Постои ли реална опасност еден ден пешки да стасаме до островот Голем Град?
Ружица Перевска, советник за управување и мониторинг на водите на Преспанско езеро, на ова наше прашање вели дека не верува оти Преспанското Езеро ќе стаса до оваа точка. Историјата на Преспанското Езеро покажува големи осцилации – од драстично високо ниво, до пониско, вели таа, но сепак е оптимист дека ова, најстрашно сценарио за Преспанското Езеро нема да се случи.
Преспанското езеро секоја година е сè помало и има сè помалку вода. Климатските промени се главниот фактор, но тука не може да се исклучи и комплетната негрижа на државата по ова прашање во изминатиов период, како и несоодветното управување со водите и нивното загадување поради несоодветниот третман на отпадот.
Од 2015 година во селото Стење функционира и Мониторинг-станица на Преспанското езеро, која 10 години го следи квалитетот и квантитетот како и физичките и хемиските карактеристики на водата.
„Имаме драстично намалување на нивото на водата на Преспанското Езеро и би нагласила какво влијание имаат климатските промени. Би зела за пример, во изминативе три години во месец јануари имаме постепено покачување на температурата. Односно пред три години температурата на водата во Преспанското Езеро и овој јануари 2026 година веќе имаме зголемување на температурата за три степени“, вели Перевска.
Проблемот за тоа каде се губи водата е комплексно да се одговори. Но, ако тоа прашање заеднички го решат трите држави кои го делат езерото – Македонија, Грција и Албанија, тогаш за има надеж. Токму затоа веќе во тек е меѓуграничниот проект и договор за т.н. Преспа парк. Радува и фактот што поради дождовите само зимава нивото на езерото е зголемено за 70-тина сантиметри.
„Третирањето на проблемите за квалитетот и квантитетот на Преспанското Езеро мора да бидат прекугранични. Тоа е едната работа. Мора да донесеме одлука за воспоставување база на податоци, историски релевантни и во согласност со нив да можеме да планираме мерки и активноси. Третата работа е ревидирање на Акцискиот план за Преспанското Езеро кој е донесен во 2004/2005 година, за жал од кој поголемиот дел, да не кажам целосно не е спроведен“, објаснува Ајман Алмала, раководител на секторот за животна средина при Општина Ресен.
За важноста на водите и езрото, Институтот за комуникацис студии заедно со Еко Герила Преспа и Македонско еколошко друштво, по повод Меѓународниот ден на водата, организираа работилница токму во Мониторинг-станицата во Стење, на која учествуваа основците од Ресен.
Учениците од ОУ „Мите Богоевски“ од Ресен со кои разговаравме посочуваат дека несовесното однесување на луѓето е еден од главните фактори што му штетат на езерото. Според нив, отпадот често се фрла во природата, а подоцна преку ветер и други природни процеси може да заврши во водата.
„Луѓето фрлаат ѓубре во природата и мислат дека нема да стигне до реката, но тоа сепак доаѓа таму“, вели ученикот Валентин Шундески, апелирајќи на поголема одговорност и грижа за животната средина.
Учениците укажуваат и на потребата од подобра организација на отпадот, како и на внимателно користење на вештачките ѓубрива во земјоделството.
„Не треба да се расфрла отпад насекаде и мора да внимаваме како ги користиме ѓубривата, за да го заштитиме нашето езерото“, додава ученикот Димитар Лембовски, нагласувајќи дека преку едукација и кампањи може да се подигне свеста кај граѓаните.
Наставниците и екологистите позитивно го оценуваат настанот, посочувајќи дека ваквите активности се важни за едукација и подигање на свеста кај младите за заштита на природата.
„Имавме една продуктивна работилница на која децата се запознаа со значењето на Светскиот ден на водите, се запознаа со повеќе факти за Преспанското Езеро и исто така имаа и една работилница каде им беше објаснето кои се најдобрите начини за управување со отпадот и како несовесното управување со истиот би довело до штетни последици за самото езеро“, рече Лазар Дечков, наставник по историја во ОУ „Мите Богоевски“ Ресен.
Од граѓанскиот сектор додаваат дека ваквите активности имаат конкретна едукативна и еколошка вредност.
„Она што Еко Герила Преспа го имаше како цел на активност на овој настан беше да образложи како тоа отпадот директно влијае врз водните системи, загадувањето на водата, врз сите живи организми кои живеат во водните системи и како ја уназадува или ја уништува природата покрај крајбрежјето, која е многу важна во понатамошното развивање на одредени ситуации и состојби со квалитетот на водата“, потенцираше Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
Заштитата на водите е само еден од сегментите од заштита на целиот еко систем доколку сакаме во иднина Преспа да ја направиме една од најчистите средини во Европа, онаква каква што и заслужува да биде.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.