Општина Прилеп во соработка со ЈКП „Комуналец“ на 15-ти ноември, во сабота ја организира еко акцијата „Еко мисија, твојот потпис за природата“, чија цел е сите граѓани да се вклучат во чистење на градот и отпадот кој самите ние, поради нашата несовесност, го расфрламе на сите страни, како во градот така и во неговата околина. Ќе се чисти низ целиот град, но ќе има три клучни точки на кои ќе се посвети поголемо внимание, односно таму каде што фрлањето на отпад и дивите депонии се најмасовни. Ракавици и кеси за чистење ќе бидат обезбедени од ЈКП „Комуналец“.
„Ги покануваме сите граѓани на Прилеп да се вклучат во оваа акција, ќе има организиран превоз, 3 пункта се на кои сметаме дека треба да се посвети внимание а тоа се комплексот на вештачкото езеро, излетничкото место Селце кон манастирот Свети Димитрија во населеното место Селце и кон населеното место Волково и она што е во програмата за реализација, односно за подготовка за изградба на еден нов рекреативен парк кој би се наоѓал во околината на вештачкото езеро во населеното место Волково. Понатаму влезовите на градот, улицата „Орде Чопела“ од градските гробишта кон влезот во Варош, улицата „Леце Котески“ кон градот и улицата „Александар Македонски“, во зависност од можноста и активираните луѓе, да се исчисти покрај патот до населеното место Ново Лагово. Секако и дивите депонии на патот Прилеп – Волково, патот Прилеп – вештачко езеро, каде граѓаните одлагаат градежен отпад и мислам дека заслужува внимание да се исчисти тој потег од градот за да онаму каде што треба да излезиме да дишиме чист воздух не гледаме отпад во целокупната околина.
Акцијата е планирана за да се подигне свеста кај граѓанството и полека да се враќаме на оние патеки дека навистина треба да ја чуваме и негуваме природата во која што живееме.
Уште еднаш ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани во 08:30 часот пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе има организиран превоз, договорени се локациите, одржавме координативни состаноци со јавните комунални претпријатија и образовните институции во градот, денеска би имале уште еден координативен состанок со сите институции кои функционираат во градот, направив кратка средба со претставниците на реалниот сектор, стопанската комора, информирани се и вработените оние кои се во можност, кои немаат дејност во сабота да се вклучат и тие и повик нормално до сите граѓани кои се расположени да го направиме ова еден симболичен старт на она што би се случувало неколку пати во текот на секоја наредна година“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.