Во Општина Прилеп денеска се запишаа 510 првачиња или 30 помалку од лани, а вкупно во основното образавание има 5.600 ученици, средното образование пак го посетуваат 2.800 ученици, од кои 700 се запишале во прва година. Од општината истакнуваат дека сите 10 централни и 15 подрачни училишта биле комплетно подготвени, а со оптимизацијата немало затворање на ниту едно училиште, а исто така немало ниту еден наставник да биде отпуштен од работа.
„Во соработка со основните училишта подготвивме мали пакети со основните училишни прибори кои им се потребни на првачињата, чисто да го означиме почетокот на учебната година, а оваа година за прв пат даваме поддршка на семејствата во висина од 3.000 денари која што сметаме дека ќе биде добредојдена за секој семеен буџет за да го олесниме стартот на секое семејство во воведувањето на нивните деца во основното образование“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Летово се потрошиле 20-тина милиони денари за подобрување на условите во училиштата на целата територија на општината.
„Околу 20-тина милиони денари се инвестирани во основното и средното образование за подобрување на квалитетот на наставниот процес кој што треба да се одвива, тука би ги споменал спортските игралишта кои се во завршна фаза во ООУ „Кире Гаврилоски и ООУ „Кочо Рацин“, во завршна фаза е партерното уредување кај новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“, овде во ООУ „Рампо Левката“ се изхради ново игралиште за баскет со мека подлога и се заврши реконструцкијата на фасадата“, додаде Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Годинава биле решени и проблемите со превозот на учениците од другите општини, од 8 линии сега ќе стартуваат 7, а за 10-тина дена се очекува да тргне и 8-мата линија, со што комплетно ќе бидат опфатени учениците кои живеат надвор од Прилеп.