Вистински хаос со такси превозот во Прилеп. Во моментов само 26 такси возила се легални, а додека над 150 возила кои превезуваат патници се диви таксисти. Тука се отвора прашањето како и зошто надлежните служби во општината и другите органи овие изминати години дозволиле вакво безредие по прилепските улици. Сега за прв пат после цели 18 години Советот донесе одлука за изменување и дополнување на постојната одлука за авто-такси превоз која е донесена во далечната 2008.
„Си има институции тука, јас мислам дека треба Општината во соработка со МВР, со инспектор да се залага дивите таксисти да се средат до одреден степен.
Колку диви таксисти има?
Сигурно 150 има. 26 има легални што работат со фирма, со лиценца“, рече Валентин Јорданоски, такси превозник.
„Во нашава гранка имаше малку запоставување 18 години и конечно најдовме решение. Паркинг местата ќе се решат сега дополнително после оваа одлука, бидејќи ќе бидат преобележани и ќе се знае точно кои се места за нас, кои се за приватно паркирање“, додаде Горан Ѓурчиноски, такси превозник.
Со оваа нова одлука ќе се определат 10 такси-станици на територијата на градот Прилеп, со вкупен капацитет од 36 паркинг-места. Максимум лиценцирани такси-возила ќе може да има 200 и истите треба да имаат унифициран изглед и секое возило да има ознака TAXI и налепница со логото на Општина Прилеп. Ќе има јасно утврдени тарифи за такси-превозот од 35 денари за изминат километар, заштитна цена од 80 денари за превоз до еден километар и 300 денари за еден час чекање.
„Граѓаните би можеле да ги препознаат и да ги користат нивните услуги. Би добиле цена која ќе биде унифицирана, нема да имаат повисока цена од некој превозник кој не е лиценциран и не ги почитува законите и правилата. И би имале безбедност при нивното патување, затоа апелираме да го користат превозот на лиценцираните такси превозници“, изјави Билјана Кржеска, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Одлуката ќе се применува од 1 јануари 2027 година, а до тогаш овој период е предвиден за сите учесници во дејноста навремено да се информираат, да ги завршат потребните подготовки и да се приспособат на новите услови, затоа што потоа ќе следувале ригорозни мерки и казни.