Градскиот Саат во Прилеп годинава одбележува 200 години од своето постоење, 200 години откако овој споменик на културата позади мене е центарот на денешен Прилеп. Тој е неговото срце и неговата душа, 2 века овој споменик на културата е сведок на историјата која се случува тука во прилепската чаршија, на еснафот, на трговците, на пазарот, на смеата, на радостите, но и на тажните моменти кои изминатите 200 години се случувале тука во центарот на градот. Со Градскиот Саат пораснале генерации и генерации на прилепчани, постои 2 века, а ние како граѓани се надеваме дека ќе постои со милениуми да ни го краси нашиот Прилеп. Денес Градскиот Саат во Прилеп е споменик на културата заштитен со закон од највисок ранг.

Заедно тука со нас е Димитар Чучуроски, човекот кој во 2013 година, после 15 години пауза и неработење, му ја врати душата на Градскиот Саат во Прилеп. Вие сте човекот кој успеа да го поправи механизмот кој е донесен од Австрија 1958 година според историските записи и денес ја имаме таа чест да биде тука во Градскиот Саат и да го слушаме неговото отчукување. Значи вие човекот кој го одржува Градскиот Саат и кај вас е клучот од него.
Чучуроски: Да. Сега ќе одиме полека да се качиме горе, ќе го навиеме, ќе го дотераме.
Колку години ја работите оваа работа, од 2013?
Чучуроски: Од 2013, значи 12 години го одржувам. 2-3 пати неделно морам да се качам горе за да се навија механизмот, напред – назад за дотерување, подмачкување, чистење.
Како се чувствувате секогаш во моментот кога ја отворате оваа врата?
Чучуроски: Ова мене ми е храна, јас цел живот сум занаетчија, саатчија и ова ме храни мене. Ми прави задоволство.
Градскиот Саат, како го чувствувате?
Чучуроски: Го чувствувам како мое дете, ми е мерак да се качувам, да го одржувам додека можам, а за понатаму ќе видиме.
Ајде да им го претставиме Градскиот Саат на сите оние кои немале можност да видат како изгледа горе.
Чучуроски: Ајде.
Се наоѓаме внатре во Градскиот Саат, навистина просторот е малку тесен и како што може да се забележи поделен е на 2 дела, овој дел каде се наоѓам јас е простор кој се протега до самиот врв на часовникот, да погледнете како изгледа тоа. Ова е просторот каде се наоѓа клатното на Градскиот Саат и теговите, а сега од другата страна може да забележите каде што стои Диме имаме тесни, спирални скали кои одат до самиот врв. Навистина интересно архитектонско дело и не секој имал можност да погледне како изгледал Градскиот Саат. Чучуроски, дали имате изброено колку пати се имате искачено по овие тесни скали.
Чучуроски: Па рековме 2013, значи 12 години по 3-4 пати неделно се качувам, тоа е многу.
Колку скали има до горе?
Чучуроски: Догоре има камени скали 63, а дрвени се уште 23, значи вкупно 86.
На колку дела е поделен Градскиот Саат. На 3 дела со механизмот?
Чучуроски: Земено со највисокиот дел се 3 дела.
Тука се 63 камени скали и 23 дрвени.
Чучуроски: Кои водат до врвот.До кубето.
Ајде да погледнеме како изгледа просторот и како се искачува.
Чучуроски: Ајде.
Значи прозорчиња нема?
Чучуроски: Има мали прозорчиња од десна страна за вентилација, но не се обични скали, овие се камени, но и високи, најмалку 30 сантиметри се високи и не можеш нормално да се качуваш како на обичните скали.
Како што може и камерата да им покаже на гледачите навистина скалилата се премногу високи и имаат нестандардна големина. Просторот е навистина тесен и доколку некој има некаква фобија од тесен простор можеби ќе го фати мала паника тука.
Чучуроски: Да, има случаеви кога луѓа се качиле од радозналост, сакале да видат. Една случка ми се случи, се качивме со едно дете горе, сакаше да види, виде што виде, јас тогаш моментално го поправав саатот и рече јас чичко Диме сакам да си одам. Добро му велам, не е проблем. Ајде пријатно. Едно време некој ми офка долу на платформата подолу, гледам се издишува човекот. Што е работава му велам? Рече не можам, страв ми е да слезам долу. Фобија некоја. Слегов и јас со него, за да слези човекот, инаку му беше страв.
