морам да спомнам дека е ова семејно наследство на фамилијата Цветкови од Неготино. Внукот на Кирил Цветков, кој ги имал овие предмети како семејно наследство, ја напушти нашата држава и ни ги остави овие предмети на користење во музејот. Тоа е и целта на музејот, да може ние да го прибериме ова, да го заштитиме и да го презентираме и промовираме ова културно наследство пред пошироката јавност. Кирил Цветков е роден во 1892 година, учесник во Балканските војни и во Првата светска војна. Ја сакал многу уметноста и соборал предмети. Ова културно наследство го собрал во неговата куќа и го имале како декор во семејството. Импознатно изгледа за во тоа време и делеле од останатите фамилии. После ослободувањето, сѐ што е приватно станало општествено. Ова се кажувања на Кирил Цветков, внукот на Кирил Цветков роден 1972 година, кој ни ги даде предметите. Неколку предмети им се одземени, икони пред сѐ, полиенеј, односно дрвен лустер кој го користеле во семејството, како и некои други скапоцени предмети. 70тите години, на некоја документарна емисија, фамилијата Цветкови гледајќи ја, кај политичарот кој бил на самата емисија, го приметуваат нивниот лустер како и дел од предметите кои ги поседувале.
Кај тој политичар?
Крстевски: Кај политичарот, значи нивните предмети таму завршиле. Во поставката, односно во ова културно наследство доминира овој мебел каде што седиме ние, Отоман се вика. Отоман, потекнува од престолот на султаните во Отоманската империја, каде доминираат таквиот грандиозен стил на мебел. Самиот мебел со орнаментиката која ја има од тој период, самото гравирање на масата и столчињата, била дел од нивното семејство. Имаме футрола со перо за пишување, мастило, табакера која била дел исто така од декорот. Ова е дел наменет за жената, каде имаме кутија за накит, накит и имаме огледалце со предмети за чување на пудра. Ова е табак за дел од албум каде се чувале фотографии од семејството, исто така има добра резба, ова е од орев, значи фамилијата Цветкови посветувала големо внимание на овие предмети. Еве еден предмет кој докажува дека Кирил Цветков, дедото, оваа муниција, односно граната од Првата светска војна, ја искористил за правење на уметнички предмет. Во следните 2 витрини имаме предмети околу послужувањето на храна, послужување на алкохол, сребрениот сад за послужување на овошје доминира во тој дел. Предмети околу дегустирањето на кафе, мелницата за правење на свежо кафе. Во првата витрина стои оружјето од 18 и 19 век, каде доминираат јатагани, камата од 1908 година која ја користеле во четата на Дамјан Груев. Имаме и шпицеста Дебарка, кон крајот на 18 и почетокот на 19 век во Македонија, односно во градот Дебар се правеле едни од најдобрите пиштоли во тоа време, кои работеле со запалување на кремен камен, запалување на барутното полнење и исфрлање на куршумот. Биле дел од секојдневното “парадирање“ на тогашните сопственици на овие пиштоли. Ова семејно наследство ни го даде на користење на 5 години Кирил Цветков од Неготивно, со можност да го продолжиме тоа, а наша задача, како и на секој музеј е ние да ги собереме овие предмети, да ги обработиме, да ги средиме за да може да ги презентирами, но и да се зачуваат. Тоа е основната задача на музејот, да секој посетител да ја чуе приказната за оваа фамилија и да види со какви предмети се располагало во тој период од нашето живеење.
Се наоѓаме во еден дел од музејот кој го претставува производството на афион.
Крстевски: Кавадарци, односно Тиквешијата била позната на Балканот по производството на афион и катран. Огромни површини на афионови полиња биле засадени во Тиквешијата. Сакам да ви покажам како се добивало опиум, односно катран. Кога е зелен плодот, се засекува на еден ден навечер, а рано наутро се вади овој дел и се става во сад и се прават тие познати топчиња во Кавадарци, кои биле замотувани со лисјата од афионовото растение и се ставале во дрвени гајби. Дрвените гајби се носеле на таваните, бидејќи тие биле со поголем провев, во минатото не биле толку добро затворени таваните, имало провев и се ставал опиумот, односно катранот да се исуши. Што подобро исушен катран, бил поквалитетен, а тиквешкиот катран бил најпознат на Балканот гледано по тие опиумови единици, кои биле 18.6, како што за пишано во документите. Афионот имал голема експанзија во Тиквешијата и богатството на кавадарчани во тој период се мерело кој колку топчиња имал. Дел од производството на катранот служело за носење во фармацевтската индустрија, во „Алкалоид“ во тоа време, каде се правеле лекови. Исто така од самото семе на афионот во Кавадарци се добивало и шарлаган, односно масло за јадење.