Оваа кула е изградена 1858 година?
Чучуроски: Да, 58-ма.
Според историските записи кој ја градел?
Чучуроски: Како што слушам Тасламиче и Лауцо, тие двајцата биле.
Петар Лауцот и Ристе Тасламиче, познати градски мајстори.
Чучуроски: Но градбава е чудо.
Треба пауза малку, не може да се изоди во еден од.
Чучуроски: Не неможе, тоа е, годините нѐ навасаа.
Нас малку килограмите.
Чучуроски: Кога го поправав, 3-4 пати денот се качував и слегував, но сега малку потешко. Оттогаш има 12 години, не се малку.
Колку скалу изодевме досега?
Чучуроски: Не знам дали сме до пола дојдени.
Значи ова е делот на првата платформа?
Чучуроски: Да.
Се наоѓаме на првата платформа, ги искачивме 63-те камени скали, навистина е мал предизвик да се качат, не е толку лесно, иако можеби од надвор изгледа дека висината е мала. Се наоѓаме сега кај отворот што го покажавме, каде се наоѓало клатното и теговите на Градскиот Саат. Што имаме тука, дали се овие стари механизми?
Чучуроски: Ова е стариот механизам, откога го направиле саатот. Имало 2 макари, овие се тие, едната е веќе извадена. 2 макари и со обична ортома, 2 камења врзани каде што се теговите сега и рачно се навивале. Со самото работење камењата слегувале надолу, кога ќе слези до долу тие рачно преку овие макари го навивале саатот за да работи.
Да се качат теговите горе?
Чучуроски: Се качувале камењата, тогаш не биле тегови и со самата работа слегуваат надолу. Потоа го направиле со тегови, а ние го усовршивме со електричен мотор и со него го навиваме сега.
Значи овие тегови беа поврзани со стариот механизам?
Чучуроски: Да, механизмот е истиот.
Што е донесен од Виена или од Грац, точно не се знае од каде, но знае дека е австриски.
Чучуроски: Од Австрија, да. Тоа е стариот механизам, 200 години работи и ден денес, нормално со одржување.
Ајде да го погледнеме. Сега рековте уште колку скали имаме до механизамот?
Чучуроски: Уште 23.
Па да стигнеме до втората платформа.
Чучуроски: Да, ајде.
Значи сега се качуваме по тие дрвени скали?
Чучуроски: По дрвените скали.
Овие се исто изградени во тоа време?
Чучуроски: Да, тие се старите.
Сега имаме уште еден дел.
Чучуроски: Да, сега одиме кај механизмот.
Ова е еден од прозорците на Градскиот Саат што имаме можност да го забележиме од надвор кога ќе ги погледнеме во високите делови. Од тука имаме и една панорама на градот.
Чучуроски: Ако сакате може да отвориме, се снима.
Ќе снимиме на слегување. Да го видиме прво механизмот. Тука отворот е малку потесен.
Се наоѓаме во делот каде што е механизмот, а овие тука што може да се забележат се механизмот за стрелките.
Чучуроски: Тие се водачи на стрелка.
Тие се за трите часовници, кои се на трите различни страни од Градскиот Саат.
Чучуроски: Ајде прво да го навијаме.
Сега што се случува во овој момент?
Чучуроски: Сега го навиваме, сега теговите одат нагоре. Потоа со самата работа полека слегуваат надолу.
Колку пати неделно треба да се направи оваа процедура?
Чучуроски: Оваа процедура 2-3 пати неделно мора да се направи, да се навија за саатот да работи. Не е баш лесно за одржување, но волјата за градов, морам да го правам ова бидејќи е симбол на градот. Прилеп е познат по Градскиот Саат.
Дали може да ни ја откриете тајната што беше проблемот за тој да не работи 15 години и како вие го поправивте?
Чучуроски: Тајната ја имам кажано, кога застанал саатов се собрале 4 инжинери машински, сакале да го поправат. Не работел 2-3 години и баш тие мене ми кажуваа, го поправале 6 месеци и на крајот се скарале и така го оставиле, не го направиле. Ме праша едниот, Диме што му направи на саатон што тргна? Ние 6 месеци го правиме. Му велам, саатчиска работа беше тоа, не беше инженерска, да ме викневте тогаш немаше проблем, ќе ја завршевме работата. Имаше повеќе дефекти, реков саатчиска работа. Некои делови се преправија, ги носев на преса, на дребонг, ги преправија и саатот си тргна.
Што би кажале како саатчија за овој механизам кој е направен пред 200 години?
Чучуроски: Ова е интересна работа, јас самиот се чудам, еден милиметар нешто да фали на саатов и не работи, мора сѐ да биде погодено, прецизно, малку да фали нешто и застанува. Самиот се чудам пред 200 години еден ваков мајсторлук да има, чудо.
Порано како отчукувам часовникот, со камбана, со ѕвончиња?
Чучуроски: Камбана има горе, вака чукал.
Овој големиот запчаник е за камбаната?
Чучуроски: Да, но е разјаден, никој не се нафаќа да го направи, па го направивме електронски да бие. Еве, вака бие.
Значи ова звукот на стариот Градски Саат?
Чучуроски: Да, старата камбана.
Како што кажавме ова се држачите за стрелките кои излегуваат надвор. Тоа е како мало прозорче.
Чучуроски: Да, што го покажуваат времето. Иако стрелките не ги гледаме, за тоа треба искуство.
Вие знаете каде се наоѓаат?
Чучуроски: Да, еве сега е шест, еве го седум, седум и пол, осум, осум и пол, девет, десет, единаесет, дванаесет, еден, еден и дваесет.
Потоа овој механизам како е поврзан?
Чучуроски: Еве го механизмот, со саатот. Како што работи механизмот, така ги врти запчаниците.
Значи се наоѓаме на таканаречената тераса на Градскиот Саат, тука навистина имаме една прекрасна панорама, еден прекрасен поглед на градот. Колку често стоите тука и се восхитувате?
Чучуроски: Секое идење кога го навивам излегувам надвор, имам и доста фотографии, а и уживање е, цел град го гледаш. Навистина е уживање.
Доаѓаат ли често луѓе тука да уживаат во овој поглед?
Чучуроски: Овде горе?
Да.
Чучуроски: Не, 2-3 се имаат само качено. Велат уште еднаш и пари да ми давате не се качуваме.
Имаат страв. Навистина кога ќе се погледне долу.
Чучуроски: Не само тоа, и скалите им се мачни за качување. Велат уште еднаш и пари да ми даваат не се качувам.
За вас е ова уживање и мелем за душата.
Чучуроски: Така е, си вртам кругчиња овде.
Да тука може да се движиме, да покажеме дека може. Од едната страна го имаме дронот кој нѐ снима, да им покажеме на гледачите дека може да се заврти круг околу Градскиот Саат. Како што може да се забележи, Градскиот Саат е изгаден врз 6 аголна основа и ги има овие дрвени столнови, кои сега се обложени со лим за нивна заштита.
Чучуроски: Од временски непогоди. Интересна градба.
Која е вашата порака која би ја упатиле како човек кој му ја врати душата на Градскиот Саат до прилепчани?
Чучуроски: Мојата порака е Саатов да се одржува понатаму, јас не знам уште колку можам да го одржувам, но гревота е ова здание да се запусти така, односно да се запостави. Треба да продолжи традицијата, бидејќи градот е познат по Градскиот Саат.
Тоа е најубавиот, најмаркантниот белег, а и најпознат на нашиот град.
Чучуроски: Па и во Македонија можам да кажам, поубав Саат нема од овој, и во градба и во сѐ. Пораката е да се одржува и понатаму, градските власти да преземат некои чекори.
Му треба мало реновирање, реконструирање како што можеме да забележиме.
Чучуроски: Мора, треба да се оспособи да можат и странците да го посетуваат.
Треба и негова поголема промоција, она со што можеме да се пофалиме е дека овој Градски Саат е една година постар од лондонскиот Биг Бен. А исто така и местото каде што сега стоиме, односно неговата инклинација, или навалување на кулата е околу метро и 17 сантиметри од неговата основа, така што практично ние сме повеќе од 1 метар сега надвор од неговата основа, што исто така го прави своевидна атракција, на еден начин како кривата кула во Пиза. Така да овој Саат има многу приказни кои ние треба да ги продадеме на туристите кои доаѓаат и го посетуваат нашиот град.
Чучуроски: Реков, гревота е да се запостави така.